Navigation
 

Денес, во седумте институти на ПМФ и во Сеизмолошката опсерваторија се вработени 179 наставно-научни работници, од кои 120 се доктори на науки, а 36 се магистри. Тие изве­ду­ваат настава по околу 300 наставни предмети на матичниот факултет, на 14 други фа­култети во состав на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје (Медицинскиот, Фармацевтскиот, Стоматолошкиот, Факултетот за земјоделски науки и храна, Шумарскиот, Ветеринарниот, Градежниот, Архитектонскиот, Рударско-геолошкиот, Филозофскиот, Педагошкиот во Скопје и Педагошкиот во Штип), како и на Техничкиот факултет и на Факултетот за учители при Универзитетот "Св. Климент Охридски" во Битола. Тешко е да се направи преглед на многу­број­ните научни трудови и проекти изработени на ПМФ, додека бројот на издадените книги и учебници и на подготвените скрипти и практикуми изнесува околу 300, при што дел од учебните помагала се во електронска форма.

Во врска со основната задача да подготвува кадар, доволно е да се нагласи дека во целиот 60-годишен период, од 1946 до 2006 година, Природно-математичкиот фа­кул­тет претставува единствена високошколска институција во Македонија каде што се образуваат кадри од областа на природните и математичките науки. Денес, практично, целокупниот високообразован кадар по математика, физика, хемија, биологија, географија и етнологија во Македонија е оформен на Природно-математичкиот факултет. До 30 септември 2006 година на Факултетот дипломирале 8411 студенти (1160 на математика, 656 на физика, 2073 на хемија, 1780 на биологија, 1685 на географија, 143 на етнологија, 580 на информатика, 202 на математика-физика и 132 на биологија-хемија).

Сите помлади асистенти и стручни соработници се обврзани да запишат магистер­ски студии, а магистратурата е предуслов за добивање асистентско звање. Досега со степен магистер на ПМФ се здобиле 430 кандидати, и тоа од областа намате­­матиката 76, на физиката 53, на хемијата 95, на биологијата 120, на географијата 56, на етнологијата 5 и на информа­тиката 25. Со звањето специјалисти, пак, на ПМФ се стекнале 34 кандидати (15 на математика, 9 на хемија и 10 на биологија).

Во 1952 година беше одбранета првата докторска дисертација на нашиот Универ­зи­тет, и тоа од областа на математичките науки. Оттогаш досега на Природно-математичкиот факултет се одбранети вкупно 313 докторски ди­сертации: 44 од областа на математиката, 50 од областа на физиката, 70 од областа на хемијата, 91 од областа на биологијата, 45 од областа на географијата, 2 од областа на етнологијата и антропологијата и 11 од областа на информатиката.