Магистер Гаџовска Соња - Асистент

Родена на 21 август 1973 г.,во Скопје, каде што ги завршила основното и средното образование (биотехнолошка насока). Во учебната 1991/92 г. се запишала на студии по биологија, биохемиско-физиолошка насока, при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирала во 1996 г. а во 1996/97 год., се запишала на постдипломски студии на Институтот за биологија, биохемиско-физиолошка насока, при ПМФ во Скопје. Во 1997 г. била назначена за демонстратор во Одделението за физиологија на растенијата и физиологија на развитокот на растенијата со култура на ткиво при Заводот за ботаника со ботаничка градина на Институтот за биологија, а во 1998 г.била избрана за стручен соработник на истото Одделение. Во 2001 г. била избрана за помлад асистент на Заводот за ботаника со ботаничка градина на Институтот за биологија при Факултетот. Магистерскиот труд под наслов: Содржина на хиперицин кај in vitro култури и регенерирани растенија од Hypericum perforatum L. го одбранила 2002 г.Во 2003 г. е избрана за асистент на Заводот за ботаника со ботаничка градина на Институтот за биологија при Факултетот.Во периодот од 2001 до 2005 г.била запишана и успешно ги завршила докторските студии по клеточна и молекуларна биологија, насока физиологија на растенијата на Универзитетот во Орлеан, Франција. Во рамките на меѓународниот проект (2000/2003): “High education of post-graduate net in Biology in south-east Europe (Appui a un reseau d’enseignement superieur post-graduate en biologie en Europe du sud-est)” на Универзитетот во Орлеан, Франција ја изработила својата докторска дисертација под наслов: “Production de metabolites secondaires par les cultures de cellules et de tissus d’Hypericum perforatum L. Effets de divers facteurs exogénes” (“Продукција на секундарни метаболити кај култури на клетки и ткива од Hypericum perforatum L. Влијание на различни егзогени фактори) и истата ја одбранила во 2005 г. За време на докторските студии била корисник на стипендија, што ја доделува Франкофонската универзитетска агенција - Bourse de Formation à la recherche de l’Agence Universitaire de la Francophonie (AUF).Од учебната 1997/98 г.до денес ја изведува практичната настава по предметите физиологија на растенијата и физиологија на развиток на растенијата со култура на ткиво на Институтот за биологија при Факултетот. Главно подрачје на научен интерес на д-р Гаџовска е од областа на физиологијата и биохемијата на растенијата, односно истражувањата за секундарниот метаболизам на растенијата, а особено продукцијата на секундарни метаболити кај in vitro култури на растителни клетки и ткива. Научните истражувања на д-р Гаџовска се фокусирани врз влијанието на биотичките и абиотичките елицитори врз продукцијата на секундарни метаболити кај растителни in vitro култури; хемиска анализа на секундарните метаболити со примена на високоефикасна течна хроматографија (HPLC), масена спекторметрија со јонизација со електроспреј (ESI-MS) и гасна хроматографија (GC-MS); активност на клучните ензими во секундарниот метаболизам; антиоксидативните својства на растителните екстракти; редокс потенцијалот на растителната клетка и метаболичкиот инженеринг. Резултатите од својата досегашна научноистражувачка работа ги има презентирано на 16 научни собири од државен и меѓународен карактер (7 во земјата и 9 во странство), како и објавено во 14 оригинални научни трудови (11 во домашни списанија и 3 во странски списанија со импакт фактор). Д-р Гаџовска учествувала во реализацијата на 3 научноистражувачки проекти (2 домашни и 1 меѓународен). Во 2004/2005 год., на Универзитетот во Орлеан, Франција го реализирала и индивидуалниот проект финансиран од TEMPUS програмата на EU: “Educational training program for analyses of secondary metabolites in plant cell and tissue cultures, and training of different techniques for analysis of plant metabolites: High performance liquid chromatography (HPLC), Fluorescence Spectroscopy, Mass spectrometry (ESI-MS), in order to implement the acquired expertise in new laboratory activities at home University”. Во периодот од 2001 до 2005 год., престојувала по 6 месеци годишно во Лабораторијата за виши и дрвенести култури (LBLGC) на Универзитетот во Орлеан, Франција. Во овој период, д-р Соња Гаџовска учествувала во научноистражувачката дејност на повеќе институти и лаборатории во Р. Франција: Лабораторијата за виши и дрвенести култури (LBLGC) при Универзитетот во Шартр, Лабораторијата за молекуларна биологија и растителна биохемија при Фармацевтскиот факултет во Тур, Лабораторијата за генетика и физиологија на вишите растенија при Националниот институт за земјоделски истражувања на Р. Франција (INRA, Orléans), како и во Центарот за молекуларна биофизика при Националниот центар за научни истражувања на Р. Франција (CNRS, Orléans). Д-р Соња Гаџовска одлично ги познава англискиот и францускиот јазик и е член на Асоцијацијата на докторанти од Орлеан, Франција (ADSO), Асоцијацијата за истражувања на лековити и ароматични растенија во југоисточните европски земји (AMAPSEEC) и Асоцијацијата за биотехнолошки истражувања на Централниот регион на Р. Франција (Association Biotechnocentre de la Région Centre, France).