Магистер Панов Сашо - Асистент

Роден на 18 ноември 1967 г. во Скопје. Дипломирал на студиите по биологија, биохемиско-физиолошка насока, на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1994 г., со среден успех 9,32. Постдипломските студии на Институтот за биологија, Панов ги завршил во декември 1999 г. со одбрана на магистерскиот труд од областа на молекуларната туморска биологија под наслов: "Детекција на специфични мутации на H-rasонкогенот кај уротелни неоплазми". Докторската дисертација под наслов "Ефекти од потиснувањето на bcl-2 и hTERT гените со примена на RNA интерференција кај клеточни линии на белодробен карцином" ја одбранил на 8 јули 2005 г. и се стекнал со научниот степен доктор по биолошки науки. Научната преокупација на д-р Панов е молекуларната генетика на човечкиот канцер, потиснувањето на прекумерно експресираните гени со помош на RNA интерференција, индукција на апоптоза кај малигните клетки во in vitroуслови и други сродни теми. Во текот на последниве години, во Лабораторијата за молекуларна биологија ги вовел техниките за нерадиоактивно секвенционирање на DNA, молекуларно клонирање во плазмидни вектори, клеточна култура на мамалиски клетки, трансфекција на континуирани клеточни линии на малигни клетки со хемиски агенси и со електропорација, како и други софистицирани методи кои се есенцијални за вршење на наведените научни истражувања и проектни активности. Во последниве десет години, Панов бил автор или коавтор на 12 рецензирани трудови и 22 конгресни излагања и соопштенија во земјава и во странство. Учествувал како соработник-истражувач во 11 научноистражувачки проекти, како и во два апликативни проекти. Бил главен истражувач на проектот "Development Of Efficient Gene-Delivery Protocols" спонзориран од Светската федерација на научници и моментно е главен истражувач (од Македонската страна) на еден меѓународен проект. Д-р Панов бил ангажиран во изведувањето на теоретската и практичната настава по повеќе предмети од наставно-научните области Молекуларна биологија и Молекуларна генетика на додпиломските и постдипломските студии. Автор е на универзитетскиот учебник Основни методи во молекуларната биологија кој студентите го користат во практичната настава по неколку предмети од областа на молекуларната биологија. Ментор е на две магистерски теми и континуирана ги обучува студентите во Лабораторијата за молекуларна биологија. Во рамките на апликативната активност на Лабораторијата за молекуларна биологија, под раководство и супервизија на д-р Панов се изработени околу 12.000 (дванаесет илјади) молекуларни анализи за детекција и типизација на хуманиот папилома вирус (HPV) во гинеколошки примероци за дијагностички цели. По покана, д-р Сашо Панов одржал повеќе научно-стручни предавња во медицински установи. Член е на Европското здружение за хумана генетика (European Society of Human Genetics), на интернационалната Организација за хуманиот геном (HUGO), на Здружението на медицинските биохемичари, на Издавачкиот одбор на Годишниот зборник на Институтот за биологија при ПМФ (Annual - Biology), на Друштвото на биолозите на Р. Македонија.