Доктор Меловски Љупчо - Вонреден професор

Роден на 30 јуни 1958 г. во Гостивар. Основното образование го завршил во Скопје, а средно образование во Гимназијата "Р. Ј. Корчагин" во Скопје. Во 1977 г. се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје, а дипломирал на истиот факултет во 1981 г. со просечна оценка 9,44 и дипломска работа од областа на систематиката на вишите растенија. Во 1984 г. е примен како приправник на Биолошкиот факултет (Ботанички завод) - Скопје во Одделението за екологија на растенијата каде што и денес работи. Уште во почетокот, бил вклучен во научната и наставната работа на Институтот, а во 1986 г. е избран за помлад асистент и преизбран во истото звање во 1990 г. За асистент на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија на ПМФ - Скопје бил избран во 1992 г. и преизбран во 1995 г. За доцент бил избран во 1997 г., а за вонр. професор во 2002 г.. Бил вклучен во реализацијата на практичната настава по предметот Екологија на растенијата и други сродни предмети, како и други општо­биолошки предмети. Од изборот за доцент до денеска држи настава од повеќе еколошки предмети (екологија и екофизиологија на растенијата и заштита на животната средина). Во наставата на еколошката насока на институтот воведе и изведува повеќе нови предмети: екологија на терестрични екосистеми, биогеохемиски циклуси и дел од екологија на антропогени екосистеми. Од самиот почеток бил вклучен во изработката на научноистражувачкиот проект "Комлексни екосистемски истражувања на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во Националниот парк "Галичица" од кој произлегла и неговата магистерска работа "Динамика на шумската простирка, годишен опад, брзина на разградување и ослободување на CO2 од почвата на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во националниот парк Галичица’” (1991), како и докторската дисертација Кружење на биоелементите во македонскиот плоскачево-церов екосистем во националниот парк Галичица’” (1996). До денеска учествувал во изработката на повеќе од 15 научноистражувачки проекти и бил раководител на три. Од тоа произлезе објавување на повеќе од 45 научни трудови. Бил вклучен во многу стручни проектни активности од апликативен карактер, особено од областа на биодиверзитетот и конзервацијата на природата. Учествувал во изработката на Законот за заштита на природата на РМ, Националната стратегија за заштита на биодиверзитетот, како и многу стручни студии од областа на заштитата на животната средина за различни делови на Македонија и други држави од Југоисточна Европа. Член е на Македонското еколошко друштво од 1984 г. и негов претседател од 2001 г. Во рамките на Друштвото покажал многубројни активности од областа на подигањето на јавната свест за еколошките проблеми, а раководи и со проекти финансирани од странски фондации.