Navigation
 

Доктор Цекова Магдалена - Вонреден професор

Д-р Магдалена ЦЕКОВА, вонреден професор во пензија, е родена на 17 септември 1935 г. во Жупања (Хрватска) во службеничко семејство. Основно училиште и класична гимназија завршила во Скопје (1954 г.), а потоа се запишала на Природно-математичкиот факултет, група биологија. Во 1959 г. дипломирала, а две го­дини подоцна била избрана за асистент на Институтот за био­логија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Како асистент била задолжена со практичната настава по предметот систематика и филогенија на вишите растенија, а повремено и со практичната настава по анатомија и морфологија на растенијата, како и по систематика на нижите растенија. Во наставно-образовниот процес е вклучена во 1976 г. со предме­тите фитогеографија со фитоценологија, за студентите по биологија, и ботаника (1977 г.) за студентите од Фармацевтскиот факултет. Во 1986 г. била избрана за доцент на Институ­тот за биологија, а во 1991 г. за вонр. професор. Научната проблематика врз која работи се однесува на флората и вегетацијата на мововите на кои досега мошне малку им се обрнувало внимание. Магистрирала на Природно-математичкиот факултет во Загреб, на тема Биофитски истражувања на планината Јаку­пица (1973), а докторирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на тема Мовната вегетација во Скопската Котлина. При флористичките истражувања особено внимание им посветува на новите видови мовови регистрирани на подрачјето на Р. Македонија, за кои има објавено три трудови. Ве­гетациски ги проучува мововите врз карпите, врз пенушките и стеблата, врз почвата, како и мововите покрај планинските потоци.