Доктор Прелиќ Дана - Доцент

Родена на 4 јули 1963 г., во Прага, ЧССР, а основното и средното образование ги завршила во Скопје. Во учебната 1981/82 г., се запишала на Биолошкиот факултет во Скопје, кој го завршила со дипломирањето во 1986 г. Од ноември 1987 г., стапила на работа во Зоолошкиот завод како приправник - помлад асистент, на Одделот за анимална екологија. Во 1989 г., кога била избрана за помлад асистент, веднаш била вклучена во изведувањето на практичната настава од предметот: анимална екологија со зоогеографија. Од учебната 1992/93 г. до денес само во одделни семестри или континуирано ја изведувала практичната наставата по предметите: инвертебрата, типологија на животни II, хистологија и ембриологија, математика со биометрија за студентите по биологија и математика за студентите на двопредметната насока биологија-хемија, биологија со хумана генетика, за студентите од Стоматолошкиот и Медицинскиот факултет, потоа практичната настава по предметот биологија за студентите од Фарма­цевтскиот факултет и по предметот општа екологија за студентите од интердисциплинарните студии по заштита на животната средина (при Машинскиот факултет). Во учебната 2001/02 г., под менторство на д-р Билјана Караман, ја изведувала теоретската настава од предметот анимална екологија со зоогеографија. Постдипломски студии запишала во 1987-1988 г., на групата за биологија - еколошко-таксономска насока, кои со успех ги завршила во 1995 г., со успешната одбрана на магистерскиот труд под наслов "Структура на заедницата на почвената макрофауна во дабовиот екосистем (ass. Quercetum-frainetto-cerris Oberd.1948, et. H-at 1959) во Националниот парк "Галичица". Кој е изработен во рамките на научноистражувачки проект. Во 1995 г. д-р Прелиќ е избрана во звањето асистент. Во истото звање била реизбрана во 1999 г. Докторската дисертација под наслов: "Структура на заедницата на почвената макрофауна во буковиот екосистем во Националниот парк Маврово во споредба со плоскачево-церовите екосистеми во Македонија", ја одбранила во 2002 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во звањето доцент избрана во 2002 г. Д-р Прелиќ е долгогодишен член на Македонското еколошко друштво. Член е на редакцискиот одбор (секретар) на списанието Екологија и заштита на животната средина, а исто така таа е и координатор на студентите од еколошката насока на Институтот за биологија. Досега објавила 16 научни трудови од областа на почвената екологија. Најважајни објавени трудови во изминатиов период се: Vidincheva, D. (2001). Structure of soil macrofauna community in beech ecosystem (ass. Calamintho grandiflorae-Fagetum) in "Mavrovo" national park (Western FYROM). Proceedings of the International Conference: FOREST RESEARCH: A Challenge for an Integrated European Approach. (Eds. K. Radoglou), Vollume II: 615-620; Прелиќ, Д. (2002/03). Квантитативна анализа на почвените диптери во буковиот екосистем во националниот парк "Маврово" во споредба со плоскачево-церови екосистеми во Македонија. Екол. Зашт. Живот. Сред. Том 8, 1-2, Скопје, 3-12; Прелиќ, Д. (2002/03). Компаративна анализа на структурните одлики на почвените инсекти во буковиот екосистем во Националниот парк "Маврово" и плоскачево-церови екосистеми во Македонија. Екол. Зашт. Живот. Сред. Том 8, 1-2, Скопје, 13-23; Прелиќ, Д. (2004). Квантитативна анализа на почвените енхитреиди во буковиот екосистем во Националниот парк "Маврово" во споредба со плоскачево-церови екосистеми во Македонија. Зб. на трудови од 2-от конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, 25-29.10.2003, Охрид; Посебни изданија на Македонското еколошко друштво, Кн.6, Скопје, 61-68. Д-р Прелиќ учествувала на низа конгреси и симпозиуми од кои најважни се: Симпозиум за почвена фауна, 1987 г., Скопје, Македонија; IV конгрес на еколозите на Југославија, 1988 г., Охрид, Македонија; семинар: Методи за еколошки анализи на ландшафтите, 1993 г., Љубљана, Р.Словенија. I конгрес на еколозите на Македонија, септември 1998, Охрид. II конгрес на биолозите на Македонија, септември 1998, Охрид. VIII eвропски еколошки конгрес - EURECO'99 – 8th European Ecological Congress, септември 1999, Халкидики, Грција; интернационална конференција, FOREST RESEARCH: A Challenge for an Integrated European Approach, септември 2001, Солун, Грција; II конгрес на еколозите на Македонија, септември 2003, Охрид. Исто така, учествувала во реализација на низа научноистражувачки проекти од областа на терестричната мезо- и макрофауна и урбаната екологија.