Доктор Караделев Митко - Доцент

Д-р Митко Караделев е роден во Богданци. Основно образование завршил во родното место, а средно во УЦ “Јосиф Јосифовски” во Гевгелија. Во учебната 1978/79 се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје, каде во мај 1983 година дипломира со дипломска работа од областа на систе­матика на виши растенија.

            По дипломирањето, во учебната 1983/84 година се запишал на последип­ломски студии на Природно-математичкиот факултет во Загреб - група биоло­гија. Во март 1987 година го одбранил својот магис­терски труд под наслов “Лигниколна микофлора планине Кожуф и сусједног низин­ског подручја” и се стекнал со научниот степен магистер на биолошки науки. Во септември 1985 година се запослува како професор по биологија во УЦ “Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, на кое работно место останува се до септември 1998 година.

            Во периодот 1989-1991 година бил учесник во програмата за развој и вработување на истражувачки кадри од Републичката заедница за научно­истражувачка дејност во Скопје. Во овој период интензивно работи на изработка на докторска дисертација под наслов “Квалитативно-квантитативни истражувања на лиг­ни­колните макроми­це­ти во јужниот дел на Република Македо­нија” под менторство на д-р Милица Тортиќ од Природно-математичкиот факултет во Загреб. Истата успешно ја одбранил на 16.12.1992 година на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во септември 1998 година д-р Митко Караделев е примен на одредено време на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на работно место раководител на проектот МАКОМО. За доцент на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија на ПМФ - Скопје по предметите: "методика на наставата по биологија" за наставна насока при Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и “општа екологија” за Интердис­ци­­пли­­нарни студии по инженерство и заштита на животната средина бил избран во јуни  2000 година.  Наставата по предметот “општа екологија” ја изведува заклучно со учебната 2001/2002 година, а од 2003 година започува со изведување на теориска и практична настава по предметот “микологија со лихенологија” за еколошката насока на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во јуни 2005 година д-р Митко Караделев е избран за вонреден професор по предметите “микологија со лихенологија” за еколошката насока на Институтот за биологија и "методика на наставата по биологија" за наставната насока на Институтот за биологија. 

Во врска со наставните активности на д-р Митко Караделев треба да се истакнат неколку факти. Со активирање на еколошката насока на Институтот за биологија тој го воведува предметот микологија со лихенологија и интензивно работи на постојано осмислување, изменување и надополнување на теориската и практичната настава. Во рамките на практичната настава за прв пат воведува теренска настава и детерминација на габи. Под негово менторство се изработени над 30 дипломски работи од областите микологија и методика на наставата по биологија. Освен во редовната настава, д-р Митко Караделев бил активно вклу­чен и во изведувањето на наставата од специјалистичките и последиплом­ските студии на Институтот за биологија. Во изминатиот период бил рецензент на еден специјалистички труд, рецензент и член во комисијата за одбрана на една докторска дисертација и ментор на две докторски дисертации одбранети на Универзитетот во Загреб.

            Во однос на за неговото научно и стручно усовршу­вање најзначајни биле студиските престои во странство. Така, во 1991 година (септември - октомври) престојува на Институтот за Зоологија и Ботаника при Естонската Академија на науките во Тарту, Естонија, во 1994 (септември - октомври) година на Одделот за биологија при Универзитетот во Осло, Норвешка, додека во периодот 2000-2004 година на покана или во рамките на заеднички проекти престојува во неколку научни институти како што се: Одделот за микологија при Филипсовиот Универзитет во Марбург, Германија; Институтот за хемија на дрвото во Рига, Латвија; Факултетот за природни науки при Селџук Универзитет во Конја, Турција и др. Од посебно значење е што д-р Митко Караделев како единствен професио­нален миколог во Република Македонија постојано работи на афирмација на миколош­ката наука на нашите простори. Тој за прв пат во Република Македонија со помош на странски донации оформува Миколошка лабораторија на Институтот за биологија. Во рамките на истата функцио­нира колекција на макро­мицети заведена под името FUNGI MACEDONICI, како и база на податоци наречена MAKFUNGI.

Д-р Митко Караделев е доста активно ангажиран и во научно­истра­жувачката работа. Пробле­матиката на која работи е истражување на биодиверзитетот на габите на Бал­кан­скиот Полуостров и пошироко. Член е на уредувачки одбор на две интернацио­нални научните списанија “Mycologia Balca­nica” од Софија, Бугарија и “Mycologia Montenegrina” од Подгорица, Црна Гора.

Во однос на неговата научно­истра­жувачката работа треба да се истакне дека досега има објавено вкупно 49 трудови од кои во списанија надвор од Македонија се публицирани 19 труда, во списанија во Македонија 17, во зборници на трудови надвор од Македонија 7 и во зборници на трудови во Македонија 6 труда. Од овие трудови со импакт фактор (ИФ) се 3 труда. На научни мани­фестации има презен­тирано 30 труда од кои надвор од Македонија  23, а 7 во Македонија. Автор е на 4 монографски дела и рецензент на 2 труда во странски списанија. Како пет најзначајни објавени научни трудови во изминатиот период би може­ле да се издвојат следните:

Karadelev, M.: CONTRIBUTION TO THE KNOWLEDGE OF WOOD-DESTROYING FUNGI IN THE REPUBLIC OF MACEDONIA, Fungi Macedonici I, Young.Exp.Mac., 1-78; 1993.

Karadelev, M.: LIGNICOLOUS APHYLLOPHORALES (BASIDIOMYCE­TES) ON GREEK JUNIPER (Juniperus excelsa M.Bieb.) IN THE REPUBLIC OF MACEDONIA. Mycotaxon, LVI, 467-472; 1995.

Karadelev, M.: PRELIMINARY RED LIST OF MACROFUNGI IN THE REPUBLIC OF MACEDONIA. European Council of Conservation of Fungi, Newsletter 10, 7-11; 2000.

Караделев, М.: FUNGI MACEDONICI – ГАБИТЕ НА МАКЕДОНИЈА. ММД. Скопје. Стр. 1-299; 2002.

Dogan, H., H. and Karadelev, M.: ECOLOGY AND DISTRIBUTION OF TWO PARASITIC FUNGAL SPECIES (PYROFOMES DEMIDOFFII AND ANTRODIA JUNIPERINA) ON SCALE-LEAF JUNIPER TREES IN TURKEY. Cryptogamie, Mycologie, 27 (1): 35-43; 2006.

Д-р Митко Караделев учествувал во реализацијата или е раководител на 9 научноистражувачки проекти и тоа 5 меѓународни и 4 домашни. Член на тимот е и во еден проект за унапредување на образо­ванието. Од другите стручни дејности може да се спомене давањето на повеќе мислења по стручни проекти. Како експерт од областа на микологијата и заштитата на габите учествува во изработката на Стратегијата, Националната студија и Акциониот план за биоди­вер­зитет на Република Македонија.

Исто така д-р Караделев учествувал и во работата на органите на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот 2005/2006 бил претседател на централната пописна комисија на Институтот за биологија, а во 2006 е член на Издавачкиот совет на ПМФ и член на Редакцискиот одбор на годишниот зборник на Институтот за биологија – Biologia Macedonica.

Од 1998 е претседател на Македонското миколошко друштво со седиште на Ин­сти­тутот за биологија. За исклучителни достигања во областа на науката д-р Митко Караделев во 1988 година добил Плакета НОМСМ.