Navigation
 

Доктор Стојковски Велимир - Доцент

Роден на 7 февруари 1966 г. во Скопје. Дипломирал 1990 г. на биохемиско-физио­лош­­ката насока на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет, а дипломската работа под наслов Биохемиски аспекти на интрауте­ри­на­та ретар­дација на феталниот растеж од областа на биохе­мијата и експерименталната перинато­ло­гија ја изработил во Заводот за физиоло­гија и биохемија при ПМФ и во Гинеколошко-акушерската кли­ника при Медицинскиот факултет во Скопје. Веднаш по дипломирањето, во учебната 1990/91 г., се запишал на постдипломски студии на Природословно-мате­матичкиот факултет во Загреб, на групата за биолошки на­уки, насока биомедицина, а магистерскиот труд Хипертер­мич­ки стрес во бременоста кај белиот лабораториски ста­орец го одбранил во Скопје во 1992 г. Во 1995 г. ја одбранил докторската дисертација Ефектот на пренаталната експозиција на дијагностички ултразвук врз невротрансми­терите во феталниот мозок и интраутериниот развој кај стаорец, под мен­тор­ство на д-р Ј. Димовска. Д-р Стојковски е избран за доцент на Институтот за биологија во 1995 г. по предметите биохемија и спо­ре­д­бена биохемија. Во периодот од 1987 до 1996 г. бил вклучен во работата на 4 национални и научноистражувачки проекти реализирани на Природно-математичкиот факултет и еден меѓународен научен проект. Во овој период, со сопствени трудови и иновации учествувал на повеќе конгреси, симпозиуми и собири во Републиката и надвор од неа и доби­тник е на повеќе приз­на­нија. Покрај многуте научни трудови, автор е на книгата Биохемиски методи, како и коавтор на книгите Животот пред нашето раѓање и Ултразвукот во перинатологијата и гинекологијата заедно со професори од гинеколошките клиники од Скопје, Софија и Белград. Престојувал на Гинеколошко-акушерската клиника во Марибор и на Универ­зитетот во Милано. Д-р Стојковски во 1993 г. е избран за секретар на Друштвото на биолозите на Р. Македонија, а од 1994 г. е генерален секретар на Балканската школа за ултра­звук, како и лектор на Школата од областа на безбедносните аспекти на ултразвукот. Член е на Бугар­ската асоцијација за ултразвук во медицината и член на Њујоршката академија на науките. Во 1996 г. заминува од ПМФ и преминува како наставник на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.