Доктор Димеска Гордана - Доцент

Родена на 13 декември 1959 г. во Куманово. Во 1974 г. во родното место завршила основно образование а во 1978 г., во Скопје завршила средно образование. Дипломирала во 1983 г. на Биолошкиот Факултет, на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", Р. Македонија. Во 1996 г. ги завршила постдипломските студии на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет, со одбрана на магистерскиот труд под наслов: "Цитотаксономски истражувања на родот Vicia L. (fam. Fabaceae) од територијата на Р. Македонија". Во 2002 г. на Инстутутот за биологија при Природно-математичкиот факултет, ја одбранила докторската дисертација под наслов: "Ефектите од јонизирачкото зрачење врз развојот на баклата (Vicia faba L.)". Во 1987 г. вработена е во Заводот за ботаника, како приправник за вршење на работи и работни задачи на помлад асистент. Во 1988 г. избрана е како помлад асистент, а во 1997 г. избрана е за асистент. За доцент на Институтот за биологија при ПМФ, Скопје, д-р Димеска е избрана во 2003 г.. Во учебната 1986/87 г. била вработена на одредено време како средношколски професор по биологија во ГМУЦ "Чеде Филиповски - Даме", во Скопје. По изборот за асистент ангажирана е во изведувањето на практичната настава по предметите: цитологија, анатомија и морфологија на растенијата, генетика за студентите биолози од наставна и биохемиско физиолошка насока, и општа ботаника за студентите од еколошка насока и двопредметните студии по биологија-хемија. По изборот за доцент држи настава по предметите: генетика на наставната и биохемиско физиолошката насока, општа и популациона генетика на еколошко таксономската насока, општа генетика за двопредметните студии по биологија-хемија, и генетика за студентите на групата психологија, на Филозофскиот факултет во Скопје. Држела настава и по предметот молекулска генетика за аналитичко-биохемиската насока на Институтот за хемија. Се занимава со истражувања од областа на цитогенетиката, мутагенезата, посебно на индуцирање мутации со физички и хемиски мутагени агенси. Досега објавила повеќе научни трудови во зборници на трудови и списанија во Македонија, а учествувала со соопштенија на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и надвор од неа. Автор е на интерен практикум и интерна теориска скрипта по генетика. Била учесник во повеќе домашни научноистражувачки проекти. Автор е на 10 телевизиски проекти за модернизирање на наставата по биологија реализирани со училишната програма на МРТ. Ментор е на два кандидати за магистерски и еден кандидат за специјалистички труд и повеќе од 20 кандидати за дипломски работи. Била раководител на Ботаничкиот завод со ботаничка градина во периодот од 2003 до 2005 г. Член е на Друштвото на биолозите на Р. Македонија, Македонско задружение за хумана генетика, Еколошкото друштво на Р. Македонија, а дава свој придонес и во работата на различни комисии и тела, надвор од факултетот.