Navigation
 

Доктор Јовановска Митра - Доцент

Родена во 1947 г. во Гевгелија. Основно образование и гимназија завршила во родното место. Во учебната 1965/66 г. се запишала на Природно-матема­тичкиот факултет во Скопје, група биологија. Студиите ги завр­шила во 1970 г. Од 1972 г. работи како стажант-приправник во Ботаничкиот завод на Институт за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во почетокот на 1974 г. е избрана за асистент по предметите генетика и општа биоло­гија на Институтот за биологија. Во учебната 1974/75 г. се запишала на постдипломски студии по генетика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград. Овие студии успешно ги завршила во 1981 г. со одбраната на магистерската работа под наслов Сличности и разлике у генетичкој детерминацији разви¢а појединих развојних ступњева Drosophila melanogaster. Како асистент д-р Јовановска одржувала вежби по предметите: генетика и анатомија и морфологија на растенијата (за студентите биолози), генетика и еволуција (за студентите на групата психологија од Филозофскиот факултет) и општа биологија со хумана генетика (за студентите на Медицинскиот и Стоматолошкиот фа­култет). Докторската дисертација ја изработила на Катедрата за генетика и еволуција на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград. Дисертацијата под наслов Варијабилност особина адаптивне вредности у зависности од брзине ембрионалног разви¢а код Drosophila melanogasterуспешно ја одбранила во мај 1991 г. Во 1992 г. д-р Јовановска е избрана за доцент по предметот генетика, а во 1997 г. заминува од работното место поради пензионирање.