Navigation
 

Доктор Димовска Јорданка - Редовен професор (во пензија)

Родена на 17 јануари 1942 г. во Штип, каде што го завршила основ­ното и средното образо­вание. Во 1961 г. се запи­ша­ла на Природно-математичкиот фа­култет во Скопје, на групата биологија. Студиите ги за­врши­ла во 1965 г. Веднаш по дипломирањето, во учебната 1965/66 г., работела како наставник во гимназијата во Штип. Во учебната 1966/67 г. била избрана за асистент во Заводот за физиологија при Институтот за биологија на Природно-ма­те­­ма­тич­киот факултет во Скопје. Во 1976 г. ја одбранила магистерската рабо­та на Природно-математичкиот факултет во Бел­град, под менторство на акад. д-р Радослав Анѓус, а со научен степен доктор на биолошките науки се здобила во 1984 г., одбранувајќи ја на Природно-математичкиот факултет во Скопје докторската дисертација под наслов Улогата на плунковните жлезди и претходната температурна сре­ди­на врз терморезистентноста и некои други параметри кај белиот стао­рец во услови на хипертермичка средина, под менторство на д-р Ристо Бузалков. Со наставна дејност д-р Димовска започнала по изборот за асистент во 1966 г. при Заводот за физиологија на Институтот за биологија при Природно-математичкиот фа­кул­тет во Скопје. Била вклучена во реали­зацијата на практичната настава од предметите: општа физиологија, биохе­мија и споредбена физиологија. По магистрирањето (1981 г.) била избрана за предавач по предметот општа физиологија за студентите биолози (наставна и биохемиско-физиолошка насока), а во 1984 г., по докторирањето е избрана во звање­то доцент по истиот предмет. Во меѓувреме, во учебната 1987/1988 г., í била доверена настава по предметот физиологија на невроендокриниот систем за студентите психолози при Филозофскиот факултет во Скопје. За вонр. професор по предметите општа физиологија, имуно­логија (за студентите биолози) и физиологија на невроендокриниот систем (за студентите психолози) била избрана во 1990 г. Од 1994 г. í е доверена наставата и по пред­­метот функцио­нална ана­томија со физиологија за студентите дефекто­лози при Филозофскиот факултет во Скопје. Д-р Димовска била активно вклучена и во изведу­вањето настава на постдипломските студии на Институтот за биологија по дисци­п­лините одбрани поглавја од физио­ло­гијата, одбрани поглавја од имунологијата и методи на биохемиските и физиолошките истражувања. Д-р Димовска била ментор на две магистерски работи и две докторски дисертации одбранети на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таа била повеќепати рецензент за подобност и член на комисии за одбрана на магистерски трудови и докторски дисертации. Главната проблематика на која д-р Димовска работи е проучувањето на физиологијата и биохемијата на хомеотермниот организам во услови на летална егзогена хипертермија, со посебен осврт врз терморезистентноста и вклученоста на ендокрините фактори во терморегулациони механизми, а работела и на други проблеми. Д-р Димовска учествувала во реализа­цијата на 8 научноистражувачки проекти, а објавила и повеќе од 50 научни трудови во домашни и странски научни списанија. Д-р Димовска се ангажирала и во пишување учебничка литература. Коавтор е на сред­но­школскиот учебник Биологија за I г. на насоченото обра­зо­вание и Биологија за III г. (1992) како и на универзитетскиот учебник Основи на физиологијата на невроендокриниот систем (2005), наменет за студентите на групата психологија при Филозофскиот факултет.