Доктор Мицевски Бранко - Редовен професор

Роден на 19 октомври 1958 г. во с. Св.Тодори- Битолско. Основното и средното образование ги завршил во Битола, каде што матурирал во 1977 г., со одличен успех. За време на средношколските денови бил активен воздухопловен моделар, пилот на едрилици и моторен пилот на Аеро-3. Во учебната 1977/78 г. се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје, на кој дипломирал во октомври 1981 г. со одличен успех (9,92). Во учебната 1981/82 г. се запишал на постдипломски студии, на Биолошкиот факултет, еколошко-таксономска насока, кои ги завршил со средна оценка 9,70. Во 1985 г. со успех го одбранил магистерскиот труд под наслов "Измени во составот и карактеристики на орнитофауната на Градскиот парк во Скопје". Во 1982 г. е примен за приправник при Зоолошкиот институт на Биолошкиот факултет, во 1984 г. е избран за помлад асистент, а во 1987 г. за асистент на Институтот за биологија при ПМФ -Скопје. Во 1990 г. ја одбранил докторската дисертација на тема " Споредбени популациони истражувања на птиците во доминантните шумски заедници на планината Галичица". Во јануари 1991 г. е избран за доцент по предметот вертебрата на Институтот за биологија. Во 1996 г. е избран за вонр. професор по предметите вертебрата и систематика на животните. Во 2001 г. е избран за ред. професор по предметите Вертебрата и систематика на животните на Институтот за биологија. Во 2005 г. е преизбран за ред. професор на Институтот за биологија по предметите вертебрата, морфологија и систематика на рбетниците и Систематика на животните. Главни подрачја на научен интерес на д-р Мицевски се: урбана орнитологија, квантитативна орнитологија и синекологија, екологија, фаунистика и биогеографија, енергетика на птици, валоризација и заштита на природни и урбани екосистеми. Други подрачја на научен интерес на д-р Мицевски се: изработка на планови за управување, зонирање и управување на заштитени подрачја, екологија и заштита на крупни ѕверови и ентомологија. Досега д-р Мицевски има објавено вкупно 43 научни трудови (скоро во сите е самостоен автор) од кои 28 во списанија во Македонија и 15 во списанија надвор од Македонија. Од нив 6 се монографски дела. Најзначајни трудови на д-р Мицевски се: Micevski, B., 1990. Ptice Skopje. Larus, 41/42:101-119, Zagreb.; Micevski, B., 1990. Sinantropizacija i klasifikacija sinantropnih prostora ptica. Larus, 41/42:121-133; Мицевски, Б., 1991. Социјален живот на птиците во доминантните шумски заедници на планината Галичица. Прилози, 12,1-2:39-53; Micevski, B., 1992. Faunistics, ecology, structure and energetics of the ornithocenosis in Macedonian oak ecosystem (Quercetum trojanae em. et Ht.) in the NP Galichica (Macedonia, Yugoslavia). Ed: Teller, A. et all.:Responses of forest ecosystems to environmental changes, Elsevier applied science, London & New York; Micevski, B., 1992. O metodi Pojasnog Mapiranja u ornitologiji. Glasnik prirodnjackog muzeja u Beogradu, B-47:101-106. Zagreb; Мицевски, Б., 2005. Нови видови птици за орнитофауната на Р. Македонија. Год. Зб., Биол., 55-56. Д-р Мицевски учествувал на голем број меѓународни собири во својство на експерт на ОН, а на 17 (10 надвор од Македонија и 7 во Македонија) има презентирано соопштенија од кои главно сите биле пленарни. Д-р Мицевски е уредник на научното списание на Институтот за Биологија- Biologia Macedonica. Бил претседател на организационен одбор на 2 научни конференции и член на организационен одбор на 5 научни конференции. Досега д-р Мицевски учествувал во реализација на 22 научноистражувачки проекти од кои 14 меѓународни (на 12 бил раководител, а на два учесник). Осум проекти биле македонски од кои на 5 бил раководител, а на 2 учесник. Д-р Мицевски е член во разни научни и стручни организации и тела меѓу кои: член на Извршниот одбор на Светскиот комитет за заштита на водните птици; член на Експертскиот совет на Бонската конвенција; член на Медитеранскиот комитет за заштита на водните станишта; член на Светскиот форум за заштита на планинските екосистеми; претставник од Југоисточна Европа во техничкиот комитет на конвенцијата за заштита на миграторните видови птици од евроазиско-африканскиот регион; претседател на Националниот рамсарски комитет; претседател на Националниот бонски комитет; претседател на Друштвото за проучување и заштита на птиците на Македонија; член на Националнот управен комитет за имплементација на Стратегијата за заштита на биодиверзитетот на Македонија; фокал поинт за имплементација на Меморандумот за разбирање за големата дропла (O.tarda) за Македонија. меѓународен рецензент на реномираното списание Wildfowl (Велика Британија); Д-р Мицевски активно се служи со англискиот јазик, а пасивно со германскиот и сите словенски јазици. ...