Navigation
 

Доктор Митева Нада - Редовен професор

Родена на 7 септември 1947 г. во Пехчево. Основното образование го започнала во родното место, а го завршила во Скопје. Средното образование, исто така, го завршила во Скопје. Во учебната 1966/67 г. се запишала на Природно-математичкиот факултет во Скопје-група биологија и го завршила во 1970 г. со среден успех 8,87. По дипломирањето се вработила како професор во средно економско и средно медицинско училиште во Скопје. Во 1972 г. се вработила на Биолошкиот факултет во Скопје во својство на договорен асистент, а во 1973 г. е примена како стажант при Институтот за зоологија на Биолошкиот факултет во Скопје. Во 1975 г. е избрана за асистент по предметите општа биологија за студентите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во учебната 1974/75 г. се запишала на постдипломски студии на Биолошкиот факултет во Скопје, еколошко-таксономска насока. Својата магистерска работа под наслов "Сезонска и висинска дистрибуција на Plecoptera (Insecta) во однос на физичко-хемиските фактори на водата во Ораовичкиот поток (Плачковица планина)" успешно ја одбранила во 1978 г. Во текот на 1985 г. престојувала два и пол месеца во Заводот за хистологија на Медицинскиот факултет во Гетеборг и во Заводот за патологија при болницата Hudinge во Стокхолм, каде што имала можност да се запознае со многу современи методи, кои се применуваат во хистологијата и цитологијата. Во 1987 г. ја одбранила својата докторска дисертација од областа на анималната хистологија и цитологија под наслов "Цитоморфолошки карактеристики на адреналниот кортекс, црниот дроб и семениците кај стаорци во услови на хипертермија" во Скопје. Во 1988 г. е избрана во звањето доцент по предметот биологија со хумана генетика за студентите од Медицинскиот факултет. Во 1993 г. е избрана во звањето вонр. професор по предметите биологија со хумана генетика (за студентите од Медицинскиот факултет) и методика на наставата по биологија за студентите биолози. Покрај горенаведените предмети ја изведувала и наставата по радијациона биологија (за студентите од Вишата школа за рендген техничари при Медицинскиот факултет) и наставата по предметот хистологија и ембриологија со анатомија на човек (за студентите биолози). Во 1998 г. е избрана во звањето ред. професор по предметите биологија со хумана генетика за студентите од Медицинскиот факуллтет, хистологија и ембриологија со анатомија на човек и методика на наставата по биологија. Во тоа звање е до денес и ја изведува наставата по хистологија и ембриологија на човек. Во изминатиот период била ментор на голем број дипломски работи изработени од студентите на Институтот за биологија (над педесет) и член на комисии за одбрана на дипломски работи. Исто така, под нејзино менторство се изработени и одбранети три магистерски трудови и една докторска дисертација, а била член во рецензентски комисии за изработка и одбрана на други докторски дисертации и магистерски трудови. Во изминатиот период се изработени два научни проекти финансирани од Министерството за образование и наука, чиј раководител, односно главен истражувач е д-р Митева. Од вработувањето па сè до денес како дополнителни други активности позначајни се: шеф на Институтот за биологија во двегодишен мандат, во неколку наврати раководител на Зоолошкиот завод, претседател на комисии при Министерството за образование и наука за полагање на стручен испит по биологија за наставниците приправници во основното и средното образование, член во комисии при Факултетот и друго.