Navigation
 

Д-р Ицко Ѓоргоски - Редовен професор

Роден на 23 октомври 1960 г. во с. Крушеани, Прилеп. Основното образование го завршил во родното место, додека средното медицинско училиште, отсек за медицински лаборанти и санитарни техничари во Скопје, го завршил во 1979 г. со одличен успех. Потоа се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје на кој дипломирал во 1983 г.. Во 1985 г. се запишал на постдипломски студии од природните науки во областа биологија (група молекуларна биологија и биологија на клетка), на Природословно-математичкиот факултет во Загреб. Магистерската работа под наслов "Haplotipovi humanog beta-globin gena" ја изработил во Националната референтна лабораторија за хемоглобинопатии и во Истражувачкиот центар за нови технологии при МАНУ, под менторство на акад. Ѓорги Ефремов, која успешно ја одбранил во 1990 г. Докторската дисертација под наслов "Влијанието на рестриктивната исхрана и високата надворешна температура врз имуниот систем за време на интраутералниот и раниот постнатален период кај белиот лабораториски стаорец", д-р Ѓоргоски ја работел на Заводот за физиологија на Институтот за биологија при Природно-математичкиот фа­кул­тет во Скопје, каде што и успешно ја одбранил во 1995 г. Д-р Ѓоргоски, во 1984 г. бил примен за приправник во Заводот за физиологија при Биолошкиот факултет во Скопје, а во 1986 г. бил избран во звањето помлад асистент. Веднаш по завршувањето на постдипломските студии и здобивањето со звање магистер на биолошки науки, бил избран за асистент. Како асистент бил ангажиран со изведување на целокупната практична настава, и тоа за студентите од биологија, по предметите општа физиологија, имунологија и молекуларна биологија, како и за студентите од Катедрата за психологија на Филозофскиот факултет по предметот физиологија на невроендокриниот систем, а подоцна и со практичната настава по предметотфизиологија со функционална анатомија на Институтот за дефектологија. По докторирањето бил избран за доцент во 1995 г., во 2000 г. за вонр. професор, а во 2005 г. за ред. професор. За цело тоа време, д-р Ѓоргоски бил ангажиран со изведување на теоретската настава по предметите: анатомија и физиологија на човекот за двопредметните студии по биологија-хемија; анатомија на човекот, општа физиологија и физиологија на човекот за студиите по биологија- наставна и биохемиско-физиолошка насока, имунологија за студиите по биологија- биохемиско-физиолошка насока. Од учебната 2001/02, г. на професор Ѓоргоски му беше доделено организирањето на наставата по предметот општа физиологија за студиите по хемија- насока аналитичка биохемија, како и физичка антропологија за студентите од студиумот по етнологија. Истовремено, д-р Ѓоргоски активно учествувал и во наставата на постдипломските студии. Покрај наставната ангажираност, д-р Ѓоргоски мошне активно бил вклучен и во изработката на дипломските работи на студентите на Институтот за биологија, како и во изработката на повеќе магистерски и докторски работи, од кои дел биле работени на Заводот за физиологија и биохемија при Институтот за биологија. За тоа зборува и податокот што д-р Ѓоргоски, во последниве пет години бил ментор на три магистерски и на една специјалистичка работа, како и на околу 30 дипломски работи, а бил член на комисии за подобност на тема и кандидат, како и во комисии за одбрана на пет докторски, шест магистерски и две специјалистички работи.Главната научна проблематика на која д-р Ѓоргоски работи е проучувањето на физиологијата, биохемијата и имунологијата на хомеотермниот организам во различни услови на стрес. Д-р Ѓоргоски учествувал во реализа­цијата на 15 научноистражувачки проекти, од кои на 4 бил раководител, а објавил и повеќе од 50 научни трудови во домашни и странски научни списанија. Д-р Ѓоргоски на полето на издавачко-учебникарска дејност бил коавтор на: Биологија за 7 одделение (2002); Работна тетратка по биологија за 7 одделение (2002); Биологија за 8 одделение (2003); Работна тетратка по биологија за 8 одделение (2003) и Биологија за 3 г. на реформираното гимназиско образование (2003). Во 2004 г. д-р Ѓоргоски бил коавтор на универзитетскиот учебник Физичка антропологија, наменет за студентите од групата за етнологија, а во 2005 г. и на универзитетскиот учебник Основи на физиологијата на невроендокриниот систем, наменет за студентите на групата психологија при Филозофскиот факултет.