Доктор Мулев Милто - Редовен професор (во пензија)

Роден на 3 ноември 1939 г. во с. Сетина, Егејска Македонија. Основното образование и два класа средно земјоделско училиште ги добил во Унгарија, а останатите ги довршил (по враќањето во 1959 г.) во Македонија. Виша педагошка академија група за биологија-хемија завршил во 1962 г., а потоа се запишал на ПМФ група биологија. Студиите ги завршил во 1965 г. Напоредно, во 1960 г., се вработил како лаборант во Ботаничкиот завод на Институтот за биологија за предметите екологија и физиологија на растенијата. По отслужувањето на воениот рок, во 1967 г., бил избран за асистент по предметот екологија на растенијата. Постдипломските студии ги завршил во Загреб (во 1973 г.) со одбраната на магистерскиот труд„Status vode u tkivima nekih fanerofita u zavisnosti od sadr`aja vode u rizosferi”. Како стипендист на унгарската влада, шест месеци престојувал во научноистражувачкиот институт во Годоло Будимпешта. Докторската дисертација на тема ”Динамика на хидратурата и јаглехидрати на значајните видови од заедницата Coccifero-carpinetum orientalis macedonicum”ја одбранил во 1978 г. За доцент по предметот ботаника за студентите фармацевти е избран во 1980 г. Оваа настава ја изведува сè до учебната 1988/89 г. Од учебната 1984/85 г. до пензионирањето во 2002 г. беше ангажиран со настава по предметот растителна екофизиологија за студентите биолози од биохемиско-физиолошката насока, а во текот на 1985/86 му е доверена наставата по предметот анатомија и морфологија на растенијата. Во 1985 г. е избран за вонр. професор на ПМФ по предметите ботаника (за фармацевти) и екофизиологија (за биолози). Од 1987/88 ја преземал и наставата по предметот екологија на растенијата, како и наставата по предметот заштита на животната средина за студентите од Архитектонскиот факултет насока урбанизам (до учебната 1990/91). Од учебната 1990/91 му е доверена и наставата по предметот заштита на животната средина за студентите биолози. Во склопот на наставните задолженија под негово менторство се изработени голем број дипломски работи, а успешно се реализирани и теренски вежби. Бил рецензент на повеќе магистерски трудови и докторски дисертации одбранети во областа на екологијата на растенијата, како и во областа за физиологијата на растенијата. Во периодот од 1985 до 1987 г. бил раководител на Ботаничкиот завод, а од 1990 до 1992 г. бил шеф на Институтот за биологија. Работел врз повеќе проекти како учесник и раководител. Во текот на својата научна работа објавил како автор и коавтор околу 60-тина научни трудови. Автор е на учебниците Заштита на животната средина (1997) и Екологија на растенијата (2003).