Navigation
 

Доктор Кунгуловски Џоко - Редовен професор

Роден во Ресен на 15 септември 1958 г.. Основното и средното образование го завршува во родното место. На Биолошкиот факултет во Скопје дипломирал во учебната 1980/81 г.. Во текот на студирањето бил наградуван како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Во 1982 г. бил примен Биолошкиот факултет во Скопје и во текот на истата година имал можност да престојува на Ветеринарниот институт во Скопје каде што ги совладал основите на микробиолошките техники. Во 1983 г. запишал постдипломски студии на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, група микробиологија. Предвидените испити ги положил со одличен успех, а 1986 г. ја одбранил магистерската работа под наслов: "Odabirawe mje{ovitih kultura anaerobnih mikroorganizama za kontinuiranu fermentaciju govedjeg gnoja do metana". За помлад асистент бил назначен во 1984 г., а во звањето асистент на Биолошкиот факултет во Скопје бил избран во 1987 г. Во 1990 г. успешно ја одбранил докторската дисертација под наслов: "Повеќекратно искористување на пресувана јаболкова пулпа во степенесто производство на етанол, биогас и сточен квасец со примена на одбрани микробни култури". Во текот на 1988-90 г., по барање на ИРИК-ОХИС од Скопје, активно се вклучува во основањето на современа биотехнолошка лабораторија, со што беа создадени основи за развој на биотехнологијата во оваа институција. Во 1991 г. бил избран за доцент по група предмети од областа на микробиологијата. Во овој период тој основа современа микробиолошка лабораторија, со што на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје беа втемелени предуслови за квалитетени истражувања од областа на експерименталната микробиологија и беше обезбедена лабораториска основа за изведување на наставата од оваа област на биологијата. Во периодот од 1995 до 1998 г. во својство на научен соработник е ангажиран во Хидробиолошкиот завод во Охрид, со задача да раководи со тамошната микробиолошка лабораторија и да ја организира нејзината научна работа. Во 1996 г. е избран за вонр. професор на Институтот за биологија при ПМФ, а во 2001 г. во ред. професор. Во 2006 е реизбран за ред. професор. Вклучен е во организирањето и изведувањето како на практичната, така и на теоретската настава од областа на микробиологијата и биотехнологијата. Држи редовна додипломска настава по група предмети од микробиологијата и биотехнологијата, како на ПМФ за студиите по биологија (сите насоки) и студиите по хемија (насока аналитичка биохемија), така и за студентите од интердисциплинарните студии по инженерство на животната средина на Машинскиот факултет. Во последните петнаесет години дава посебен придонес во наставата на постдипломските студии на Природно-математичкиот факултет, а во периодот од 1999 до 2002 г. учествува во интердисциплинарните постдипломски студии по молекуларна биологија, организирани на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во својство на професор и координатор на една од насоките. Во март 2003 г., на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет, во Скопје организира семинар по индустриска микробиологија.Резултатите од истражувачката работа се објавени во 40 научни трудови и 42 научни излагања и собири во земјата и во странство. Научното и стручното усовршување ги опфаќа подрачјата: микроорганизмите како биолошки контаминанти во храната, ISO стандардите за микробиолошките особини на прехранбените производи, следењето на целулолитичките ензимски комплекси на анаеробните фунги, изолација на микроорганизми за синтеза на различни фармаколошки активни состојки, проектирање на полупогонски микробен состав за третман на отпадните води, како и биотехнологијата на третманот на отпадните води. Врз база на таквиот интерес, д-р Кунгуловски води низа истражувања во кои особено внимание се посветува на: изолација, култивирање, адаптација, селекција и архивирање на чисти или мешани аеробни или анаеробни микробни култури и нивна примена во третманот на отпадните води во лагунарни системи; испитување на таксономските, биолошките и токсикогените аспекти на филаментозните мувли изолирани од домашни извори; лимнолошки истражувања на физиолошките групи бактерии и бактериите со санитарно-епидемиолошко значење за следење на состојбата и дефинирање на влијанието на антропогениот фактор во водните екосистеми. Раководел со 6 домашни и 1 меѓународен научноистражувачки проект, како и со еден развојно-истражувачки проект, а учествувал во работата на 4 меѓународни проекти. Во изминатиот период се остварени значајни студиски престои: во 2001 г. на Заводот за микробиологија, Medical School, University of Ioannina, Greeceпо покана на Food Safety Laboratory, Central of Public Health Laboratory Service, Colindale, London, UK за запознавање со најновите ISO стандарди за микробиолошки квалитет на прехранбените производи и со најнови методи за изолација и проучување на најчестите контаминанти на храна, и во 2004 г. на Прехранбено-биотехнолошкиот факултет во Загреб. Редовен член е на Federation of European Microbiological Societies, International Water Association, Друштвото на микробиолозите на Македонија и член на бордот на Балканската асоцијација на микробиолози.Во 2003 е прифатен како личност на годината од страна на Американското биографско друштво (The American Biographical Institute: Contemporary WHO'S WHO OF THE YEAR 2002/03). Во 2005, за пронајдокот од биотехнологијата на отпадните води (патент МКП-2005278), д-р Кунгуловски стана добитник наЗлатен медал на 57-от Интернационален саем за Идеи, пронајдоци, новитети-IENAшто се одржа во Нинберг, Германија, Диплома на Руското Министерство на науки и наградата Патент на годината на Р. Македонија.