Navigation
 

Статут на ПМФ

Врз основа на член 8 и член 75, став 1, алинеја 1 од Законот за високото образование (Сл. весник на РМ бр. 64/2000), Наставно-научниот совет на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на седницата одржана на 28.VI 2001 година, донесе

С Т А Т У Т
на
Природно-математичкиот факултет
во Скопје

ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Положба на Природно-математичкиот факултет

Член 1

Природно-математичкиот факултет во Скопје е јавнависоко­образовна установа која врши високообразовна, научноистражувачка, приме­ну­вачка и издавачка дејност од областа на математичките, физичките, хемиските, биолошките, географските, етнолошките и информатичките науки, како и од други подрачја, кои се во врска со основната дејност на Факултетот.

Член 2

Природно-математичкиот факултет во Скопје (во натамошниот текст Факултетот), дејноста од член 1 од овој Статут ја врши во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (во натамошниот текст: Универзитетот).

Предмет на уредување

Член 3

Со овој Статут се утврдуваат и се уредуваат:

  1. начинот на остварување на улогата, задачите и дејностите на Факултетот;

  2. правниот статус и обележјата;

  3. остварувањето на автономијата;

  4. органите на Факултетот;

  5. организационите единици на Факултетот;

  6. високообразовната дејност;

  7. правата и обврските на студентите и студентскиот правобрани­тел;

  8. дипломите, уверенијата, промоциите за завршени студии и евиденцијата;

  9. наставно-научните и соработничките звања;

  10. условите под кои се врши самоевалуацијата на Факултетот;

  11. признавањето на високообразовни студии;

  12. финансирањето на дејноста и имотот на Факултетот;

  13. организирањето на издавачката дејност;

  14. јавноста во работата;

  15. како и други прашања од значење за работата и дејноста на Факултетот.

Правен статус на Факултетот

Член 4

Факултетот има својство на правно лице, една сметка за редовно работење преку која располага со буџетските средства И една или повеќе сметки преку кои располага со средствата што ги остварува од самофинансирачките активности, од даноци, од кредити, од проекти И друго. Факултетот, во правниот промет, настапува во свое име и за своја сметка, со права и обврски утврдени со закон, со Статутот на Универзите­тот и со овој Статут.

Својството на правно лице Факултетот не може да го остварува спротивно на законот и на интересите на Универзитетот, во чиј состав ја врши дејноста.

Факултетот работи согласно со Законот за високото образование и другите позитивни законски прописи во Републиката, Статутот на Универзитетот, другите општи акти на Универзитетот, овој Статут и другите општи акти на Факултетот.

Член 5

Факултетот е запишан во соодветните регистри на надлежните државни органи и на надлежниот суд.

Фирма, печат, знаци и други обележја

Фирма

Член 6

Факултетот работи под фирма: Република Македонија, Универзи-тет “Св. Кирил и Методиј” - Скопје, Природно-математички факултет- Скопје.

Скратениот назив на Факултетот е ПМФ-Скопје.

Седиштето на Факултетот е во Скопје, на улица Гази Баба бб.

Печат

Член 7

Факултетот има печат, штембил, амблем и знаме.

Печатот на Факултетот е со тркалеста форма. Во средината на кругот се наоѓа грбот на Република Македонија, а околу грбот, во два концентрични круга, стои натпис кој гласи: Република Македонија - Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Природно-математички факултет - Скопје.

Штембилот има правоаголна форма со содржина:

Репуб­лика Македонија

Универзитет “Св. Кирил и Методиј”

Природно-математички факултет

Број __________,

______________

/ датум и година/

Скопје

Деканот на Факултетот одлучува за големината и колку примероци на печати ќе постојат на Факултетот. Секој печат се регистри­ра во Секретаријатот на Факултетот.

За печатот одговара работник на Факултетот кому му е доверен и предаден на употреба.

Амблемот на Факултетот е тркалесто (или осумаголно) поле во кое се впишани имињата на основните внатрешни организациони единици, а во средината знакот на Св. браќа Кирил и Методиј и натписите: Универзитет “Св. Кирил и Методиј”- Природно-математички факултет - Скопје.

Знамето на Факултетот е со бела боја, во средината се наоѓа амблемот на Факултетот од став 6 од овој член, а под амблемот називот на Факултеот на англиски јазик /Faculty of Natural Sciences and Mathematics/.

Знамето е постојано истакнато на Факултетот, а другите симболи се истакнуваат и се користат при промоции, прослави и други свечености на Универзитетот и Факултетот.

Изгледот и содржината на амблемот и другите симболи, по потреба, може да се менуваат со одлука на Наставно-научниот совет.

Други обележја

Член 8

Факултетот ги употребува симболите на Универзитетот-грбот, знамето и химната, под услови и на начин утврдени со Статутот на Универзитетот.

На Факултетот се установува одора за деканот и за продеканите, како и за дипломираните студенти. Изгледот на одората се уредува со акт на Универзитетот.

Одората се носи при промоции, прослави и други свечености на Факултетот и Универзитетот, при претставување на Факултетот на меѓууниверзитетски и меѓународни средби и сл., во согласност со Одлуката на Универзитетот.

Академска заедница

Член 9

Лицата избрани во наставно-научни, соработнички и стручни звања на Факултетот, студентите и пензионираните редовни професори се членови на академската заедница на Факултетот.

АВТОНОМИЈА

Содржина и заштита на автономијата

Член 10

Факултетот ја врши својата дејност врз принципот на академската автономија.

Автономијата од претходниот став подразбира академска слобода, автономија на управувањето, финансиска автономија, отчетност и одговорност, неприкосновеност и заштита на автономијата.

Со автономијата на Факултетот се гарантираат интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности.

Факултетот има правна заштита на автономијата пред судовите и пред надлежните државни органи.

Факултетот, содржината и заштитата на автономијата ги остварува согласно со содржината и заштитата на автономијата на Универзитетот.

Академска слобода

Член 11

Академската слобода се изразува во:

  1. слобода во изведувањето на наставата (наставно-научните, научните работници и соработниците, во реализацијата на студиските програми, се самостојни и слободно ги презентираат своите знаења, без надворешни влијанија и контроли), спроведувањето на научните истражувања и применувачката работа;

  2. слободно заземање, изградување и презентирање на своите решенија по сите прашања поврзани со организацијата, содржи­ната и спроведувањето на наставата и истражувањата;

  3. самостојно вршење селекција на кандидатите за запишување на Факултетот, врз јасни јавно објавени услови и критериуми, со можност за увид во резултатите и со обезбедена внатрешна самоконтрола;

  4. слобода во студирањето според нормативи претходно утврдени и објавени, кои овозможуваат студентите во наставно-образовниот процес слободно да го искажуваат своето мислење за содржи­ните на наставната програма и наставата на наставно-научниот кадар и соработниците;

  5. самостојно изготвување и донесување студиски програми и содржини за одделни предмети и подготвување и издавање учебници и учебни помагала врз основа на единствените основи за издавачката дејност утврдени од страна на Универзитетот;

  6. самостојно утврдување стандарди и методи на оценување;

  7. самостојно определување на областите на истражување и нивно спроведување;

  8. самостојно избирање кадри во наставно-научни, научни и соработнички звања, според единствени услови и критериуми утврдени на ниво на Универзитетот и Факултетот;

  9. самостојно организирање последипломски студии, постдокторски студии и стекнување докторат на науки според единствени услови и критериуми утврдени на ниво на Универзитетот.

Автономија на управувањето

Член 12

Автономијата на управувањето се изразува во :

  1. планирање, остварување и развој на високообразовната и научноистражувачката дејност;

  2. самостојно воспоставување и уредување на внатрешната организација;

  3. донесување статут и други општи акти со кои се регулираат суштествени прашања од остварувањето на дејноста и работата;

  4. избор, именување и отповикување на органите согласно со Статутот;

  5. одлучување за формите и начинот на соработка со други институции;

  6. здружување и асоцирање во соодветни организаци, институции и асоцијации во земјата;

во рамките на меѓународната политика на Универзитетот, остварување на меѓународна соработка, склучување договори и учество во меѓународни организации, здружување и асоцирање во соодветни организаци, институции и асоцијации во странство. Остварувањето на меѓународната соработка не може да биде спротивна на политиката на Универзитетот.

Финансиска автономија

Член 13

Финансиската автономија се изразува во:

  1. самостојно управување и располагање со имотот, предметите, паричните средства и другите материјални права за вршење на високообразовната, научноистражувачката и применувачката дејност;

  2. самостојно распределување на средствата ( буџетот ) утврдени од Управниот одбор на Фондот за високообразовна дејност, или од друг надлежен орган;

  3. самостојно располагање со средствата кои Факултетот ги стекнува од домашни и од странски правни и физички лица, од вршење образовни услуги во додипломските, последипломските и докторските студии, продавање научни и стручни услуги и производи, кофинансирање од студентите, организирање научни и стручни собири, камати, дивиденди, приходи по основ на авторски права во сопственост на Факултетот, легати, подароци, завештенија, прилози и други извори;

  4. самостојно одлучување за развојот на нови дејности, кои не се финансираат од Фондот за високообразовна дејност а се во функција на развој на високообразовната, научноистражувачката и применувачката дејност;

  5. формирање фондови, фондации и основање други организации од сопствени приходи и од други извори, заради вршење високо­обра­зов­­­на, научноистражувачка, издавачка и применувачка дејност;

  6. слободно воспоставување контакти и соработка со институциите, индустријата и светот на бизнисот на локално, регионално, национално и меѓународно ниво.

Отчетност и одговорност

Член 14

Отчетноста и одговорноста на Факултетот се изразуваат преку:

  1. поднесување годишен извештај за работата до Универзитетот;

  2. поднесување извештај за финансиското работење пред Фондот за високообразовна дејност за користење на средствата од Фондот;

  3. создавање внатрешен систем за оценка на ефективноста и квалитет­от на остварувањето на дејностите на Факултетот и информирање на пошироката јавност, преку Агенцијата за евалуација и Одборот за акредитација.

Заштита на автономијата

Член 15

Просторот на Факултетот го опфаќа просторот во кој се сместени органите и во кој се остварува дејноста на Факултетот, другите придружни објекти, како и просторот наменет за спортски, културни, уметнички, рекреативни и други активности на студентите и вработените на Факултетот, како и земјиштето што служи за редовна употреба на просторот на Факултетот.

Член 16

Просторот на Факултетот е неповредлив.

Полицијата и другите државни органи на безбедност не можат, без согласност на деканот или на лице овластено од него, да влегуваат во овој простор, освен за спречување на извршување на кривично дело што непосредно претстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител, како и во случаи на природни и други незгоди (пожар, поплава и сл. ).

Член 17

Автономијата на Факултетот не може да се нарушува и со:

неповикано учество во изведувањето на дејноста на Факултетот;

  1. извршување на високообразовна и друга дејност што ги загрозува правата на членовите на академската заедница, насочени кон дискриминација на човекот и граѓанинот, сврзана со полот, расата, бојата на кожата, националната и етничката припадност, социјално­то потекло, политичкото и верското убедување и припадност, имотната и општествената положба;

  2. политичко и религиозно организирање и дејствување, освен активностите што се остваруваат преку форми на кои се размену­ва­ат идеи и мислења.

Член 18

Деканот е должен да го извести ректорот на Универзитетот кога ќе констатира дека во факултетската средина се нарушени принципите на автономијата од претходниот член.

Член 19

Деканот, во соработка со Ректорот, презема мерки за отстранување на причините кои довеле до нарушување на принципите на автономијата.

Член 20

Ректорот на Универзитетот или лицето овластено од него, на барање на деканот, може да даде согласност за присуство на полицијата и другите државни органи за безбедност во просторот на Факултетот, заради обезбедување непречено вршење на дејноста на Факултетот и остварување на неговата улога, целите и задачите и заради отстранување на состојба на непосредна опасност по животот и здравјето на вработените и имотот на Универзитетот, настанати од кои и да било причини.

Член 21

Доколку просторот на Факултетот се наруши спротивно на одредбите од овој Статут, деканот свикува седница на Факултетската управа и ги известува ректорот и надлежните државни органи.

Член 22

За одржување масовни собири на студентите и на вработените во просторот на Факултетот, деканот на Факултетот е должен да го извести Ректорот на Универзитетот.

Мирно решавање на споровите

Член 23

Споровите што настануваат меѓу членовите на академската заедница, како и споровите меѓу Факултетот и другите членки на Универзитетот, мегу Факултетот и Универзитетот, се решаваат со ака­демс­ка толеранција, спогодбено, во заедничките органи и на друг начин на академско разбирање.

За начинот на мирното решавање на споровите се применуваат одредбите од Статутот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

УЛОГА, ЗАДАЧИ И ДЕЈНОСТИ НА ФАКУЛТЕТОТ

Член 24

Улога и задачи на Факултетот се: пренесување знаења, организирање студии, развој и промоција на образованието и науката, развој на креативните способности, подготвување на студентите за занимања за кои е потребна примена на научни откритија и високостручни знаења, поттикнување на технолошкиот развој, техничката култура и спортот и напредок на општеството во кое човекот ја презема одговорноста за својата сопствена иднина.

Улогата и задачите од ставот 1 на овој член Факултетот ги остварува со:

  1. организирање различни видови и степени на високо образование: додипломски, последипломски и докторски студиии за стекнување научен степен специјалист, магистер и доктор на науки од областа на: математичките, физичките, хемиските, биолошките, географските, етнолошките и информатичките науки;

  2. изведување фундаментални, развојни и применети истражувања од областа на математичките, физичките, хемиските, биолошките, географските, етнолошките и информатичките науки, сеизмологијата и граничните дисциплини и вршење применувачка дејност, изведување комплексни научно­истра­жува­чки проекти од поширок интерес за стопанството и општествените дејности;

  3. организирање и изведување настава за потребите на другите високо­образовни организации на универзитетите во Република Македонија, за научните области за кои е матичен Факултетот, наведени во член 1 од овој Статут;

  4. учество во планирањето, утврдувањето и развојот на вкупниот образовен систем;

  5. следење и примена на модернизацијата во остварувањето на дејноста;

  6. перманентно образование кое се врши преку курсеви, семинари, далечинско образование и други форми, со кое се стекнуваат нови знаења и се прошируваат знаењето и стручноста;

  7. различни форми и флексибилни облици на образование и развој во областа на науката, техниката и културата;

  8. надградување и продлабочува­ње на завршените додипломски и последипломски студии;

  9. континуирано вршење на сеизмолошката служба во РМ;

  10. во рамките на меѓународната соработка на Универзитетот, остварување научна, образовна и техничка сорботка со странски и со нацио­нал­ни восокообразовни и научни установи, и други форми на меѓу­на­род­на соработка;

  11. организирање и реализирање високостручна апликативна дејност (вршење анализи и експертизи, издавање атести, уверенија за квалитет, изработка и издавање извештаи од научни и стручни услуги, елаборати, студии и сл.);

  12. организирање и реализирање на заеднички студии и проекти во соработка со домашни и со странски, физички и правни лица;

  13. организирање други форми и видови на подигање на општото образовно ниво и поттикнување конструктивен натпревар помеѓу разли­чни­те идеи и пристапи.

Член 25

Факултетот, во вршењето на високообразовната, научноистра-жувачката и применувачката дејност:

  1. ги планира остварувањето и развојот на дејностите за кои е основан;

  2. врши високообразовна дејност, како додипломски, последипломски и докторски студии во една или во повеќе сродни, односно меѓусебно поврзани научни и стручни дисциплини и се грижи за нивниот развој;

  3. се грижи за унапредување и учество во планирањето, утврдува­њето и развојот на вкупниот образовен систем во Републиката во области­те за кои е матичен;

  4. се грижи за развојот на применувачката дејност, развојот на нови технологии и нивна примена во сферата на производството и услужните дејности за областите за кои е матичен;

  5. управува и ги користи имотот и материјалните средства со кои располага;

  6. во рамките на политиката на Универзитетот за меѓународна соработка, остварува соработка со сродни високообразовни и научни уста­но­ви во странство;

  7. остварува научна и наставна соработка со сродни високообразовни и научни установи во земјата и во странство;

  8. во остварувањето на соработката со сродни високообразовни и научни установи во земјата и во странство, организира, учествува и раководи со научни проекти, организира научни собири, симпозиуми, семинари, советувања и други видови собири и обезбедува материјални и просторни услови за нивно одржување;

  9. врз единствени основи утврдени од Универзитетот, ја организира компјутерската мрежа и раководи со неа;

  10. продава научни и стручни услуги и производи на правни и на физички домашни и странски лица;

  11. организира издавачка дејност во согласност со актите на Универзитетот;

  12. во рамките на единствениот библиотечно-информациски систем, утврден од Универзитетот, ја организира работата на библиотеките и организира библиотечно-информациска и документациона дејност;

  13. издава дипломи и други документи за завршени студии и други видови образование, според условите утврдени во Статутот на Универзитетот во чиј состав е основан;

  14. предлага и презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студените и вработените;

  15. остварува различни студии за надградување, продлабочување или проширување на знаењата и за континуирано образование;

  16. разменува научни и стручни услуги и производи со домашни и со странски физички и правни лица.

Факултетот врши и други работи и дејности утврдени со закон, со овој Статут и со Статутот на Универзитетот, како и други работи и дејности кои се во согласност со остварувањето на неговата автономија, а не противречат на заедничките интереси што Факултетот ги остварува во Универзитетот.

Факултетот ја организира и ја остварува својата дејност како единствен процес на наставата, научната и високостручната применувачка дејност во високото образование.

Факултетот ги врши дејностите во согласност со националната класификација на дејностите (Службен весник на РМ 20/98), утврдена со одлука на Наставно-научниот совет, која е составен дел на овој Статут.

Член 26

Факултетот е должен, на барање на ректорот, да го информира за сите прашања што се од интерес за остварување на целите и задачите на Универзитетот и да му овозможи достап до сите документи од неговото работење.

ОРГАНИ НА ФАКУЛТЕТОТ

Член 27

Органи на Факултетот се: Наставно-научниот совет, деканот и Деканатската управа.

Наставно-научен совет

Член 28

Орган на управување и стручен орган на Факултетот е Наставно-научниот совет.

Наставно-научниот совет го сочинуваат избранитередовни и вонредни професори и доценти, кои имаат засновано работен однос со Факултетот.

Во работата на Наставно-научниот совет може да учествуваат и наставно-научните работници кои изведуваат настава на Факултетот, а немаат засновано работен однос, само за прашањата кои се однесуваат на нивното учество во оставрувањето на дејностите на Факултетот.

Во Наставно-научниот совет свои претставници избираат соработ­ни­ци­те кои имаат засновано работен однос и студентите.

Бројот на соработниците во Наставно-научниот совет изнесува 1/5 од вкупниот број соработници (помлади асистенти и асистенти) на секој институт при Факултетот и тој не може да биде поголем од 1/5 од бројот на редовните професори, вонредните професори и доцентите на Факултетот.

Бројот на студентите во Наставно-научниот совет изнесува по еден студент од секој институт и по еден студент од двопредметните студии.

Мандатот на претставниците на соработниците трае две години, а мандатот на претставниците на студентите трае една година.

Член 29

Претставниците на соработниците ги избираат соработниците (помладите асистенти и асистентите) од редот на соработниците кои се избрани во звањето асистент, со тајно гласање, и тоа во месец септември, а се сметаат за избрани оние кои добиле најголем број гласови.

Pretstavnicite na studentite gi izbiraat organite na Sojuzot na studentite na Fakultetot, i toa vo mesec dekemvri.

Надлежност на Наставно-научниот совет

Член 30

Наставно-научниот совет:

донесува статут и други општи акти;

  1. донесува деловник за својата работа;

  2. донесува четиригодишна програма за развој и годишна програма за работа;

  3. избира и разрешува декан и продекани;

  4. го потврдува изборот на: раководителите на основните организациони единици на Факултетот, внатрешните организациони единици и раководителите на последипломските студии;

  5. утврдува студиски и предметни програми;

  6. донесува правилници потребни за работата на Факултетот;

  7. донесува програма за научноистражувачката работа;

  8. го организира остварувањето на наставно-образовниот процес и се грижи за остварување на наставните и научноистржувачките планови и програми;

  9. донесува одлука за потреба од наставно-научни работници и соработници и во таа смисла донесува одлука за распишување конкурс за избор во наставно-научни, научни и соработнички звања;

  10. формира рецензентска комисија за изготвување реферат и оценка за избор во наставно-научно, научно и соработничко звање;

  11. врши избор во наставо-научни, научни и соработнички звања;

  12. врши избор во насловни звања;

  13. ја води постапката за стекнување научен степен магистер, односно специјалист и доктор на науки.

  14. предлага број на студенти кои се запишуваат во прва година на додип­ломските и послетдипломските студии, како и услови за запишување;

  15. презема мерки за создавање и усовршување на наставно-научниот подмладок и за работа со особено успешни и талентирани студенти;

  16. го разгледува успехот на студентите и предлага мерки за негово подобрување;

  17. презема мерки и одлучува за унапредување на наставната, научно-истражувачката и применувачката работа;

  18. се грижи за организацијата и извршувањето на апликативната дејност на Факултетот, како и за издавање стручни и други списанија и за издавање учебници, скрипти и учебни помагала;

  19. на предлог на деканот, од кандидатите пријавени на објавен конкурс, избира секретар на Факултетот и по негов предлог го разрешува;

  20. формира комисија за евалуација на Факултетот, ги избира нејзините членови и донесува упатство за евалуација на Факултетот;

  21. предлага кандидати за избор на ректор и проректори на Универзитетот и избира претставници во органите и телата на Универзитетот;

  22. одлучува за имотот и материјалните средства над износот од 25.000 евра, односно износот утврден со закон;

  23. одлучува за преземање и пренесување, без надоместок, на основните средства и средствата за заедничка потрошувачка;

  24. одлучува за купување и продавање на основните средства и средствата за заедничка потрошувачка;

  25. одлучува за расходување на основните средства и средствата за заедничка потрошувачка;

  26. одлучува за утврдување вишоци и кусоци и за отпишување на спорните ненаплатени побарувачки;

  27. донесува одлука за давање односно земање кредит, во врска со тековното работење, во согласност со планот на Факултетот;

  28. донесува финансиска пресметка и усвојува завршни пресметки;

  29. одлучува за остварувањето на библиотечно-информациската и докумен­тационата дејност во рамките на единствениот библиотечно-инфор­мациски и документационен систем на Универзитетот;

  30. формира стручни комисии за признавање на високообразовни квали­фикации стекнати во странство;

  31. одлучува за организирање меѓународни собири, симпозиуми, советува­ња и слично;

  32. одлучува за меѓународната соработка;

  33. одлучува за отсуствата од работа на наставно-научните работници и соработниците на Факултетот, кои се реализират надвор од Републиката, како и за отсуства подолги од 5 дена, кои се реализираат во Републиката;

  34. предлага и презема мерки за унапредување и заштита на стандардот на студентите и вработените;

  35. утврдува предлог за доделување звање почесен професор и титула почесен доктор на науки на Универзитетот;

  36. донесува одлука за формирање организациони единици на Факултетот;

  37. формира постојани и повремени работни тела, за разгледување на прашања од неговата надлежност, како и пошироко;

  38. врши и други работи утврдени со закон, со Статутот на Универзитетот и со овој Статут.

Одлучување

Член 31

Наставно-научниот совет полноважно одлучува, доколку на седни­цата присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број негови члено­ви, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.

При изборот во наставно-научни и научни звања не учествуваат асистентите, помладите асистенти и студентите.

Наставно-научниот совет може да врши избор во наставно-научни и научни звања, доколку на седницата се присутни две третини од редот на редовните професори, вонредните професори и доцентите, а одлуката се смета за донесена ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број на редовните професори, вонредните професори и доцентите.

За донесувањето на Статутот, изборот и разрешувањето на декан и продекани, за донесувањето на студиски и предметни програми и за избор во соработнички звања, Наставно-научниот совет може полно­важно да одлучува доколку се присутни две третини од вкупниот број членови, а одлуката се смета за донесена ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број членови на Наставно-научниот совет.

Во работата на Наставно-научниот совет учествува и секретарот на Факултетот, без право на глас.

Член 32

Наставно-научниот совет одлучува со јавно гласање, освен за работите утврдени со закон и со овој Статут, за кои е предвидено тајно гласање. Наставно-научниот совет, за одредени прашања за кои се одлучува јавно, може да одлучи да се гласа тајно.

Член 33

Седниците на Наставно-научниот совет ги свикува и со нив раководи деканот на Факултетот. Во отсуство на деканот, по негово овластување, со седницата на Наставно-научниот совет раководи еден од продеканите.

Деканот е должен да свика седница на Наставно-научниот совет, ако тоа го побараат една третина од членовите на Наставно-научниот совет, еден од Институтите или Факултетската управа.

Ако деканот не свика седница на Наставно-научниот совет во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, седницата ќе ја свика и со неа ќе раководи најстариот професор.

Член 34

Поблиски одредби за начинот на работа, изјаснување и одлучување, за прашањата кои на предлог на институтите се разгледуваат на Наставно-научниот совет, се уредуваат со Деловникот за работа на Наставно-научниот совет на Факултетот.

Декан

Член 35

Деканот е раководен орган на Факултетот.

Деканот го застапува и го претставува Факултетот во земјата и во странство.

Член 36

Вршењето на должноста декан е неспојливо со вршење на друга државна функција или функција во орган на политичка партија.

Надлежност на деканот

Член 37

Во рамките на вршењето на својата раководна функција, деканот:

ги извршува одлуките и заклучоците на Наставно-научниот совет;

  1. се грижи за усогласено вршење на високообразовната, научно­истражувачката и применувачката дејност;

  2. ги свикува седниците на Наставно-научниот совет, го предлага днев­ниот ред и раководи со нив;

  3. на Наставно-научниот совет му поднесува предлози на одлуки, општи акти и заклучоци за прашањата од негова надлежност;

  4. распишува конкурс за избор на лица избрани во наставно-научни, научни и соработнички звања, шест месеци пред истекот на времето за кое се избрани;

  5. ги промовира дипломираните студенти и доделува награди;

  6. одлучува како работодавач, согласно со одлуките на Наставно-научниот совет;

  7. донесува одлуки за престанување и за засновање работен однос;

  8. ги потпишува јавните исправи што ги издава Факултетот;

  9. издава решенија во управна постапка, донесува решенија од областа на работните односи, како и сите други решенија;

  10. издава наредби, упатства и други налози за редовно извршување на работите;

  11. ја координира работата на организационите единици на Факултетот, комисиите формирани од Наставно-научниот совет и Факултетската управа;

  12. формира комисии за проучување на одредени стручни и други прашања;

  13. ги потпишува финасиските документи ;

  14. издава налози за службени патувања и одобрува отсуства од работа до 5 дена, кои ќе се реализираат во Републиката;

  15. ги свикува седниците на Факултетската управа, го предлага днев­ниот ред и претседава со нив;

  16. раководи со организацијата на спроведувањето на подготовките за народна одбрана, остварува непосреден надзор и презема посебни мерки за работа во воени услови;

  17. управува со имотот на Факултетот и се грижи за неговото одржување;

  18. иницира соработка со сродни установи во земјата и во странство;

  19. одлучува за средствата за инвестиции и опрема до 2.500 евра;

  20. врши и други задачи согласно со законот, Статутот на Универзитетот, овој Статут и општите акти на Факултетот.

Член 38

Деканот е самостоен во работата што му е доверена и за својата работа е одгово­рен пред Наставно-научниот совет на Факултетот.

Деканот е одговорен за законито и статутарно работење на органите на Факултетот.

Деканот има право и должност да го запре извршу­вањето на општ акт и одлука на органите на Факултетот, за кои смета дека се спротивни на законот, на Статутот и на другите општи акти на Универзитетот, на овој Статут и на другите општи акти на Факултетот.

Запирањето на општиот акт и одлуката престанува, доколку деканот, во рок од еден месец од денот на нивното запирање, не поведе постапка пред Уставниот суд на Република Македонија за оценување на нивната уставност и законитост.

Член 39

Водењето на работите во одделните процеси на работа на Факултетот, како и организирањето и усогласувањето на процесот на работата и извршувањето на одлуките на оганите на Факултетот, деканот го врши и преку продеканите и секретарот на Факултетот.

Деканот, за вршење на дел од своите права и обврски, може да овластува одделни продекани.

Избор и разрешување

Член 40

Деканот се избира од редот на редовните и вонредните професори, според ротационен принцип и редослед, за време од четири години.

Декан се избира според следниов редослед на институтите:

1. биологија;

2. математика;

3. географија;

4. информатика;

5. хемија;

6. физика.

7. етнологија и антропологија

За декан и продекан може да бидат избрани лица кои имаат способност за организација и за соработка.

 

Член 41

Постапката за избор на декан започнува најдоцна шест месеци (во април) пред истекот на мандатот на деканот.

Постапката за избор на декан ја спроведува комисија што ја избира Наставно-научниот совет, на писмен предлог на секој институт. Комисијата е составена од по еден претставник од редот на наставно-научните работници од секој институт.

Кандидати за декан предлага институтот при Факултетот кој, согласно со утврдениот редослед во член 40, став 2 од овој Статут, има право да предлага кандидати.

Институтот чиј редослед е да предложи кандидат за декан може да одлучи да не предлага кандидат за избор на декан и тоа право да му го отстапи на наредниот редоследен институт.

Предлозите за кандидати за декан се даваат на внатрешните организациони единици на институтот.

Од предложените кандидати, на седница на стручниот совет на институтот, се утврдуваат, со тајно гласање, најмногу два кандидата.

Стручниот совет на институтот може да одлучува доколку се присутни најмалку 2/3 од вкупниот број негови членови. За утврдени кандидати се сметаат оние кои добиле најголем број гласови. Доколку двајца кандидати имаат ист број гласови, гласањето се повторува и за утврден се смета кандидатот кој освоил повеќе гласови. Ако состојбата се повтори, се пристапува кон предлагање на нов(и) кандидат(и), по иста постапка. Во овој случај, стручниот совет на институтот може да одлучи, со мнозинство гласови од вкупниот број негови членови, да го предложи само кандидатот кој добил најголем број гласови.

Предложените кандидати за декан доставуваат програма за работа за мандатниот период и детален curiculum vitae, со сите релевантни податоци за кандидатот, од каде може да се оценат неговите квалитети и способноста да ја врши функцијата декан на Факултетот, и нив ги доставува до секој институт, за запознавање.

Кандидатите предложени за декан, програмата за работа на Факултетот за мандатниот период јавно ја презентираат, пред Наставно-научниот совет, на денот на самиот избор.

Член 42

Наставно-научниот совет може полноважно да одлучува за избор на декан, доколку се присутни две третини од вкупниот број негови членови.

Наставно-научниот совет, со тајно гласање, го избира деканот на Факултетот.

Гласањето за избор на декан го спроведува комисијата од член 41, став 2 од овој Статут.

Одлуката за избор на декан се смета за донесена ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број членови на Наставно-научниот совет.

За извршениот избор на декан на Факултетот се известува ректорот на Универзитетот, во рок од 15 дена од изборот.

Ректорот на Универзитетот го потврдува изборот на декан на Факултетот.

Ректорот не го потврдува изборот на деканот ако констатира дека тој не ги исполнува условите предвидени со закон, со овој Статут и при повреда на постапката за избор.

Член 43

Ако при гласањето, во првиот круг, за декан не биде избран ниту еден од предложените кандидати, гласањето се повторува уште еднаш, само за кандидатот кој добил поголем број гласови.

Ако двајцата кандидати добиле ист број гласови, гласањето се повторува со тајно изјаснување.

Ако и при повторното гласање, во случаите од став 1 и 2 од овој член, не се избере декан, целата постапка се повторува.

Ако за избор на декан има предложено само еден кандидат и ако при гласањето во првиот круг не го добие потребното мнозинство на гласови, целата изборна постапка се повторува.

При повторната постапка нови кандидати повторно предлага истиот институт и во неа не може да учествуваат истите кандидати за декан од претходната постапка.

Постапката за избор на декан завршува до 30 јули календарската година во која истекува мандатот на деканот.

Член 44

Деканот стапува на должност на 1 октомври наредната учебна година.

Член 45

Ако декан не се избере до 30 јули, Факултетот е должен, најдоцна до 15 септември, да избере вршител на должноста декан, согласно со чл. 40, 41, 42 и 43 од овој Статут.

Вршителот на должноста декан има мандат од 1 октомври најдолго до крајот на зимскиот семестар (15 јануари).

Вршителот на должноста декан е должен, во рокот утврден во став 2 од овој член, да ја спроведе постапката за избор на декан.

Член 46

Доколку Наставно-научниот совет не избере декан, и најдоцна до 15 септември во годината кога се избира декан, не избере вршител на должноста декан, Ректорот на Универзитетот именува вршител на должноста декан, по постапка утврдена во Статутот на Универзитетот.

Член 47

Вршителот на должноста декан може да именува вршители на должноста продекани.

Член 48

Деканот е должен, најмалку еднаш во годината, до Наставно-научниот совет и до Ректорот на Универзитетот да поднесува извештај за својата работа.

Наставно-научниот совет, за прифаќање на извештајот од став 1 од овој член, се изјаснува со тајно гласање.

Ако Наставно-научниот совет не го прифати извештајот за работата на деканот, се отвора постапка за негово разрешување.

Наставно-научниот совет, на барање на еден институт или на најмалку 30 члена од Наставно-научниот совет, може да побара од деканот да поднесе извештај за својата работа и за период пократок од една година.

Деканот е должен да го поднесе извештајот најдоцна 5 работни дена по одлуката на Наставно-научниот совет и да го постави на разгледување на првата наредна седница на Наставно-научниот совет.

Ако Наставно-научниот совет не го прифати извештајот за работата на деканот, се отвара постапка за негово разрешување, односно се гласа за негово разрешување, согласно со одредбите од овој Статут кои се однесуваат на постапката за негов избор.

Член 49

На деканот функцијата му престанува и пред истекот на мандатот ако:

  1. биде разрешен;

  2. поднесе оставка;

  3. му престанал работниот однос.

Член 50

Ако местото декан на Факултетот се испразни пред истекот на времето за кое е избран, ќе се избере нов декан, најдоцна во рок од 90 дена откако е местото испразнето, од истиот институт од кој бил избран деканот.

Ако на местото декан навремено не може да биде избран декан, или ако местото декан е испразнето помалку од 6 месеци, Наставно-научниот совет за тоа место именува вршител на должноста декан.

Мандатот на новиот декан трае до истекот на рокот за кој е избран претходниот декан на Факултетот.

Одредбите од овој член соодветно се применуваат и врз продеканите, во случаите од член 49 на овој Статут.

Продекани

Член 51

Факултетот има три продекани, и тоа:

  1. за наставни и студентски прашања;

  2. за материјални и финасиски прашања;

  3. за меѓународна соработка, за научни и апликативни прашања.

Член 52

Вршењето на должноста продекан е неспојливо со вршењето на друга државна функција или функција во орган на политичка партија.

Член 53

Продеканите ги избира Наставно-научниот совет, на предлог на новоизбраниот декан, по правило, од кандидатите предложени на претходно доставена листа од страна на институтите кои имаат право да предложат продекан.

Продеканите се избираат од редот на редовните и вонредните професори и доцентите.

Деканот и продеканите се од различни институти, и тоа според следниов редослед:

декан продекани

1. биологија математика, етнологија и хемија;

2. математика географија, информатика и физика;

3. географија информатика, хемија и биологија;

4. информатика етнологија, физика и математика;

5. хемија физика, биологија и географија;

6. физика математика, информатика и етнологија;

7. етнологија географија, хемија и биологија

Продеканите за својата работа одговараат пред деканот и пред Наставно-научниот совет на Факултетот.

Деканатска управа

Состав

Член 54

Деканатската управа ја сочинуваат деканот, продеканите, шефовите на институтите и Сеизмолошката опсерват­ори­ја, и претседателот на Сојузот на студентите при Факултетот.

Мандатот на членовите на Деканатската управа трае за периодот за кој се избрани.

Во работата на Деканатската управа учествува и секретарот на Факултетот, без право на глас.

Надлежност

Член 55

Деканатската управа, во рамките на својата надлежност:

ги подготвува и ги предлага актите и материјалите за прашања за кои одлучува Наставно-научниот совет и деканот;

  1. одлучува за рационално вршење на дејноста на Факултетот;

  2. одлучува за издавачката дејност на Факултетот;

  3. утврдува предлог-статут и други општи акти од надлежност на Наставно-научниот совет;

  4. одлучува за работата на библиотеките на Факултетот;

  5. води кадровска политика;

  6. одлучува за имотот и материјалните средства за инвестиции и опрема од 2.500 евра до 25.000 евра, односно до висината одредена со закон;

  7. донесува заклучоци и мерки за унапредување на дејноста на Факул­тетот;

  8. презема мерки во врска со заштитата на работниците и студен­тите на Факултетот;

  9. одлучува за трошење на средствата за репрезентација;

  10. одобрува средства за изведување теренска настава, студентски екскурзии, натпревари и сл.;

  11. донесува одлуки за надоместок на материјалната штета што ја предизвикал работник или студент на Факултетот;

  12. го следи движењето на материјалните трошоци на Факултетот и презема мерки за рационално трошење на средствата;

  13. се грижи за стручното усовршувње на работниците (освен за наставниците и соработниците) и донесува конкретни одлуки за тоа;

  14. се грижи за обезбедување нормални услови за работа на вработените и на студентите на Факултетот и за таа цел презема мерки за затоплување на Факултетот, за отстранување на недостатоците, одржување на хигиената и за подигање на одржувањето на зеленилото на Факултетот;

  15. се грижи имотот на Факултетот да биде уредно и навреме осигурен;

  16. се грижи за обезбедување услови за функционирање на Стручната служба на Факултетот;

  17. презема мерки за подобрување на работната дисциплина на Факултетот;

  18. решава за преместување на работници од една во друга работна единица;

  19. се грижи за информирање на вработените на Факултетот за прашања од интерес за нивно одлучување;

  20. формира постојани и повремени работни тела, за работи од неговата надлежност, утврдени во овој Статут;

  21. одлучува за потребата од нови вработувања на работници во Стручната служба на Факултетот и за нивен прием;

  22. одлучува за отсуства од работа на вработените во Стручната служба, подолги од 7 дена;

  23. одлучува за барања на студенти од материјална природа;

  24. одлучува за прашања од работните односи во втор степен;

  25. врши и други работи определени со овој Статут или за кои ќе биде овластена од Наставно-научниот совет и деканот.

Член 56

Деканатската управа работи на седници.

Деканатската управа ја свикува и со седниците раководи де­канот.

Деканатската управа може да работи дококлу се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови.

За прашањата од член 55 став 1 алинеја 4,6,7,19,22 и 24, Деканат­ската управа може да работи доколку се присутни 2/3 од вкупниот број членови.

Одлуките за прашањата од став 4 на овој член се сметаат за донесени доколку за нив гласале повеќе од половината од вкупниот број членови на Деканатската управа. За другите прашања од член 55 на овој Сатут одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Деканатската управа.

За работењето на Деканатската управа се води записник.

Член 57

Деканот има право да стави вето на одлука на Факултетската управа кога смета дека е спротивна на законот, Статутот и другите општи акти на Универзитетот, на овој Статут и другите општи акти на Факултетот.

Одлука за спорното прашање донесува Наставно-научниот совет.

ОРГАНИЗАЦИОНИ ЕДИНИЦИ

Наставно-научни организациони единици

Член 58

На Факултетот за вршење на неговата високобразовна, научно­истражувачка и апликативна дејност се организираат следниве основни наставно-научни организацио­ни единици:

  1. Институт за математика;

  2. Институт за физика;

  3. Институт за хемија;

  4. Институт за биологија;

  5. Институт за географија;

  6. Институт за информатика;

  7. Институт за етнологија и антропологија.

Во рамките на институтите при Факултетот постојат следниве внатрешни наставно-научни организациони единици:

Институт за математика

1. Завод за алгебра и геометрија,

2. Завод за топологија,

3. Завод за анализа,

4. Завод за применета математика,

5. Завод за методика на математичката настава и елементарна математика.

Институт за физика

1. Завод за физика на кондензирана материја,

2. Завод за теориска физика,

3. Завод за оптика и спектроскопија,

4. Завод за методика на наставата по физика и општа физика.

Институт за хемија

  1. Завод за неорганска хемија,

  2. Завод за аналитичка хемија,

  3. Завод за физичка хемија,

  4. Завод за органска хемија и биохемија.

Институт за биологија

  1. Ботанички завод со Ботаничка градина;

  2. Зоолошки завод и

  3. Завод за физиологија и биохемија.

Институт за географија

  1. Завод за физичка географија,

  2. Завод за социо-економска географија,

  3. Завод за картографија,

  4. Завод за етнологија.

Институт за информатика

1. Завод за теориски основи на информатиката,

2. Завод за програмско инженерство,

3. Компјутерски центар.

Член 59

На Факултетот, за вршење на научноистражувачка, високобразовна и апликативна дејност, постои Сеизмолошка опсерваторија, како посебна организациона единица .

На Факултетот, за вршење на научноистражувачка и апликативна дејност, постои Центар за следење, унапредување и развој на образованието.

На Факултетот постои и Компјутерски центар.

Сеизмолошката опсерваторија и Центарот за следење, унапредува­ње и развој на образованието во својот состав имаат одделенија.

Член 60

Во рамките на Сезмолошката опсерваторија при Факултетот постојат следниве одделенија:

  1. Одделние за телеметрија со сеизмолошка служба,

  2. Одделение за микросеизмика,

  3. Одделение за макросеизмика,

  4. Одделение за сеизмолошки инструменти,

  5. Сеизмолошко-информатичко одделение.

Член 61

Во рамките на Центарот за следење, унапредува­ње и развој на образованието постојат одделенија.

Наставно-научниот совет, со посебен акт, ќе ги утврди називите и надлежноста на одделенијата од став 1 на овој член.

Член 62

Со посебен опш акт, што го донесува Наставно-научниот совет на Факултетот, се уредуваат и дејноста, организацијата и работата на: Центарот за следење, унапредува­ње и развој на образованието, Ботаничкиот завод со Ботаничка градина (за работата на Ботаничката градина) и Компјутерскиот центар, како специфични организациони единици од значење за вкупната работа на институтите, Факултетот и пошироко.

Член 63

Во рамките на Факултетот, односно на институтите при Факултетот, може да се основаат и други основни и внатрешни наставно-научни организациони единици (институти, заводи, центри, катедри, оддели, лабо­ра­тор­ии, музејски збирки и друго, потребни за изведување на наставата и научноистражувачката рабо­та) под услов:

  1. да е изготвен елаборат за оправданоста од основање,

  2. да е донесен план и програма за работа,

  3. да се обезбедат средства за работа,

  4. да е обезбедена опрема и простор,

  5. да е обезбеден потребен кадар.

Одлука за формирање нови организациони единици донесува Наставно-научниот совет.

Член 64

Основните и внатрешните наставно-научни организациони единици се без својство на правно лице, а нивните права и должности се утврдени со овој Статут.

За секој од институтите и за Сеизмолошката опсерваторија при Факултетот се води посебно материјално и финансиско сметководство, по сите основи, за приходите и расходите на соодветниот институт, односно Сеизмолошката опсерваторија.

Институтите се самостојни во одлучувањето и реализацијата на одлуките за кои се надлежни согласно со одредбите од овој Статут и другите општи акти.

Деканот, по правило, ги спроведува одлуките од надлежност на институтите, доколку не се во спротивност со законот, Статутот на Универзитетот, овој Статут и другите општи акти на Универзитетот и Факултетот.

Начинот на учество на институтите и на Сеизмолошката опсерва­то­рија во подмирувањето на заедничките трошоци за работата на Факултетот и за остварување на работата на заедничките служби се уредува со посебен општ акт.

Институти

Член 65

Институтот е основна внатрешна наставно-научна организациона единица во која се планира, се програмира, се организира и се изведува наставната, научноистражувачката и апликативната дејност од одредена наставно-научна област, односно од одредено наставно-научно подрачје или од одредени наставно-научни дисциплини.

Член 66

Во делокругот на работата на институтот спаѓа:

подготвување и предлагање студиски и предметни програми за предметите од неговиот делокруг;

  1. организирање и грижа за успешно изведување на наставата и за придонес во нејзиното осовременување и рационализирање;

  2. организирање и реализирање на наставата по матичните дисциплини на другите институти при Факултетот, на двопредметните студии на Факултетот, на интердисциплинарните студии на Универзитетот, како и на другите факултети на универзитетите во Република Македонија;

  3. спроведување постапка и давање предлози до Наставно-научниот совет за стекнување со научен степен специјалист, магистер и доктор на науки;

  4. спроведување постапка и давање предлог до Наставно-научниот совет и државниот орган надлежен за работите за образование за признавање на високобразовни квалификации стекнати во странство;

  5. вршење самоевалуација за работата на институтот и неговите членови;

  6. предлагање програма за наставно-научната дејност на институтот и неговиот развој;

  7. разгледување, планирање, усогласување, организирање и изведување на научноистражувачката и апликативната работа на членовите на институтот;

  8. анализирање на успехот на студентите и преземање мерки за негово унапредување;

  9. давање предлози за издавање учебници, скрипти, учебни помагала и научни и популарни публикации;

  10. предлагање план за стручно усовршување на членовите на институ­тот;

  11. грижа за обезбедување со потребните наставно-научни кадри и давање предлози за распишување конкурс за избор на наставници, соработници и друг кадар на институтот;

  12. грижа за создавање на материјалната основа за успешно реализирање на наставната и научната работа;

  13. предлагање наставен план и програма за специјалистички и последипломски студии и други форми на образование и разни видови курсеви;

  14. утврдување и предлагање распоред на часовите за предавања и вежби;

  15. предлагање членови на рецензентски комисии за избор на настав­ници и соработници;

  16. следење на состојбата на финансиските и материјалните средства на институтот и разгледување и усвојување на извештајот за годишното финансиско работење на институтот;

  17. самостојно одлучува за користење на средствата од сопствени приходи во износ од 2.500 до 25.000 евра;

  18. организација, подготовка и изведување на лаборато­риска и практична настава, според студискиот план и програмата;

  19. организирање форми за популаризација на науките;

  20. организирање и реализирање високостручна апликативна дејност (вршење анализи и експертизи, издавање атести, уверенија за квалитет, изработка и издавање извештаи од научни и стручни услуги, елаборати, студии и сл.);

  21. и други работи, кои му се ставени во надлежност со овој Статут и со другите општи акти на Факултетот.

Член 67

Членови на институтот се наставниците и соработниците кои се во работен однос на Факултетот, задолжени за изведување на наставната и научната работа по дисципли­ните што влегуваат во негова дејност.

Во рамките на институтот и Сеизмолошката опсерваторија, својата работа ја остваруваат и ја вршат и други лица (лаборанти, библиотекари, техничари и сл.) кои се тесно поврзани со извршувањето на дејностите на институтот, односно Сеизмолошката опсерваторија.

Член 68

На институтот постојат:

  1. стручен совет,

  2. институтска управа,

  3. шеф на институтот.

Член 69

За разгледување и одлучување на прашања од надлежноста на Наставно-научниот совет на Факултетот, како и за други прашања од надлежност на институтот, на институтот се формира стручен совет.

Стручниот совет на институтот го сочинуваат сите наставници и соработниците (помлади асистенти и асистенти) на институтот.

При спроведување на постапката за прашањата што се однесуваат на избор во наставно-научни и научни звања не учествуваат соработни­ци­те.

Стручниот совет на институтот разгледува и донесува одлуки, односно предлог-одлуки за прашања од надлежноста на Наставно-научниот совет, за прашања од член 66 од овој Статут, како и за други прашања од надлежноста на институтот, утврдени во овој Статут и другите општи акти на Факултетот и нив ги доставува до органите на Факултетот.

Член 70

Седниците на стручниот совет на институтот ги свикува и со нив раководи шефот на институтот, по сопствена иницијатива, по предлог на деканот на Факултетот и на предлог на одделни членови.

Шефот на институтот е должен да свика седница ако тоа го бара и Наставно-научниот совет на Факултетот или Факултетската управа.

За седницата на институтот, односно на внатрешната организациона единица се води записник, кој се заведува во архивата на Факултетот.

Седница на стручниот совет може да се одржи доколку се присутни повеќе од половината негови членови, односно 2/3 од вкупниот број членови (за избори/преизбори на наставници и соработници и за избор на шеф на институтот).

Одлуките, односно предлог-одлуките на стручниот совет на институтот се сметаат за прифатени доколку за нив гласало мнозинството присутни членови, односно повеќе од половината од вкупниот број членови на стручниот совет на институтот (за избори/преизбори на наставници и соработници и избор на шеф на институтот).

Член 71

Институтската управа може да се формира со одлука на стручниот совет на институтот на предлог на шефот на институтот.

Надлежноста и составот на институтската управа се утврдува со одлука на стручниот совет на институтот.

Институтската управа одлучува особено за:

  1. одржување и набавки во врска со потребите на институтот до 2.500 евра;

  2. му помага на шефот на институтот во извршувањето на работите од негова надлежност;

  3. предлага распоред на часови за предавања и за вежби;

предлага решенија по барања и молби на студентите во врска со нивните права и обврски при студирањето;

  1. други прашања кои ќе и бидат ставени во надлежност од страна на стручниот совет на институтот и по барање на шефот на институтот.

Член 72

Сеизмолошката опсерваторија ги врши, особено, следниве работи:

перманентно сеизмолошко набљудување, регистрирање на земјо­тре­си и прибирање на сеизмички податоци од потесното и поширокото подрачје;

  1. ги проучува и ги систематизира регистрираните податоци;

  2. ја информира пошироката јавност за настанатите потреси на подрач­јето на РМ;

  3. соработува и врши размена на податоци со соодветни институции во земјата и надвор од неа;

  4. учествува во наставно-образовниот процес од областа на геофизи­ката на Универзитетот;

  5. издава стручни и научни публикации од областа на својата дејност.

Шеф на институт и раководители

Член 73

Со институтите и со Сеизмолошката опсерваторија раководи шеф избран од редот на наставно-научните работници на институтот, односно Сеизмолошката опсерваторија.

Шефот го избираат членовите на стручниот совет на институтот, односно Сеизмолошката опсерваторија, со тајно гласање, за период од две учебни години, со можност за уште еден избор.

Шефот не може да биде избран повеќе од два пати едноподруго на таа функција.

Доколку не се изврши избор на шеф на институтот, односно на Сеизмолошката опсерваторија, до 30 септември, се избира в.д. шеф, за мандат не подолг од 6 месеци, во кој треба да се спроведе постапката за избор на шеф.

Ако и по истекот на периодот од претходниот став не се изврши избор на шеф, Факултетската управа врши избор на в.д. шеф за мандат не подолг од 6 месеци.

Избо­рот на шефот (односно в.д. шефот) на институтот, односно на Сеизмолошката опсерваторија, го потврдува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Поблиски одредби за постапката и начинот на спроведување на гласањето за избор на шеф на институтот и Сеизмолошката опсерваторија се уредуваат со одлука на стручниот совет.

Член 74

Шефот има права и должности утврдени со овој Статут.

Шефот особено ги врши следниве работи:

организира и раководи со работата на институтот и се грижи и е одговорен за навремено извршување на работите од дејноста на институтот;

  1. се грижи за реализирање на предметните програми што ги реализираат членовите на институтот;

  2. ја организира научноистражувачката дејност;

  3. ги извршува одлуките на органите на управувањето на Факултетот и стручниот совет на институтот;

  4. се грижи за работната дисциплина во институтот;

  5. поднесува годишен извештај за својата работа пред институтот и пред деканот;

  6. се грижи за состојбата на просторот и опремата што ги користи институтот;

  7. одлучува за одржување и набавки во врска со просторот и опремата на институтот, до износ од 250 евра, во денарска противвредност;

  8. ја следи состојбата на финансиските и материјалните средства на институтот;

  9. ги презентира и ги застапува ставовите и интересите на институтот;

  10. редовно ги информира членовите на институтот за работата на Факултетската управа и активностите на Факултетот;

  11. врши и други работи кои му се ставени во надлежност од органите на управување на Факултетот, овој Статут и другите општи акти на Факултетот.

Член 75

Шефот на институтот поднесува годишен извештај (вклучително и финансиски) за својата работа.

Доколку стручниот совет на институтот не го прифати годишниот извештај на шефот, се бира нов шеф на институтот.

Одредбите од член 74, став 2 на овој Статут и од став 1 и 2 на овој член соодветно се применуваат и за работата на шефот на Сеизмолошката опсерваторија.

Член 76

Со двопредметните студии, Центарот за следење, унапреду­ва­­ње и развој на образованието, заводите, центрите, лабораториите и другите внатрешни организациони единици во рамките на институтите, односно Сеизмолошката опсерваторија, раково­ди раководител.

Мандатот на раководителите изнесува две години, со можност за повторен избор.

Раководителите на внатрешните организациони единици во рамките на институтите, односно Сеизмолошката опсерваторија, се избираат со тајно гласање. За изборот гласаат наставно-научните работници и соработниците на внатрешните организациони единици.

За избран се смета кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на внатрешната организациона единица при институтот, односно при Сеизмолошката опсерваторија.

Избо­рот на раководителот на двопредметните студии, и на внатрешните организациони единици на институтот, односно на Сеизмолошката опсерваторија, го потврдува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Раководителот на Центарот за следење, унапреду­ва­­ње и развој на образованието и на Компјутерскиот центар, на предлог на Факултетската управа го избира Наставно-научниот совет.

Член 77

Раководителот на организационата единица:

  1. организира и раководи со работата од делокругот на организационата единица;

  2. се грижи за реализирање на наставната, односно другите програми од нејзиниот делокруг;

  3. ја организира научноистражувачката дејност;

  4. ги извршува одлуките на органите на управување на Факултетот и институтот;

  5. се грижи за набавка на опрема и апаратура и доставува соодветни предлози;

  6. врши и други работи кои ќе му бидат ставени во надлежност од страна на шефот на институтот, деканот и органите на Факултетот.

Раководителот за својата работа одговара пред институтот, деканот и органите на Факултетот.

Одредбите од став 1 на овој член соодветно се применуваат и врз работата на раководителите на одделенијата во Сеизмолошката опсерваторија.

Член 78

Раководителот на Компјутерскиот центар на Факултетот особено ги врши следниве работи:

  1. организира и раководи со работа на Компјутерскиот центар;

  2. се грижи за реализирање на годишната работна програма;

  3. се грижи за работната дисциплина во Компјутерскиот центар;

  4. се грижи за исправноста на опремата на Компјутерскиот центар и за уредно снабдување со потребните материјали;

  5. се грижи за безбедноста на компјутерската мрежа на Факултетот;

  6. ги извршува одлуките на органите на Факултетот;

  7. врши и други работи кои ќе му бидат ставени во надлежност од, деканот и органите на Факултетот.

Член 79

На Ботаничкиот завод со Ботаничка градина, за работата на Ботаничката градина, во врска со одржувањето и уредувањето на просторот на Факултетот, на предлог на Институтот за биологија и деканот на Факултетот, се определува оперативно лице од страна на Факултетската управа.

Библиотека

Член 80

Во рамките на секој од институтите при Факултетот постои библиотека.

Член 81

Библиотеката е од посебно значење за развитокот на наставната и научната дејност на Факултетот.

Задача на библиотеката е да ја помага наставната и научната работа на Факултетот, како и работата на наставниците, соработниците и студентите.

Член 82

Библиотеката набавува и дава на користење книги, списанија, дискети, пристапи до претплатени виртуелни извори на информации и други материјали од областа на научните дисциплини на Факултетот. Библиотечната работа е автоматизирана и во согласност со унифицираниот библиотечен систем на Универзитетот.

Член 83

Работите во библиотеката ги врши библиотекар или книжничар.

Член 84

Библиотеката има студентски читалници. Организацијата, задачите и работата на читалниците се пропишуваат од шефот на соодветниот институт.

Член 85

Работата на библиотеката се уредува со посебен акт што го донесува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Стручна служба

Член 86

За вршење на стручните и стручно-административните работи се формира Стручна служба на Факултетот.

Со работата на Стручната служба раководи секретарот на Факултетот.

Секретарот, врз основа на конкурс, на предлог на деканот, го избира Наставно-научниот совет на Факултетот.

Член 87

Секретарот на Факултетот:

  1. се грижи за подготвување и обработка на материјалите за седниците на органите на Факултетот, како и за подготвување на одлуките и општите акти што ги донесуваат овие органи и тела;

  2. ги следи прописите и укажува на органите на Факултетот;

  3. го застапува Факултетот во имотните и во другите правни работи;

  4. се грижи за исполнување и извршување на обврските на Факултетот во соработката на Факултетот со соодветните државни и општински органи и тела, надлежни за работите на образованието и науката;

  5. се грижи за уредноста и ажурноста на работата по предметите и подготвувањето на другите материјали и за таа цел свикува и раководи со работните состаноци на Стручната служба;

  6. го следи извршувањето на одлуките и заклучоците на органите на Факултетот и ги известува за тоа.

Член 88

Секретарот на Факултетот има права и должности утврдени со закон, со овој Статут и со актите на Универзитетот и Факултетот.

Секретарот во вршењето на своите права, должности и одговорности е самостоен во работата од својот делокруг.

Член 89

Вработените во Стручната служба за својата работа одговараат пред секретарот и пред деканот на Факултетот, а секретарот на Факултетот за својата работа одговара пред Наставно-научниот совет и пред деканот на Факултетот.

Наставно-научниот совет на Факултетот може да го разреши секретарот на Факултетот на предлог на деканот на Факултетот, доколку во спроведената постапка се утврди дека работите од неговиот делокруг ги врши спротивно на законот, Статутот на Универзитетот и овој Статут, како и спротивно на актите на Универзитетот и Факултетот.

Член 90

Поблиски одредби за организацијата, надлежностите и условите за вршење на работите од делокругот на Стручната служба се утврдуваат со актот за организација и систематизација на Факултетот.

ВИСОКООБРАЗОВНА ДЕЈНОСТ

Видови студии

Член 91

На Факултетот се остваруваат додипломски, последипломски и докторски студии, континуирано образование и студии за надградување, продлабочување или проширување на одделни знаења.

Во рамките на Факултетот се организраат и двопредметни студии (за математика-физика, хемија-биологија и други) за наставници во основното образование, кои претставуваат посебна организациона форма.

Дејноста, организацијата и работата на двопредметните студии се уредува со посебен општ акт, што го донесува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Сите облици на студии може да се организираат и како учење на далечина

Одлука за студиите од претходниот став на овој член донесува Наставно-научниот совет.

Јазик на кој се изведува наставата

Член 92

Наставата на Факултетот се изведува на македонски јазик.

Наставата на Факултетот може да се изведува и на еден од светските јазици за одделни студиски програми за странски јазици, за делови на студиски програми во кои учествуваат наставници гости од странство и за студиски програми за кои наставата се изведува и на македонски јазик.

Начинот и условите за изведување на наставата од претходниот став на овој член се определуваат со одлука на Наставно-научниот совет на Факултетот.

Додипломски студии

Студиски програми и програми за наставни предмети

Член 93

Додипломските студии се остваруваат врз основа на студиски програми и програми за наставни предмети (во натамошниот текст: предметни програми).

Член 94

Студиските и предметните програми за додипломските студии ги донесува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Студиските и предметните програми, усогласени со кредит системот и режимот на студирање, ќе бидат утврдени врз основа на Правилникот за единствените правила за студирање на Универзитетот и Правилникот за единствените основи за кредит-системот на Универзитетот и тие претставуваат анекс и составен дел на овој Статут.

Студиските програми за додипломските студии ги содржат: условите за запишување, описот на профилот, стручниот назив, академското стручно звање, траењето на студиите, списокот на задолжителните, изборните и факултативните наставни предмети, неделниот фонд на часови, распоредот на наставните предмети, условите за запишување во нареден семестар, односно повисока година на студии, условите за запишување нови наставни предмети, начинот, облиците и техниката на наставата (предавања, вежби, практична настава и вежби и други видови настава).

Со студиските програми се утврдуваат целите, задачите и содржините на наставните предмети, начинот на проверка на знаењата и завршното оценување, како и задолжителната литература.

Согласност на студиските програми дава Ректорската управа на Универзитетот.

Член 95

Неделниот фонд на задолжителни часови во студиската програма не може да изнесува повеќе од 30 часа.

Член 96

Во изработката и усовршувањето на студиските програми, Факултетот во целина и одделните внатрешни организациони единици, посебно и во меѓусебна соработка, го вршат следново:

  1. ги следат и ги вклучуваат современите достигања во науката;

  2. ги следат и ги респектираат изменетите барања на државата, стопанството и јавните дејности за профилите на кадри, кои се формираат и можат да се формираат на Факултетот;

  3. ги користат теориските и практичните сознанија од областа на образованието и воспитанието за осовременување на концепцијата на студиската програма и за создавање основа за поуспешна и порационална настава;

  4. водат грижа за поадекватно изразување на интересите на студентите.

Заради остварување на задачите од претходниот став од овој член, Факултетот врши континуирано преиспитување на студиските програми, а потемелно, секоја четврта година.

Член 97

За секој предмет се утврдува предметна програма.

Предлог на предметната програма изработува предметниот наставник или група наставници.

Предлогот од претходниот став го утврдува стручниот совет на соодветниот институт, а го донесува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Студиски програми за нови профили стручни кадри

Член 98

Факултетот може, со усвојување нови студиски програми, да орга­ни­зира нови додипломски студии за нови профили на стручни кадри, под услови, начин и постапка утврдени со закон.

Објавување на студиските и предметните програми

Член 99

Факултетот е должен да ги објави студиските и предметните програми во Универзитетски гласникна Универзитетот и на Интернет страницата на Факултетот.

Објавувањето може да се изврши и со печатење во посебна брошура и нивно предавање на студентите, со истакнување на огласна табла на Факултетот и на друг соодветен начин, што го утврдува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Член 100

Студентот има право студиите да ги заврши според студиската програма според која ги започнал, во рок кој, со одлука, го утврдува Наставно-научниот совет на Факултетот.

Услови и начин на запишување на додипломски студии

Член 101

На додипломски студии на Факултетот може да се запише лице кое има завршено четиригодишно средно образование и ако ги исполнува условите и критериумите утврдени со Конкурсот за запишувње нови студенти.

На додипломските студии на Факултетот кои траат пократко од четири години може да се запише и лице кое има завршено средно образование и пократко од четири години, ако ги исполнува другите услови и критериуми, пропишани во Конкурсот за запишување.

Поблиски одредби за условите и критериумите за запишување на додипломските студии се утврдуваат со Правилникот на Универзитетот за единствените правила за студирање (во натамошниот текст Правилник за студирање).

Конкурс за запишување нови студенти

Член 102

Запишувањето на додипломски студии се врши врз основа на Конкурсот, што го објавува Ректорската управа на Универзитетот, во кој се содржани: бројот на студентите по одделни студиски програми, условите за запишување, условите и критериумите за избор на кандидатите, постапката за спроведување на Конкурсот, како и роковите за пријавување, полагање и запишување на кандидатите.

Одлука за бројот на студентите кои се запишуваат

Член 103

Одлука за бројот на студентите кои се запишуваат на Факултетот, чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија, на предлог на Униврзитетот И по претходно мислење на Советот, донесува Владата на Република Македонија.

Одлука за бројот на студентите кои се запишуваат на Факултетот надвор од бројот утврден во ставот 1 на овој член, на предлог на Факултетот, донесува Универзитетот, под условите утврдени со закон.

Редовни и вонредни студии

Член 104

Додипломските студии се организираат како редовни и вонредни студии.

Вонредни студии се организираат само за оние студиски групи на кои, во зависност од начинот на организирањето на студиите, може вонредно да се студира, за што одлука, на предлог на соодветниот институт, донесува Наставно-научниот совет на Факултетот.

На вонредни студии може да се запише лице кое ги исполнува условите за запишување како редовен студент и има засновано работен однос на неопределено време, како и лице кое од оправдани причини, утврдени во Правилникот за основните правила на студирање на Факултетот, што го донесува Наставно-научниот совет и како анекс е составен дел на овој Статут (во натамошниот текст Правилник за студирање на Факултетот), не може да ја посетува редовно наставата.

Правото на вонредно студирање се остварува се додека се исполнуваат условите за запишување од ставот 3 на овој член.

Траење, почеток, завршување и обем

на додипломските студии

Член 105

Додипломските студии траат најмалку три, а најмногу пет години. За одредени студии додипломските студии можат да траат пет години .

За стекнување стручни знаења и за обука Факултетот може да организира разни форми на стручно образование и обука.

За стекнатите стручни знаења и обуката од став 2 од овој член, Факултетот издава сертификати и други исправи во кои се наведуваат видот и обемот на стекнатото стручно образование у обука.

Формата и содржината на сертификатите и исправите ги утврдува Натавно-научниот совет со одлука, а ги потпиешуваа Деканот на Факултетот.

Почеток и завршување на учебната година

Член 106

Учебната година почнува на 1 октомври, а завршува на 30 септември следната година и се дели на два семестра, зимски и летен.

Наставата во зимскиот семестар започнува на 1 октомври, а завршува на 15 јануари наредната година. Наставата во летниот семестар започнува на 15 февруари, а завршува на 31 мај тековната година.

Доколку студиите се организирани преку кредит-систем, почетокот и завршувањето на наставата го опредлува Наставно-научниот совет со посебна одлука. Во овој случај, во првата недела од јуни деканот го објавува почетокот на наставата во зимскиот и летниот семестар, при што во секој од семестрите наставата трае 14 работни недели, исклучувајќи ги празничните денови.

Организација на додипломските студии

Член 107

Наставата за здобивање со високо образование и определени профили на кадри се организира и се изведува во согласност со студиските и предметните програми на Факултетот, како и во соработка со други наставно-научни и научни организации.

Член 108

Наставата на Факултетот се изведува во вид на предавања, вежби, групни и индивидуални консултации и самостојни трудови на студентите. Наставниот процес на Факултетот се организира на начин кој обезбедува поголема активност, самостојност и поголемо учество на студентите во сите видови настава, со тоа што ќе обезбеди:

  1. единство на теоријата и практиката;

  2. активност и соработка на студентите во сите видови на наставната работа;

  3. постепено воведување на студентите во сè посложени стручни и научни активности;

  4. проблемски пристап и практика на групна и индивидуална творечка активност на студентите;

  5. ангажирање на студентите кои покажуваат интерес и способност за научноистражувачка работа во одделни наставно-научни предмети и во други истражувања;

  6. задолжително систематско следење и поттикнување на работата и развојот на студентите.

Наставата на Факултетот се организира според студиски програми за одделни насоки, односно студии.

За студентите од наставните насоки се организира прак­тич­на обука во училиштата и други образовни организации, а за студентите од применетите насоки се организира практична работа во соод­вет­ни стопански, државни, јавни и други организации.

Член 109

Наставата на Факултетот може да се организира и преку формите на образование на далечина.

Формите на ова образование се регулираат со посебен режим на студии за образование на далечина, што го донесува Наставно-научниот совет и кој е составен дел на овој Статут.

Член 110

Предавањата по предметните програми ги изведуваат наставниците.

Вежбите за сите предмети се задолжителни и може да бидат аудито­риски, нумерички, лабораториски и теренски.

Вежбите ги изведуваат помладите асистенти, асистентите и настав­ни­ците.

Во почетокот на секој семестар, како постојана обврска, на асистентите и помладите асистенти им се определува одреден број задолжителни консултации и вежби со студентите кои ги одредуваат предметните наставници.

Член 111

Факултетот е должен да обезбеди потребни кадровски и наставно-материјални услови за успешно организирање и изведување на современа и ефикасна настава.

Факултетот организира и научноистражувачка дејност за унапре­ду­вање на наставата.

Член 112

Секретаријатот на Факултетот е должен, при запишувањето, на студентот да му даде извод од Статутот за режимот на студиите и од студиската програма од соодветната насока, како и да му овозможи увид во Статутот на Факултетот.

Во почетокот на учебната година, шефот на институтот, односно раководителот на соодветниот студиум е должен студентите да ги запознае со студиската програма од соодветната насока и со нивните права и обврски.

Предметниот наставник ги запознава студентите со програмата за својот наставен предмет и ги препорачува потребните учебници и лите­ратура.

Во почетокот на секој семестар, Факултетот е должен да го истакне распоредот на часовите за предавањата, вежбите, семинарите и консул­тациите со имињата на предметите, имињата на наставниците и сора­ботниците и со назначување на просториите, најдоцна 5 дена пред почну­вањето на наставата.

Последиполомски студии

Видови и траење на

последипломските студии

Член 113

Последипломските студии на Факултетот се организираат како последипломски научни студии (магистерски студии) и последипломски стручни студии (специјалистички студии).

Последипломските студии се организираат според кредит-системот, а должината на студиите се определува според бројот на наставните часови во текот на неделата и редовноста, односно начинот на кој е организирана наставата.

Последипломските научни студии траат најмалку три семестри, од кои најмалку два семестра за настава и еден семестар за изработка на магистерскиот труд. Последипломските стручни студии траат најмалку девет месеци, од кои еден семестар за настава и три месеци за изработка на специјалистичкиот труд.

Член 114

Магистерскиот труд претставува самостојна работа на студентот, во која се систематизираат постојни научни знаења и се придонесува за нови научни сознанија.

Член 115

Специјалистичкиот труд е самостојна стручна работа со кој се систематизираат постојни знаења и се придонесува за решавање на проблеми од практиката.

Член 116

Магистерскиот и специјалистичкиот труд се работат под раководство на ментор.

Член 117

Последипломските студии се остваруваат преку предавања, испити и други облици, форми и техники на изведување наставна, односно научна работа и со изработка и одбрана на магистерски, односно специјалистички труд.

Студиски и предметни програми и услови и начин

на организирање последипломски студии

Член 118

Студиските и предметните програми, условите и постапката за организирање последипломски студии, правилата на студирање, должината на студиите, бројот на наставните часови во текот на неделата, начинот на кој е организирана наставата, како и други работи утврдени со закон, се уредуваат со одлука за организирање на последипломски студии донесена во согласност со Правилникот за единствените основи за организирање последипломски и докторски студии усвоен од страна на Универзитетот.

Одлуките од претходниот став на овој член се составен дел на овој Статут.

Соодветна примена на одредбите за додипломски студии

Член 119

Одредбите од овој Статут и општите акти на Универзитетот што се однесуваат на донесувањето, утврдувањето, односно добивањето согласност на студиските и предметните програми, како и на оценувањето, преминот во наредна учебна година, правата и должностите на студентите од додипломските студии, стекнувањето, односно одземањето диплома за научниот степен магистер, односно стручниот степен специјалист, соодветно се применуваат и на студентите од последипломските студии.

Стекнување научен степен доктор на науки

Член 120

На Факултетот, научен степен доктор на науки се стекнува со:

  • докторски студии и одбрана на докторска дисертација

  • пријавување и одбрана на докторска дисертација.

Член 121

Докторските студии траат најмалку две години

Докторската дисертација е самостоен научен труд кој е резултат на самостојна научна работа и претставува придонес во развојот на науките од дејноста на Факултетот.

Услови и начин на организирање докторски студии и за стекнување

научен степен доктор на науки

Член 122

Условите за организирање на докторските студии и за стекнување научен степен доктор на науки, како и други работи утврдени со закон, се уредуваат со одлука, согласно со Правилникот за единствените основи за организирање последипломски и докторски студии, усвоен од страна на Универзитетот.

Одлуките од претходниот став на овој член се составен дел на овој Статут.

Примена на одредбите од

Правилникот на Универзитетот за

единствените основи за организирање

последипломски и докторски студии

Член 123

За условите, начинот и постапката на организирање после­ди­плом­ски и докторски студии, односно за стекнување научен степен доктор на науки, се применуваат одредбите од Правилникот на Универзитетот за единствените основи за организирање последипломски и докторски студии.

Студии за надградување, продлабочување или

проширување на знаењата и перманентно образование

Студии за надградување и

продлабочување на знаењата

Член 124

Студентите од сродни факул­тети или други студиски групи од Факултетот, за проширување на своите знаења, може да запишуваат, да слушаат и да полагаат испити од одделни студиски предмети од студиска програма на Факултетот. Исто право имаат и лица кои се здобиле со диплома за завршено високо образование.

За курсевите и предметите чие следење го оверил предметниот наставник, како и за положените испити, Факултетот издава уверение.

Факултетот може да издаде уверение за владеење на научна област, ако студентот ги положи предвидените испити од соодветаната област.

Начинот и условите за студирање за проширување и продлабочува­ње на знаењата, како и за надградување на знаењата поблиску се уредуваат со посебна одлука на Наставно-науч­ниот совет, која е анекс и составен дел на овој Статут.

Перманентно образование

Член 125

Стекнувањето знаења преку формите на перманентно образование и условите под кои се издава соодветен документ се уредуваат со посебен Правилник за работа на Центарот за следење, унапредување и развој на образованието, како анекс на овој Статут.

СТУДЕНТИ

Статус на студент

Член 126

Статусот студент, а со тоа и член на академската заедница се стекнува со запишувањето на додипломски, последипломски и докторски студии на Факултетот.

Статусот на студент се докажува со студентска легитимација, односно индекс.

Права на студентот

Член 127

Студентот има право на:

  1. редовно студирање и статус на редовен студент;

  2. запишување и образование под еднакви услови утврдени со закон, со општите акти на Универзитетот и со овој Статут;

  3. учество во управувањето со Факултетот, согласно со закон и со овој Статут;

  4. заштита на своите права и должности пред органите на Факултетот;

  5. заштита на личноста на студентот од злоупотреба и на неговото достоинство.

Студентот има право и:

  1. да се определи за видот на студиите;

  2. да следи истовремено повеќе студиски програми од различни специјалности и да изучува дополнителни курсеви;

  3. да ги продолжи студиите на друга високообразовна установа ако Факултетот престане со работа;

  4. да ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфра-структура на Факултетот;

  5. да учествува во научноистражувачката и стручната дејност, при што му се гарантираат авторски, пронаоѓачки и слични права и награди;

  6. да избира и да биде избиран, како претставник на студентите во органите на Факултетот;

  7. да користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго), градски и меѓуградски превоз според условите утврдени со закон и од вршителите на соодветните дејности;

  8. да ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност;

  9. да преминува од една на друга високообразовна установа, односно избраната студиска програма да ја менува со друга и притоа да ги користи погодностите на кредит-системот;

  10. да се организира во граѓански здруженија и други форми, на лична иницијатива;

  11. да ги продолжи студиите што ги прекинал;

  12. да користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година;

  13. да добива државни или други стипендии или да користи финансиски кредит за издршка за време на студирањето;

  14. да остварува соработка со студентите во земјата и во странство;

  15. да остварува и други права согласно со закон и со овој Статут.

Орган кој ги штити правата на студентите е студентскиот правобранител на Универзитетот.

Член 128

Студентот кој по завршувањето на прва година, односно кој ги исполнил условите од кредит-системот од додипломските студии, ќе постигне просечна оценка најмалку 8,00 (осум) има право предвреме да полага испити по предмети од наредната година, односно по првиот блок предмети според кредит-системот, како и на паралено студирање на друг факултет, без надомест на трошоците.

Начинот на остварувањето на правата од став 1 од овој член ќе биде утврден со Правилник за студирање на Факултетот.

 

Член 129

Само студентите од III и IV година од Факултетот кои постигнуваат среден успех над 8 во студиите можат паралелно да се запишат и на друга студиска група на Факултетот, без надомест на трошоците за студирање.

Член 130

Студентот има право и може да премине од друг сроден факултет на студии на Факултетот само во II, III и IV година.

Преминување може да се врши само при запишување на семеста­рот. На барање на студентот, по преминувањето, Факултетот одлучува колку заверени семестри и кои положени испити од другиот факултет му се признаваат. Одлуката на Факултетот се внесува во индексот на студентот.

Преминувањето од сроден факултет според прифатен кредитен систем се врши согласно со Правилникот за единствените основи на кредитниот систем.

Студентот кој бил запишан на иста или сродна високообразовна установа која престанала со работа има право да ги продолжи студиите на Факултетот под условите утврдени со овој Статут.

Студентите од ставот 4 на овој член самостојно ги сносат трошоците на школувањето.

Преминување од еден институт на друг во рамките на Факултетот се регулира со заедничка одлука на двата института.

Преминувањето од една насока на друга во рамките на институтот се регулира со одлука на институтот.

Одлуката за преминување се внесува во индексот на студентот.

Обврски на студентот

Член 131

Студентот е должен, по запишувањето на годината, односно семестарот, во индексот да ги запише студиските предмети според студиската програма, со бројот на часовите на предавања, вежби, семинари, консултации и друго, со имињата на наставниците, како во објавениот распоред на часовите.

Член 132

Редовните студенти се должни да ги посетуваат предавањата и часовите за вежби, семинари, консултации, да полагаат испити, колоквиу­ми и слично, да подготвуваат семинарски работи и домашни задачи, предвидени со студиската програма.

Извршувањето на наставните обврски од соодветниот предмет го оверува наставникот со својот потпис во индексот, со што студентот стекнува право да го полага испитот по тој предмет.

Ако студентот не добие потпис за уредно посетување на наставата по два предмета (предавања и вежби) според студиската програма, не може да му се завери семестарот.

Ако студентот не добие потпис по еден предмет, семестарот ќе му се завери, но тој е должен повторно да го запише тој предмет во наредната учебна година. Доколку и тогаш не добие потпис, не може да го завери тековниот семестар.

Вонредните студенти имаат обврска да ги посетуваат вежбите и другите задолжителни форми на настава.

Посетувањето и активното следење на наставата, преку различни облици, модели и техники за изведување на наставата, е услов за остварување на потребниот кредит за наставните предмети и за проверка на знаењето на студентот.

Член 133

На студент запишан на додипломски студии може да му мируваат правата и обврските под условите определени со Правилникот за студирање на Факултетот.

Начин на проверка на знаењата

Член 134

Проверката на знаењето на студентот, по наставните предмети, се врши континуирано во текот на учебната година.

Во текот на изведувањето на наставата се врши проверка на усвоените знаења на студентот и степенот на исполнувањето на наставните задачи, преку колоквиуми, семинари, консултации и други форми на усно, писмено и практично проверување, предвидени и утврдени во соодветните предметни програми.

Ако студентот низ формите на континуирана проверка на занаењата предвидени во претходниот став од овој член ги исполни поставените задачи се смета дека го положил писмениот, практичниот или теоретскиот дел од испитот од соодветниот предмет.

Наставникот е должен, пред почетокот на наставата од соодветниот предмет, да им ги предочи на студентите потребните норми за формирање оценка преку континуирана проверка на знаењата за полагање на одредени делови од испитот, односно испитот во целост.

Завршно оценување

Член 135

Завршното оценување се изразува со оценка од 5 (пет) до 10 (десет). Оценката 5 (пет) означуваа недоволен успех.

Завршното оценување го врши наставникот, односно комисија, при што како основа се земаат резултатите од континуираната проверка на знаењата остварена преку формите пропишани во член 134 од овој Статут, како и преку спроведување испити.

Член 136

Доколку студентот, преку формите на континуирана проверка на знаењата, не ги исполнил пропишаните потребни норми за формирање позитивна завршна оценка, завршна оценка му се формира преку испит.

Право на полагање испит се стекнува со потпис од предметниот наставник за соодветниот предмет за уредно посетување на наставата и вежбите.

Испитите се спроведуваат јавно. Начинот на јавното спроведување на испитот поблиску се уредува во Правилникот за студирање на Факултетот.

Член 137

Испитот може да биде: писмен, писмен и устен, устен, практичен и устен, практичен и писмен и само практичен.

Со студиската програма се определува како се полага испитот. За испитите што се полагаат во повеќе делови, неположувањето на еден од деловите значи дека не е положен целиот испит.

Наставникот е должен да го закаже полагањето на усниот дел од испитот најдоцна три дена по полагањето на писмениот и/или практичниот испит, а усниот дел од испитот мора да го заврши најдоцна за седум дена по полагањето на писмениот и/или практичниот дел од испитот.

По положувањето на писмениот, односно практичниот дел од испитот, студентот е должен да се јави на усниот дел од испитот во истата или во наредната сесија.

Наставникот може да примени и друг вид оценување, како што е активно учество во проект, изработена апликација или научен труд и сл.

Член 138

Завршното оценување се спроведува во следниве редовни сесии: јунска, септем­врис­ка и јануарска.

Апсолвентите и студентите што полагаат испити предвреме може да полагаат испит само од еден предмет и во вонредните сесии во ноември и во април.

Со одлука на стручниот совет на соодветниот институт може да се утврдат и дополнителни сесии за завршно оценување.

Член 139

На почетокот на учебната година, на предлог на институтите, Деканатот објавува детален распоред на термините за полагање на испитите во испитните сесии.

Пријавувањето на испитите се врши десет дена пред почнувањето на испитната сесија.

Член 140

Завршното оценување, на денот на полагањето на испитот, задолжително се запишува во индексот и во пријавата.

Ако студентот и по трет пат не положил испит од одреден предмет, може да се јави по четврти пат најмалку по три месеци од послед­ното полагање. Четвртиот пат, и секој понатамошен, на барање на студентот, се полага пред комисија.

Комисијата со решение ја формира деканот на Факултетот. Во составот на комисијата е и предметниот наставник.

Приговор поради оценка од проверка на знаењата

Член 141

Студентот може, во рок од 24 часа, во наредниот работен ден, да поднесе приговор до деканот на Факултетот, ако не е задоволен од завршното оценување, односно од добиената оценка, или ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со закон и со овој Статут.

Ако деканот утврди дека се исполнети условите од претходниот став од овој член, ќе побара наставникот да ја преиспита оценката од завршното оценување.

Ако наставникот не ја преиспита оценката што ја утврдил, деканот, со решение, во рок од 24 часа, формира тричлена комисија, составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во чиј состав е и предметниот наставник, пред која студентот го полага испитот.

По негово барање, на студентот му се овозможува да го повтори завршното оценување за повисока завршна оценка по наставен предмет од претходната и од тековната учебна година.

Кога на студентот ќе му се одобри барањето од ставот 4 на овој член, претходно добиената оценка на завршното оценување се поништува со решение на деканот.

Член 142

Студентот ја запишува наредната година на студии ако до почетокот на новата учебна година ги положи сите испити по предметите предвидени по студиската програма.

Студентот, по исклучок, може да ја запише наредната студиска година и ако нема положено еден двосеместрален или два едносеместрални испити од претходната година (кои за секој студиум и година на студии ги определува институтот во Правилата за студирање на Факултетот).

Студентот не може да ги полага испитите од наредната година, односно од годината што ја слушал, доколку не ги положи заостанатите испити од претходната година.

Член 143

Ако студентот не стекнал право да ја запише наредната учебна година, се запишува повторно во истата учебна година.