Navigation
 

Институт за Физика

http://fizika.pmf.ukim.mk

Прва институција во Македонија што почна да работи на проблеми од физиката е Катедрата за физи­ка, формирана на 3 декември 1946 г. Таа беше во состав на Природно-научниот оддел на Филозофскиот факултет, основан на 29 ноември истата година. Одлуката за создавање Катедра за физика беше израз на потребата од кадри од областа на природните науки за македонското школство, но исто така и израз на визионерството во однос на местото и улогата на физиката во современото општество. Почетните услови во кои почна со работа новата институција беа повеќе од скромни. Допрва претстоеше формирање на неопход­ните лаборатории и организирање на адекватна библиотека. Тешките околности се надминуваа со ен­ту­зи­јазмот на малобројните наставници и со чувството дека се гради институција што е темел во современиот свет.

За тоа какви биле размислувањата на актерите во тоа време, добра илустрација се зборовите на професор Митриновиќ, искажани на Основачкото собрание на Друштвото на мате­­ма­ти­чарите и физичарите на Народна Република Македонија [1]: "Би сакал меѓу матема­тичарите и физичарите во иднина да дојде до израз, во поголема мера одошто досега, духот на колективноста, иницијативноста, залагањето, експедитивноста, како и постојаниот стремеж за научна и за стручна работа со што поголем квалитет. Во врска со тоа, би тре­бало упорно да се бориме против незаинтересираноста, неиницијативноста и скептицизмот".

Првите наставници по физика во високото образование во Македонија се Миодраг Живковиќ [2], д-р Марин Каталиниќ, Јосип Мозер (од 1949 г.), Ордан Печијаре и Нада Спасова (од 1948 г.). Во првата генерација имало 6 редовни студенти. Наставата се одвивала во објекти во централното градско подрачје на Скопје, кои веќе не постојат. Наставниот план [3] по кој студирала првата генерација студенти по физика ги содржел след­ниве дисциплини (во заграда се наведени имињата на наставниците по дадените предмети): експериментална физика (М. Живковиќ), општа математика (Драгослав Митриновиќ), диференцијално и интегрално сметање I (Д. Митриновиќ), аналитичка геометрија (Јоже Улчар), гониометрија (Ј. Улчар), руски јазик (Михаил Олењин), теорија на грешки (Д. Митриновиќ), виша алгебра (Ј. Улчар), калорика (М. Каталиниќ), увод во физички мерења (М. Каталиниќ), акустика (М. Живковиќ), наука за електрицитетот (М. Каталиниќ), термодинамика (М. Каталиниќ), диференцијално и интегрално сметање II (Ј. Улчар), диференцијални равенки (Д. Митриновиќ), теорија на вектори (Платон Димиќ), неорганска хемија (Димче Тошев), органска хемија (Јосиф Јанчулев), репетиториум на диференцијално и интегрално сметање (П. Димиќ), наука за електрицитет и магнетизам (М. Каталиниќ), оптика (М. Каталиниќ), практични вежби (М. Каталиниќ), одбрани делови од механика и акустика (М. Каталиниќ), семинар (М. Каталиниќ), увод во атомска физика (М. Каталиниќ), теориска механика (Петар Серафимов), одбрани делови од оптика (М. Каталиниќ), наизменични струи (М. Каталиниќ), школско експериментирање (М. Каталиниќ), пе­дагогика (Киро Ќамилов) и упатување во дипломска работа (М. Каталиниќ). Студентите слу­шале вкупно 30 предмети, а се полагале 10 испити.

Настава по физика била организирана и за студентите од наставните групи за мате­ма­тика, хемија и биологија, а исто така и за студентите на Медицинскиот факултет и на Вишата педагошка школа. Во првите години во летните месеци биле организирани и месечни курсеви за наставниците од основните и од средните училишта кои, во најголемиот дел, биле со не­адек­ватно образование по физика, имајќи предвид дека по војната во Македонија имало само 4 дипломирани физичари.

Особени се заслугите на проф. Печијаре во оформувањето на првите лаборатории на Катедрата за физика. Опрема за изведување на лабораториските вежби била купена во Источна Германија, делумно по пат на размена за прехранбени продукти. Дел од така добиените средства сé уште се во употреба. На истиот начин се добиени и книги и колекции на научни спи­санија (на пример, Physics Abstracts почнувајќи од 1933 до 1945 г., што потоа се купувало сé до 1980 г.). Значаен книжен фонд бил добиен и од постарите југословенски универзитети.

Прв раководител на Катедрата за физика бил проф. д-р Марин Каталиниќ кој во Скопје дошол со повеќегодишно работно искуство од Универзитетот во Загреб. Според кажувањата на постарите колеги кои и лично го познавале, тој е особено заслужен за оформувањето на лабораториите на Иститутот и на збирката за демонстрациони експерименти, како и на повеќе практикуми. Тој бил и прв проректор на Универзитетот во Скопје и еден од неговите први ректори.

Во текот на 1950 дипломирале првите физичари: Душко Томовски, подоцна редовен про­фесор по гер­ма­нистика на Филолошкиот факултет во Скопје, Оливера Спасова (Про­копиева), подоцна професор по физика на Педагошката академија во Скопје и Георги Мав­родиев, подоцна професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факул­тет (ПМФ) во Скопје.

Во однос на просторните услови за работа, најкрупниот чекор бил остварен во поче­токот на педесет­тите години. Есента 1951 г. била дадена во употреба зградата на Природно-матема­тичкиот факултет, изграде­на на исклучително убава локација, според тогаш модерните стандарди.