Navigation
 

Институт за Хемија

http://hemija.pmf.ukim.edu.mk

Почетоци

Катедрата по хемија започна со работа во 1946 г., заедно со другите студиски групи на Филозофскиот факултет прва на кој наставата почна да се изведува на маке­донски ја­зик. При првиот упис на студии по хемија се запишуваат 56 студенти. Почетокот на работата на новоформираната студиска група, меѓу­тоа, одеше многу теш­­ко. Од наставен кадар по хемија имаше само еден асис­тент (Димче Тошев), а редовна нас­тава се изве­дуваше само по математика (проф. Митриновиќ), по физика (проф. Живковиќ) и по руски јазик. На кра­јот од учебната 1946/47 г., од страна на проф. Лебедев од Белград­скиот уни­вер­зитет, е одржан скратен курс по неорганска хемија. Бидејќи се сметало де­ка курсот е недоволен, испити не биле изведени.

Кон крајот на истата учебна година проф. Димитров од Софискиот универзитет одр­жал кон­цен­триран курс по минералогија. Потоа биле изведени испити по овој предмет, а и по ма­тематика и по физика.

Во учебната 1947/48 г. Димче Тошев е избран за предавач по неорганска хемија, а д р Јо­сиф Јанчулев за предавач по органска хемија. Така, во втората учебна година почнала да се изве­дува редовна настава и се полагале испити по овие два предмета. Во таа учебна година се из­ведувала настава и по физика (предавањата ги држи проф. д-р Марин Каталиниќ).

Следната (1948/49) година за предавач по аналитичка хемија е избран д-р Крсто Став­риќ кој внел многу живост во организирањето на хеми­ските лаборатории и во изведу­ва­њето на веж­бите. Истата година, за изведу­вање настава по хемиска технологија ангажиран е инж. Васи­лев, а наредната го­дина почнала настава и по биохемија (предавањата ги држел проф. д-р Бо­жи­дар Белија). По смртта на инж. Василев наставата по хемиска техно­логија ја презел инж. Јо­ван Златановиќ. Во 1951 г. за наставник по физичка хемија дошол проф. д-р Гилберт Флу­ми­ани. Во текот на 1951 г. за асис­тенти биле избрани Јованка Матвеева и Иван Петров, а во 1952 г. и инж. Невенка Антонова. Во учебната 1954/55 г. биле из­бра­ни тројца нови асис­тенти (Ми­рослава Јанчевска, Милка Јанева и Даринка Коцева), а во 1957 г. уште тројца други (Александар Николовски, Бојан Подолешов и Благоја Топу­зов­ски).

Работата на Катедрата по хемија почнала без каква било матери­јална база. Во текот на првата учебна година (1946/47) предавањата биле одржувани во просториите на При­род­но-научниот музеј, во зграда лоцирана во близина на плоштадот "Маршал Тито", некаде спроти Главната пошта. Во наредната учебна година наставата се одржувала во училиштето "Браќа Ми­ладинови" (зградата на ова училиште се наоѓала во близина на сегашни­от ком­плекс од банки). Во пре­да­валните на првиот кат од училиштето биле импро­ви­зи­рани хемиски лабора­то­рии за изведу­вање вежби, при што не­дос­тигот од хемикалии и стакларија (коишто тешко се наоѓаат на пазарот) бил надополнуван од поранеш­ната аптека на д-р Крсто Ставриќ. Вежбите ги из­ведувале настав­ниците, а им помагале по двајца или тројца студенти-демон­стра­тори.

За да се оспособат лабораториите за вежби, се работело по цели денови, па и ноќи. Во пр­­ви­те години се купени, од приватни лица, и првите книги и списанија, со што се ставени темелите на хемиската библиотека.

Зградата на Гази Баба е завршена во 1951 г. и во неа, покрај ка­тедрите по ма­те­ма­­тика, физика, биологија и географија, преселена е и Ка­тед­рата по хемија. Во текот на 1952 и 1953 г. се подготвени лабора­тори­ите за вежби по хемија и се комплетирани со си­те потребни инста­лации. Во 1960 г. (во рамките на веќе конституираниот Природно-мате­ма­тички факул­тет), по иницијатива и со големо себе­вло­жу­ва­ње на проф. д-р Димче Тошев (а со сесрдна помош и на другите, во прв ред на проф. Гилберт Флумиани, проф. Јосиф Јанчулев, проф. Крсто Ставриќ и, подоцна, проф. Иван Петров), започнаа подготовките за изградба, а потоа и самата изградба на новата зграда на Хемискиот институт. Зградата е завршена и предадена во употреба во ок­томври 1968 г.

Хемиски институт

Со издвојувањето (во 1958 г.) на Природно-математичкиот оддел од составот на Фи­ло­зофскиот факултет и со оформувањето на Природно-математичкиот факултет, Катед­ра­та по хемија прерасна во Хемиски ин­сти­тут. Во Институтот се оформија три заводи: за неор­ган­ска и аналитич­ка, за органска и за физичка хемија. Прв шеф на Хемискиот инсти­тут беше проф. д-р Гил­берт Флумиани, а функцијата шеф најдолго од сите ја вршеше основоположникот на Хемискиот ин­ститут проф. д-р Димче Тошев.

Отпрвин наставата за сите студенти беше еднаква. Се слушаа предавања и се работеа веж­би по основните хемиски дисциплини неорганска, органска и аналитичка (квалитативна и кван­титативна) хемија, додека по биохемија се слушаа само предавања. Во наставниот план беа уште и предметите: математика, физика, минералогија, хемиска технологија и пред­вој­ничка обу­ка.

Подоцна наставата се подели на две насоки применета (завршените сту­денти од оваа на­­со­ка добиваат звање инженер по хемија) и наставна. Во нас­тавниот план беа внесени по­веќе но­ви предмети. На ваков начин, со опре­делени мали корекции, наставата се изведуваше сè до кон­сти­туирањето на Хемискиот факултет.

На Хемискиот институт, во периодот од 1965 до 1975 г., повеќето пос­тари асистенти (Василка Алексиќ, Ме­­то­дија Димески, Даринка Коцева, Мирослава Јанчев­ска, Милка Мицевска, Александар Ни­коловски, Бојан Подолешов, Душанка Поцкова-Николовска, Благоја Топузовски, Бојан Шоп­тра­­јанов) станаа наставници. Во овој период беа примени и нови асистенти (Фроса Анастасова, Лилјана Андреева, Богдан Богданов, Марија Георгиева, Орхидеја Групче, Иван Грозданов, Илинка Донова, Зоран Здравковски, Иванчо Јанев, Глигор Јовановски, Благоја Јорданоски, Љиљана Клисарова, Биљана Минчева-Шукарова, Анета Мирчева, Симка Петровска-Јовановиќ, Мирјана Ристова, Трајче Стафилов, Киро Стојаноски, Блага Стојчева, Мира Трпковска, Катарина Чундева).

Во текот на 1956 и 1957 г. на научно усовршување беа испратени Димче Тошев (во Фран­ција) и д-р Јосиф Јанчулев (во Загреб, кај проф. Баленовиќ). Подоцна и еден асис­тент (Иван Петров) замина на усовр­шу­вање во Љубљана (кај проф. Хаџи). Поорганизирано испра­ќање на асистенти на стручно усовршување (предимно во поразвиените центри на по­ра­нешна Југославија, но и во странство) започна по 1960 г. Поголем број асис­тенти (и некои нас­тав­ници) зами­наа на научно и стручно усовршување, што многу помогна не само за нивниот соп­ствен разви­ток туку и за унапреду­вање на вкупната работа (наставна и научно­ис­тра­­жувачка) на Институтот. Имено, по своето враќање во Скопје овие наставници и асистенти во лабора­то­риите на Институтот ги пренесуваа искуствата добиени во другите научни цен­три, а некои од нив ја до­несоа и проблематиката за научно­истра­жу­вач­ка работа на која и денес се работи.

Во 1959 г., на Природно-математичкиот факултет во Скопје е од­бранета првата док­тор­ска дисер­та­ци­ја (Димче То­шев), а во 1960 г. и втората (Иван Петров).

Во 1953 г., во Годишниот зборник на Факултетот се печатени и првите научни тру­до­ви на членовите на Катедрата за хемија. Трудо­ви од членовите на Хемискиот инсти­тут подоцна почнаа да се појавуваат и во интернацио­нални списанија (резултатите од нив се вклучени и во некои моно­графски пуб­ли­кации) и на тој начин станаа достапни на светската научна јав­ност. Хемискиот инсти­тут се здоби со високо научно реноме, не само во земјата, туку и во странство.

Како резултат на сè поразвиената научноистражувачка работа, во учебната 1973/74 г. почнаа да се ор­ганизираат и постдип­­ломски студии по неорганска и аналитичка хемија, по органска хемија и по моле­кул­ска спек­­троскопија.

Може, всушност, да се рече дека периодот од 1965 до 1975 г. е период во кој се случуваа промени што се од големо значење за натамош­ниот развиток на Хемискиот инсти­тут.

Хемиски факултет

Во реформските зафати (процес со кој беше зафатен целиот Уни­вер­зитет), преку инте­гри­ра­ње на кадрите што се занимаваат со истородна деј­ност, се формира Хемискиот факултет. Када­рот го сочинуваа наставниците, асистентите и лаборантите од поранеш­ниот Хемиски ин­ститут на ПМФ и од катедрите по основните хемиски дисциплини на дотогашниот Техно­лош­ко-ме­та­луршки факултет.

Во текот на постоењето на Хемискиот факултет не­гови декани беа Димче Тошев (19761979 и 19831985 г.) и Иван Петров (19791983 г.), а продекани Бранко Попов и Алек­сандар Ни­­ко­­лов­ски (19761979 г.); Ва­силка Алексиќ и Наум Николовски (19791981 г.); Марија Ла­за­ре­­виќ и Благоја Топузовски (19811983 г.); Бојан Шоптрајанов и Димитар Великов (19831985 г.).

На Факултетот имаше четири институти: Институт за чиста и применета неорганска хеми­ја, Институт за органска хемија и биохемија, Институт за аналитичка хемија и контрола во хе­мис­ката индустрија и Институт за чиста и применета физичка хемија. Конституирани беа пет фиксни насо­ки: за неор­ганска хемија, за органска хемија, за аналитичка хемија и контрола, за струк­турна хемија и електрохемија и наставна насока. Во рамките на постдиплом­ските студии се разде­лија насоките за неорганска и аналитичка хемија, а се организираа и студии по елек­тро­хемија.

Недоследното спроведување на политиката на реформата се одрази врз настав­ната и научната работа во областа на хемијата. Еден дел од кадарот на Хемискиот факултет, во текот на 1977/78 г., се врати на матичниот (Технолошки, односно Металуршки факултет).

Во периодот на постоење на Хемискиот факултет, одреден број на асистенти по нивното докторира­ње, се унапредени во наставници (Глигор Јовановски, Вера Јордановска, Круме Калајџиевски, Илинка Спиревска, Корнелија Стојанова, Лидија Шоптрајанова), а беше примен Владимир Петрушевски како помлад асистент.

И покрај сите недоследности и не докрај обмислените решенија, Хемискиот факултет се развиваше рела­тивно успешно. Имаше околу 65 наставници и соработници, наставната и на­уч­на­та работа се организираа и се одвиваа во рамките на четирите инсти­тути, а нас­тавата по ос­нов­ните хемиски дисциплини (неорганска, органска, аналитичка, физичка и општа хемија) се изве­дуваше (целосно или делумно) и за Технолошкиот, Металуршкиот и Рударско-геолош­ки­от фа­кул­тет, Факултетот за физика, за Интердисциплинарните студии по ПТО, како и за Меди­цин­­скиот, Стома­толошкиот, Фармацевтскиот, Биолошкиот и Шумарскиот факултет.

Постепено се вршеше интеграција на научноистражувачката работа на кадарот од двата по­ра­нешни факултета (ПМФ и ТМФ) и се работеа проекти во кои учествуваа наставници и со­ра­ботници дојдени од тие факултети.

Притоа, започна интензивна меѓуна­родна научна соработка.

Од скромните сре­дства што беа на располагање, а потекнуваа од амортизацијата на опре­мата на Хемискиот факултет, се набавуваше лаборато­риска опрема што се упо­тре­буваше главно за осовре­ме­ну­ва­ње на наставата. беа издадени и пре­издадени повеќе учебни по­магала, а се издаваше и Годишен зборник на Хемис­киот факултет.

На Факултетот беше и редакцијата на но­во­создаденото списание Гласник на хемичарите и техно­лозите на Маке­донија (главен уредник Бојан Шоптрајанов). Трудовите што тука се об­ја­вуваа ре­довно беа рефери­раат во Chemical Ab­stracts и така стануваа достапни на свет­ската научна јавност.

Институт за хемија

Во процесот на т.н. рационализација на Универзитетот, дојде до разде­лување на Хе­мис­­ки­от и повтор­но формирање на Природно-математички факултет.

Како резултат на одлуките за т.н. флексибилна матичност, пого­лемиот дел од када­рот дојден од поранешниот ТМФ премина на новофор­мираниот ТМФ, а оној дојден од пора­неш­ниот Природно-математички факултет (заедно со тројца по­ранешни членови на ТМФ и двај­ца но­вопримени сора­бот­ници) преми­на на новоформираниот ПМФ. На Природно-ма­те­ма­тичкиот фа­култет се конституира Институтот за хемија како работна единица. Во Институтот, како не­гови делови, влегоа Заводот за чиста и применета неорганска хемија (денес Завод за неор­ганска хемија), Заводот за органска хемија и био­хемија, Заводот за аналитичка хемија и кон­трола во хемиската индустрија (денес Завод за ана­ли­тичка хемија) и Заводот за чиста и при­менета физичка хемија (денес Завод за физичка хе­мија). Декларирана задача на заводите е да ја ор­ганизираат наставната и научната дејност по со­од­ветните дисциплини.

Во периодот од конституирањето на Институтот за хемија, должноста шеф на Инсти­тутот ја вршеле: Иван Петров (1985-1987 г.), Глигор Јовановски (1987--1989 г.), Благоја Топу­зов­ски (1989-1991 г.), Богдан Богданов (1991--1995 г.), Трајче Стафилов (1995--1999 г.), Киро Стојаноски (од 1999-2001 г.), Орхидеја Групче (2001-2005 г.), Емил Поповски (2005-2007 г.), Слоботка Алексовска (од 2007-2009 г.), Љупчо Пејов (2009-2013 г.) и Марина Стефова (2013 г. до денес).