Navigation
 

Институт за Географија

http://geografija.pmf.ukim.edu.mk

Појавата и развојот на наставниот процес и научноистражувачката работа од областа на географијата на територијата на Република Македонија датираат уште од периодот на дваесеттите години на дваесеттиот век, кога во Скопје постоел истурен оддел за географија, а наставата ја изведувале еминентни професори од универзитетите во Белград, Загреб, и од други центри.

Во повоениот период, поточно на 16 декември 1946 г. започна наставата на обновената Катедра за географија со етнологија, во рамките на тогаш формираниот Филозофски факултет во Скопје. Во 1955 г. Катедрата за географија прерасна во Институт за географија. Со формирањето на Приридно-математичкиот факултет во 1958 г., Институтот за географија се одвои од Филозофскиот факултет и продолжи да работи (во зградата на ПМФ на Гази Баба) во составот на Приридно-математичкиот факултет сè до 1977 г.

Во периодот од 1977 до 1984 г., во рамките на реформските зафати во високото образование во Република Македонија, Институтот за географија организационо беше одвоен од Приридно-математичкиот факултет и функционираше како самостојна работна организација -Географски факултет, во состав на Центарот за општествени науки при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Во 1985 г., со интеграција на петте постојни факултети, беше обновен Приридно-математичкиот факултет и, во негови рамки, Географскиот факултет беше трансформиран во Институт за географија кој како таков егзистира и денес. Во негови рамки во 1985 г. беа возобновени студиите по етнологија кои, во ранг на Завод за етнологија, на Институтот за географија егзистираа до 2005 г. По 20 години грижа и развој, етнологијата во Република Македонија, како национален интерес, од рамките на Институтот за географија, на општо задоволство на ПМФ и на пошироката јавност, прерасна во Институт за етнологија и антропологија, кој денес егзистира како посебна високообразовна институција во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Овој моментот треба посебно да се потенцира како достигнување на Институтот за географија во последните 20 години.