Navigation
 

Институт за информатика

              Корисен линк за студентите во I година: http://ii.pmf.edu.mk

Корисен линк за студентите во II, III и IV година: http://ii.edu.mk

Институтот за информатика (ИИ) на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (Универзитетот) претставува еден од современите стожери на образов­а­нието, научноистражувачката и апликативната дејност од областа на информатичките науки во Македонија. Тоа што брзиот развој на информатиката и информатичката техно­логија во светот набргу најде одраз и во информатизацијата на ПМФ, на Универзитетот, на целиот образовен систем и на државните институции, во голема мера се должи на залагањето и ангажирањето на кадарот на ИИ, кој, со поддршка на факултетските структури, се градеше, надградуваше и развиваше во својата дејност, не само да биде во чекор со институтите со подолга традиција на ПМФ, туку во некои сегменти да предничи, а во други, поврзани со информатизацијата, да има пионерска улога.

ИИ беше формиран во 1985 година на обновениот ПМФ, на иниција­тива на членови на Институтот за применета математика и информатика при Математичкиот факултет (1977-1984) на Универзитетот и врз основа на наследените надлежности на кадарот на Математичкиот институт со нумерички центар (1966-1976) при Универзитетот.

Но, темелите за воведување информатичко образование во Македо­ни­­ја ги поставија нашите еминентни математичари: академиците Благој Попов и Ѓорѓи Чупона и универзитетските професори Бранко Трпеновски, Живко Мадевски и Димитар Битраков.

Од самиот почеток членовите на ИИ беа соочени со тешкотии, проблеми, задачи од различен вид, како: недостиг на образовни и пресметувачки средства, недоволен број училници и лаборатории, мал број наставници и соработници, потребата од забрзано обучување на научен подмладок за воведување нови информатички курсеви, но и за развивање на алгебарските дисциплини и на современите дисциплини од областа на применетата математика. Потоа, требаше да се помогне информатичкото описменување на факултетскиот кадар и компјуте­риза­цијата на службите на Факултетот и на Универзитетот, како и да се организираат курсеви за оспособување наставници по информатика за средните и за основните училишта и воведување информатичка техноло­гија во образовните центри.

Истовремено се воспоставуваа контакти и соработка со соодветни институции на поразвиени универзитетски центри, се правеа посети во рамките на договори за соработка на Универзитетот со странски универзи­тети, се користеа можностите за специјализација на кадрите во САД, Велика Британија, Русија, Србија, Словенија и за учество на научни манифестации во светот. Набргу ИИ стана успешен организатор на научни собири од домашен и од меѓународен карактер.

Професори на ИИ, по покана, држеа предавања на универзитети надвор од Ма­ке­­­до­нија, станаа учесници, раководители, координатори во бројни меѓународни научни проекти, претставници на земјата во меѓународни организации, уредници на книги и списанија, барани експерти, рецензенти на трудови во научни списанија и реферативни журнали, организатори на државни и меѓународни олимпијади по информатика за гимназијалци и за студенти и иницијатори за формирање на Центарот за информациони технологии. Покрај тоа, работеа во посто­јаните комисии на Наставно-научниот совет на ПМФ, во телата на Факултетот, Универзитетот, во експертски тела на Владата и на Претседателот на Р. Македонија, во Педагош­киот завод на Македонија и во многубројните институтски работни комисии за наставните планови, за опремување на Компјутерскиот центар (КЦ), за изработка на правилници за работа на заводите на ИИ и на Компјутерскиот центар.

Согласно член 9 од Законот за основање на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (Службен весник на Република Македонија бр. 171, од 30. 12. 2010), од 15.09.2011 година дел од наставниот и соработничкиот кадар, како и дел од студентите на Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје се префрлија на ФИНКИ.

Согласно истиот Закон студиската програма на Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје продолжи да се остварува. На оваа студиска програма се запишаа нови студенти во учебната 2011/2012 година на четиригодишните академски студии на сите насоки и тригодишните професионални студии на сите насоки. Воедно голем број на студенти користејќи го законското право се изјаснија да го продолжат своето образование на  Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет.