Navigation
 

Доктор Неделков Љупчо - Доцент

Роден на 10 март 1964 г. во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование. Во 1989 г. ги завршил студиите во Заводот за етнологија (сега: Институт за етнологија и антропологија) при ПМФ во Скопје, и се стекнал со степен дипломиран етнолог. Во 1996 г. успешно ги завршил постдипломските студии по етнологија на Одделението за етнологија и антропологија на Универзитетот во Белград и се стекнал со степен магистер на етнолошки науки, со наслов на магистерскиот труд: "Народната носија на Власите и Саракачаните во Македонија". Во 2003 г. ја одбранил докторската дисертација во Заводот за етнологија, на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, под наслов: "Обреди на премин од животниот циклус на Македонците од Тиквеш". Во 1990 г. е избран за стручен соработник во Заводот за етнологија на ПМФ, Скопје, во 1993 г. е избран за помлад асистент, во 1997 г. за асистент, во 2004 г. за доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ во Скопје. Како стручен соработник, помлад асистент и асистент држел вежби по предметите: општа етнологија, етнологија на Македонците I, етнологија на Македонците II, етнологија на Јужните Словени, етнологија на балканските несловенски народи и етнологија на воневропските народи, а во моментов држи настава по предметите: етнологија на Азија, етнологија на Кина, етнологија на Јапонија, етнологија на Власите во Македонија, етнологија на Албанците во Македонија, менаџмент во културата и антропологија на религијата. Главни подрачја на научен интерес му се: антропологијата на религија и народната религија, културите на Азија; други подрачја на научен интерес: менаџмент на културата и антропологија на балканските народи. Доцент д-р Љупчо Неделков објавувил 10 труда во Македонија, од кои 5 во списанија и 5 во зборници на трудови. Од трудовите, како најзначајни можат да се спомнат следиве: Љ. Неделков, Традиционалната исхрана на Саракачаните во Македонија, Етнолог 7-8, 108-114, (1997); Љ. Неделков, Основни карактеристики на влашките народни носии во Македонија, Balcanoslavica25, 113-136, (1998);Љ. Неделков, Носиите на Саракачаните во Република Македонија,ЕтноАнтропоЗум 1, 192-208, (2001); Љ. Неделков, Народно-религиски концепт на смртта и декодирање на пораките со смртен предзнак во народната традиција на Македонците, Етнолог 10, 42-50, (2004). Исто така, учествувал на 6 научноистражувачки проекти како член на тимот, од кои 4 се домашни и 2 меѓународни. Досега бил ментор на 5 кандидати за дипломски работи на Институтот за етнологија и антропологија. Активно се служи со англискиот јазик.