Navigation
 

Доктор Љупчо Ристески - Вонреден професор

Роден на 26 мај 1970 г. во Прилеп, каде што ги завршил основното и средното образование. Во 1988 г. се запишал на додипломски студии на Одделението за етнологија и антропологија на Универзитетот во Белград, Република Србија, и со степен дипломиран етнолог и антрополог се стекнал во 1994 г. Во 1997 г. успешно ги завршил постдипломските студии по етнологија и социјална антропологија на Одделението за етнологија и антропологија на Универзитетот во Белград, и се стекнал со степен магистер на етнолошки и социоантрополошки науки, со наслов на магистерскиот труд: "Посмртниот обреден комплекс во традициската култура на Мариово". Во 2002 г. ја одбранил докторската дисертација на Институтот за етнологија и антропологија на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, под наслов: "Категориите Простор и Време во традициската култура на Македонците". Во 1994 г. е избран за млад асистент-истражувач на Институтот за старословенска култура во Прилеп при Универзитетот "Св. Климент Охридски", Битола. Во 1998 г. е избран за асистент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, УКИМ, Скопје, а во 2002 г. за доцент. Како асистент држел вежби по предметите: општа етнологија, етнологија на Македонците II, етнологија на Јужните Словени и етнологија на балканските несловенски народи, а во моментов држи настава по предметите: вовед во етнологијата, историја на етнологијата во Македонија, културна антропологија, социјална антропологија и методологија на етнолошките истражувања. Главни подрачја на научен интерес му се: народната религија и митологија на балканските народи и методологијата во етнолошките и во антрополошките истражувања; други подрачја на интерес: антропологија на заштитени подрачја и антропологија на општественомаргинализирани групи. Досега има објавено 42 труда, од кои 18 во списанија во Македонија, 15 во списанија надвор од Македонија, 5 во зборници на трудови надвор од Македонија и 4 во зборници на трудови во Македонија. Како најзначајни трудови можат да се издвојат следниве: Т. Вражиновски; Танас; соработници: В. Караџоски; Љ. С. Ристески; Л. Симоска, Народна демонологија на Македонците, Матица македонска, ИСК, Скопје-Прилеп, 1996, 1-278; Љ. С. Ристески, Ракописната заостваштина на Бранислав Русиќ : Прилог кон историјата на етнолошката мисла во Македонија, Крсте Мисирков, Битола, 1997, 1-123; Т. Вражиновски; соработници: В. Караџоски; Љ. С. Ристески; Л. Симоска, Народна митолологија на Македонците, Матица Македонска, ИСК, Скопје-Прилеп, 1998; Љ. С. Ристески, Посмртниот обреден комплекс во традициската култура на Мариово, Институт за старословенска култура - Прилеп, Прилеп 1999, 1-246; Љ. С. Ристески, Категориите Простор и Време во народната култура на Македонците, Матица македонска, Скопје 2005, 1-450. Досега бил рецензент на 5 труда во странски списанија и рецензент на 17 труда во домашни списанија. Исто така, има објавено и 5 монографски труда. Тие се користат и како учебни помагала за студентите на додипломски и на постдипломски судии на ИЕА при ПМФ. Член е на Уредувачкиот одбор на стручното списание на Институтот за етнологија и антропологија ЕтноАнтропоЗум / EthnoAnthropoZoom и на списанието на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград Ethno anthropological Issues. Доцент д-р Љупчо С. Ристески учествувал на 18 проекти, од кои 4 се од меѓународен карактер, а 4 домаши. На 5 проекти е раководител и главен истражувач, а на 13 проекти е член на истражувачкиот тим. Од проектите на кои е носител или главен истражувач, еден е меѓународен, а 4 се домашни. Во монентов е ментор на еден кандидат за докторска дисертација и бил ментор на 8 кандидати за дипломски работи. Има остварено неколку студиски престои на странски универзитети, како што се: 1.6.-1.7.2004 - Катедра за антропологија при Универзитетот во Масачусетс (САД), 1.10.-1.11.2002 - Одделение за проучување на историјата на Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац (Австрија). Активно се служи со англискиот и со рускиот јазик. Во 2006 г. е добитник на наградата "Гоце Делчев" за книгата "Категориите Простор и Време во народната култура на Македонците:, за највисоки достигнувања во науката во Република Македонија за 2005 г.