Navigation
 

Доктор Андоновски Томе - Редовен професор

Роден на 5 септември 1940 г. во село Лазарополе. Основно и средно образование завршил во Бито­ла. Во учебната 1959/60 г. се запи­шал на студии по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1964 г. До 1971 г. работел како професор по географија во гимназиите Здравко Чочковски во Дебар и Гоце Делчев во Битола, а во меѓу­време (во 1964/65 г.) го отслужил воениот рок. Од 1 септември 1971 г. е примен за асистент на Институтот за гео­графија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1977 г. завршил постдипломски студии за карст, на Природно-математичкиот факултет во Бел­град, одбранувајќи ја магистерската работа на тема Подземни краш­ки об­лици и хидро­логија клисуре Радике. Во 1983 г., на Географскиот факултет во Скопје, ја одбранил док­тор­ската дисертација Кичевска Котлина геоморфо­лошки проучувања.Во 1977 г. е избран за предавач во 1980 г. за виш предавач во 1984 г. за доцент во 1987 г. за вонреден професор и во 1992 г. за редовен професор. Во периодот од 1 октомври 1977 до 31 декември 1979 г. бил продекан и во еден период вршел должност декан на Географскиот факултет. Шеф на Институтот за географија бил во три мандати: од 1 октомври 1987 до 30 септември 1991 г. и од 1 октомври 1995 до денес. Продекан на Природно-ма­те­ма­тичкиот факултет бил од 1 октомври 1991 до 30 септември 1993 г. Бил секретар (во два мандата) и претседател на Сојузот на географските здруженија на Република Македонија. Бил генерален секретар на Сојузот на спелеолозите на поранешна СФРЈ. Ја вршел должноста претседател на ИО на ПМФ од 1 октомври 1993 до мај 1996 г.Издадени учебници: Математичка географија за студентите по географија во прва го­дина, Математичка географија со картографија за средните училишта (во коавторство).Учесник бил во следните проекти: Геоморфологија на Буковиќ; Мариово; Бистра; Козјачија; Геоморфолошка карта на Република Македонија; Пелистер и Гали­чица; Де­фи­ни­рање на средоземноморското влијание на климата и нејзиното значење врз социо-еко­ном­скиот развој на Република Македонија; Подземни карстни облици во општина Охрид и повеќе секторски студии работени за Институтот за просторно планирање. Неговата научна активност, главно, е насочена кон областа на физичката географија, а особено кон областа на геоморфологијата.Со свои предавања од геоморфологијата и методиката на наставата по географија учес­твувал на повеќе семинари за перманентно образование, организирани од Педагошкиот завод на Република Македонија и Институтот за географија. Учествувал и во организацијата на повеќе републички натпревари за ученици од основните и од средните училишта, одржувани во Скопје, Струга, Дојран и Неготино, и на републичките натпревари на спелеолозите одржани во Маврово.