Navigation
 

Д-р Зиков Михајло - Редовен професор

Роден на 22 април 1949 г. во Ќоселери, општина Лозово. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Велес. На Природно-математичкиот факултет во Скопје, Група за географија, дипломирал во 1972 г. Школувањето го продолжил на постдипломските студии Урбанизам и просторно планирањена Архитектонскиот факултет во Загреб, каде го одбранил магистерскиот труд под наслов: Урбанизација као процес преображаја простора Р. Македоније и класификација урбаних насеља и се стекнал со звањето магистер од подрачјето на урбаните и просторните науки. Со академскиот степен доктор на географски науки се здобил во 1985 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на докторската дисертација под наслов: Валоризација на природните фактори и услови и нивно искористување во просторното планирање на примерот на петте општини: Виница, Кочани, Пробиштип, Свети Николе и Штип, во средниот слив на река Брегалница. Работел како планер во организацијата за урбанизам, студии и проектирање Мегапроект во Штип и како самостоен планер во Институтот за просторно планирање во Охрид, ателје Скопје, од 1979 до 1987 г. На Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје е избран во звањето доцент во 1987 г., во звањето вонреден професор во1993 г., а во звањето редовен професор во 1998 и во 2003 г. каде што работи и денес. На ПМФ, д-р Михаило Зиков изведува настава по следниве предмети: општа климатологија, просторно планирање и географија на Република Македонија II. Но, тој изведувал настава и на Интердисциплинарните студии по инженерство на животната средина на Машинскиот факултет во Скопје, по предметот метеорологија, хидрологија и климатологија, и на Институтот за физика на насоката метеорологија, по предметот климатологија со климатски промени. Настава изведува и на последипломските студии по предметите теорија и методологија на просторното планирање, теорија и методологија на просторното планирање во туризмот, методи и техники на картографирање во физичката географија и одбрани поглавја од климатологијата. Издал повеќе универзитетски учебници: Картографија, Скопје, 1-326, (1991): Просторно планирање, Скопје, 1-296, (1995, 2005); Метеорологија и Климатологија, Скопје, 1-304, (2000): и Климатологија - Метеорологија и климатологија со климатски промени, Скопје, 1-349, (2005): три книги: Компонентите на природниот комплекс во просторното планирање, Скопје, 1-140, (1998): Влијанието на Средоземното море врз климата на Република Македонија, Куманово, 1-219, (1997) и Планинскиот масив Јакупица, Скопје, 1-208, (1999). Последните две се во коавторство. Издал и гимназиски учебник Географија за потребите на ПЕКСНАС и учебник Географија за ученици од средни училишта природно-математичка струка (1990), во коавторство. Досега, во наши и странски списанија објавил 75 научни трудови и раководел со два научно-истражувачки проекти. Бил член на повеќе работни тимови за изработка на просторни и урбанистички планови во нашата земја, и тоа: просторен план на регионот на источна Македонија; просторен план на Охридско-преспанскиот регион; просторни и Урбанистички планови на општините и градовите: Штип, Велес, Струмица, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Кичево и просторни планови со специјална намена. Изготвил повеќе секторски студии.Д-р Михаило Зиков пројавува и забележителна општествена активност. Бил член на Советот на Републичкиот завод за заштита на природните реткости, на Советот на Националниот парк Маврово, на Македонското географско друштво, на претседателството на еколозите на Република Македонија, на Комисијата за вреднување ракописи на учебници за средно образование и главен и одговорен уредник на списанието Географски разледи. Бил продекан за финансии на Природно-математичкиот факултет и раководител на неколку научноистражувачки проекти. Сега е член на Националниот комитет за климатски промени, член на Претседателството на Сојузот на организациите за природни, технички и општествени науки на Македонија Науката на младитеи член на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Раководител е на интердисциплинарните последипломски студии по просторно планирање и на Заводот за физичка географија при Институтот.