Navigation
 

Доктор Маркоски Благоја - Редовен професор

Роден на 16 февруари 1959 г. во с. Селце, Крушево, Република Македонија. Постојано живее и работи во Скопје. Детството го поминал во родното место, каде што завршил четиригодишно основно училиште, потоа се школувал во с. Житоше, каде што во 1973/74 г. завршил осмо одделение. Гимназиско образование завршил во Крушево во 1978 г. Во учебната 1978/79 г. се запишал на Географскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методија во Скопје, каде што редовно и со успех дипломирал во учебната 1982 г. Во 1986 г., на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, ги завршил постдипломските студии од областа на географски основи на просторното планирање, со одбрана на магистерската работа под наслов Функционални карактеристики и нивно значење за развој на општина Крушево. Во 1992 г. на ИГ при ПМФ во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов Картографско-картометриски проучувања на хипсометријата на просторот и разместеноста на населението во Република Македонија.Во 1984 г. се вработил како помлад асистент - приправник на Географскиот факултет, во 1986 г. е избран за помлад асистент (во 1977 г. го отслужил воениот рок), а во 1988 г. на ИГ при ПМФ за асистент по предметот картографија. Во 1993 г. е избран во звањето доцент, во 1998 г. во звањето вонреден професор, а во јануари 2003 г. е избран за редовен професор на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.Држел настава/вежби по предметите: картографија, географија на населението, географија на населбите, воена географија (на Воената академија при АРМ), информатика, стопанска географија, регионална географија, географски информациски системи и др. Држи настава од: теориска картографија, применета картографија, регионална географија, географски информациски системи (дисциплина што ја воведе во студиските програми на ИГ), тематска картографија и основи на картографијата (за еколози) на Институтот за биологија. Предавач е на последипломските студии по тематска картографија, просторно планирање, географски основи на планирањето на туризмот и физичка географија на Институтот за географија при ПМФ. Главни подрачја на неговиот научен интерес се: картографија (теориска и применета), тематско картографирање, и географски информациски системи. Други подрачја на научен интерес се: регионална географија и географија - општо (физичко-географски социо и економско-географски проблеми, поврзани со картографијата).Има објавено 95 трудови во разни списанија од кои 5 надвор од Македонија. Во зборници од симпозиуми и конгреси има објавено над 30 трудови, од кои 5 надвор од Македонија. На научни манифестации реферирал повеќе од 40 трудови, од кои десетина надвор од Република Македонија. Има објавени 3 монографии и околу 40 тематски карти. Автор е на 2 универзитетски учебника Картографија и Воена географија, на три авторизирани скрипти и на еден средношколски учебник. Основач е на картографската лабораторија и на последипломскиот студиум по тематска картографија на ИГ при ПМФ.До сега има работено на 15 научноистражувачки проекти, од кои на 7 се јавува како носител и раководител. Како член на тимот се јавува во еден меѓународен проект. Претстојувал на Институтот за географија и Институтот за географски информациски системи при Универзитетот во Мелбурн, Австралија, реализирал повеќе пократки посети на географски и на картографски институции во Белград, Софија, Љубљана, Париз, Будимпешта. Како експерт за географски имиња од Република Македонија, во неколку наврати учествувал во работата на органите и телата за географски имиња при ООН во Женева, Њујорк и Будимпешта. За време на студирањето бил вклучен во различни активности на тогашните општествени и политички организции во рамките на Факултетот, студентските домови и слично. Поточно бил член и претседател на ОО на ССММ при Факултетот, член на претседателството на УК на ССММ и претседател на Комисијата за образование, настава и наука, член на РК на ССММ, претседател на Советот на станари во Студентскиот дом Стив Наумов, член на Советот за македонски јазик, литература и култура, активист во Црвениот крст и во Планинарскиот сојуз на Република Македонија и сл. Во рамките на Природно- математичкоит факултет и Институтот за географија, бил на повеќе раководни функции, како што се претседател на Советот на Природно математички факултет (1998/1999), продекан за финансии на Природно-математички факултет (1999/2001), шеф на Институтот за географија при ПМФ во Скопје (2003/2006), раководител на Заводот за картографија на ИГ при ПМФ (1994/2003), раководител на постдипломскиот студиум по Тематска картографија, член на издавачкиот совет на ПМФ, и сл. Надвор од Факултетот, бил секретар на Македонското географско друштво (1984/1990), главен и одговорен уредник на списанието Географски разгледи (1998- ), член на Одборот за акредитација на високообразовни институции (2000/2004), претседател на Педагошкиот совет на Република Македонија (2000/2002), директор на Фондот за животна средина на Република Македонија (2002/2003), координатор на Комисијата за стандардизација на географските имиња на Р. Македонија при Министерството за надворешни работи на РМ, претседател на универзитетската спортска федерација на Република Македонија (2006- ) и тн. За постигнатиот успех во студирањето е награден со пофалница од страна на Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Добитник е на благодарница на Македонското географско друштво за особен придонес во развојот на географската наука и образование, по повод педесетгодишнината од работата на Македонското географско друштво, во 1999 г., Скопје, и на Плакета за заслужен член на Македонското географско друштво во 2005 г.