Navigation
 

Институт за eтнологија и антропологија

http://www.iea.pmf.ukim.edu.mk

Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје е наследник на Одделението за етнографија и етнологија, основано во 1946 година од страна на проф. д-р Бранислав Русиќ во рамките на тогашниот Филозофски факултет во Скопје. Одделението функционирало сé до 1953 г., кога со одлука на Министерството за образование на НР Македонија, престанало да постои. Останал да постои само предметот етнологија кој бил вклучен во наставниот план во програмата на Одделението за географија. И покрај тоа што постојеле повеќе иницијативи за обновување на Одделението за етнологија, кои добиле посилен интензитет во периодот од 1969 до 1980 г., сите завршиле безуспешно.

Во 1984 година, по упорното залагање на група етнолози, но и на професори на Институтот за географија, Собранието на СРМ и одговорните републички институции донеле одлука за обновување на Одделението за етнологија како Завод за етнологија во рамките на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Овој Завод почна со настава во учебната 1985/86 г. и во тој период се реализираше во вид на двегодишни студии, а од 1988 г. беа формирани и четиригодишни студии по етнологија. До овој период, наставата, главно, ја изведувале професори во пензија, како: проф. д-р Милош Константинов, проф. д-р Галаба Паликрушева, проф. д-р Коста Балабанов, проф. д-р Миодраг Хаџи Ристиќ и др. Дел од наставните содржини ги покриваа професори од Институтот за географија, како и професори од Филозофскиот и од Филолошкиот факултет во Скопје.

Во 2005 година, на 31 март, Наставно-научниот совет при Природно-математичкиот факултет го измени Статутот на ПМФ, со што Заводот за етнологија прерасна во Институт за етнологија и антропологија, како седми институт во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а официјално почна да функционира од 1 октомври 2005 година.