Navigation
 

Доктор Селмани Аслан - Редовен професор

Роден на 10. јуни 1945 г. во с. Лојане, Кумановско, во земјоделско-рударско семејство. Основното образование го завршил во селото Миратовац, Прешевско, а средното училиште во Учителската школа Зеф Луш Марку во Скопје, во учебната 1963/64 г. Потоа се запишал на студии на Групата за географија при Природно-математички факултет во Скопје, кои успешно ги завршил во учебната 1968/69 г. По дипломирањето, најнапред работел како професор по географија во Гимназијата Гоце Делчев во Куманово, а потоа преминал во Гимназијата Зеф Луш Марку во Скопје, во која како професор по географија работел до 1978 г. Во 1979 г. Селмани е избран за професор на Педагошката академија Климент Охридски во Скопје, по предметите општа географија, математичка географија и картографија. Во меѓувреме се запишал на постдипломски студии, на Отсекот за географија при Природно-математички факултет во Загреб.Во 1976 г. ја одбранил магистерската работа под наслов: Географски аспекти на општествено-стопанските структури во општината Куманово. Во 1982 г., на Географскиот фа­култет во Скопје, ја одбранил докторската дисертација под наслов: Социо­гео­графските процеси и проблеми во општината Дебар, со посебен осврт на функцијата на централното место. Во 1986 г., д-р Аслан Селмани е избран за доцент на Институтот за геог­рафија по предметот заштита и унапредување на животната средина, во 1995 г. е избран за вонреден професор по предметите геоекологија и основи на географијата, додека во 2000 г. е избран за редовен професор на Институтот за географија при Природно-математички факултет и на истата должност се наоѓа и сега.Во 1990 г., на општите повеќепартиски избори во Република Македонија, е избран за пратеник во Собранието, а во два наврата (1992 и во 1996 г.) бил избран за министер за наука во Владата на Република Македонија. На оваа должност останал сé до крајот на 1998 г., кога повторно е избран за републички пратеник, на која политичка функција бил до 2002 г. Неговата општествена ангажираност се гледа и низ следните негови активности: потпретседател на СРВСРМ во периодот 1984-1990 г; член на Американскиот биографски институт во САД; член на претседателството на Македонското географско друштво, претседастел на еколошкото друштво Еколевизја, со седиште во Скопје; член на Одборот на фондацијата за геополитички истражувања Глигоров во Скопје, претседател на Комисијата за спроведување државни испити по предметот географија и сл. За досегашната работа има добиено повеќе одликувања и награди, како: наградата Гоце Делчев, како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката, за трудот Населението на Македонија, 2005 г.; плакета, по повод патрониот ден на Универзитетот Св. Кирил и Матодиј, Скопје, за придонес во развојот и афирмацијата на Универзитетот, 2005 г.; плакета по повод одбележувањето на 50-годишнината на СРВСРМ, како признание за долгогодишната активност и за придонес во работата на организацијата, 2002 г.; плакетапо повод 50-годи-шнината на научна работа на Земјоделскиот факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј, Скопје, во знак на признание и благодарност, за придонесот во развојот и работата на Факултетот, 1997 г.; плакета од Македонското географско друштво, по повод 56 години постоење, за долгогодишна и плодотворна работа во областа на географијата, 2005 г. Посебно признание добил по повод прифаќањето, паралелно со своите редовни задолженија, да ја следи и да ја разрешува еколошката проблематика во меѓународните контакти на министерско ниво на конференцијата во Луцерн и на конференмцијата на УНДП во Будимпешта, како и за востоставување тесна соработка со Движењето на екологистите на Македонија, заради разрешување на нагласените еколошки проблеми и нивното обелоденување во јавноста, 1993 г.; благодарница добил за меѓусебната соработка и непосредната помош, по повод педесетгодишнината од работата на Македонското географско друштво, 1999 г.; и благодарница за безрезервната помош во развојот на медицинската наука во Република Македонија, Медицински факултет, 1997, Скопје.