Navigation
 

Доктор Стојмилов Александар - Редовен професор

Роден на 18 јануари 1941 г. во с. Бели, Кочанско. По завршувањето на основното и средното образование во Кочани, се запишува на студии на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на Групата за географија, кои со одличен успех ги завршил во 1963 г., за што бил награден од Деканатот на Факултетот. Следната година се запишал на постдипломски студии во Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Белград, на Катедрата за туризам, каде што во 1967 г. го одбранува магистерскиот труд "Могуќности за развитак туризма на македонским језерима". Во меѓувреме работел како професор во Економското училиште во Кочани и во Катлановска Бања. За асистент на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје е избран во 1968 г. Во 1971 г. е избран за предавач по предметот основи на географијата. Во 1974 г. ја одбранил докторската дисертација "Туристички вредности на македонските планини" и во 1975 г. е избран за доцент, во 1980 г. за вонреден професор и во 1985 г. за редовен професор. Ги предавал предметите географија на Македонија и географија на Европа за географи, а ангажиран бил и како професор на насоката по етнологија. По основањето на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид изведувал настава од туристичка географија. На последипломските студии за просторно планирање на Институтот за географија предавал повеќе предмети, а на Факултетот во Охрид на постдипломските студии држал предавања по предметот туристичка валоризација. Бил на повеќе студиски престои и на научни усовршувања на неколку странски универзитети, како: Краков, Воронеж, Софија, Малага, Братислава и други. Со реферати учествувал на IX - XIV конгрес на географите од Југославија, го организирал и поднел воведен реферат на првиот конгрес на географите од Република Македонија и учествувал со реферат на Светскиот конгрес на географите во Москва. Се истакнува и со мошне активна општествена дејност. Бил одборник во Собранието на град Скопје, потоа член на Републичкиот комитет за заштита на човековата средина и потпретседател на Комисијата за наука на овој Комитет, делегат во Републичкара СИЗ за наука и претседател на Одборот за издавачка дејност, член на Републичкиот комитет за општостопански работи, пазар и цени, претседател на СИЗ за култура на општина Гази Баба, потпретседател и претседател на Туристичкиот сојуз на град Скопје, претседател на Туристичкиот сојуз на Македонија, секретар и претседател на Географското друштво на Македонија, два мандата продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, продекан и декан на Географскиот факултет, два мандата декан на Природно-математичкиот факултет, проректор на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, претседател на Педагошкиот совет на Република Македонија, член на Сенатот на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", претседател на АКУД "Мирче Ацев", главен и одговорен уредник на географското списание Географски разгледи член на редакциите на списанијата "Туризам" во Загреб, и Демографија”, Белград, редактор во редакцијата на Македонската енциклопедија на МАНУ и др. За досегашната работа има добиено повеќе одликувања, како и Орден на трудот со златен венец. За време додека бил декан на Факултетот ги формирал студиите по етнологија и информатика, а како проректор на Универзитетот, активно учествувал во формирањето и отворањето на факултетите за фармација и ветерина, Воената академија, а во 2006 г., како претседател на Матичната комисија, и на Факултетот за туризам во Скопје. Активно учествувајки во изработката на двата просторни плана на Република Македонија, како и во изготвувањето на 12 просторни планови за одделни општини во Македонија, не само што се афирмирал како географ - просторен планер туку ја афирмирал и географијата во просторното планирање. Досега има објавено повеќе од 200 труда, и тоа главно од областа на туристичката географија и туризмот, потоа од стопанската географија на Македонија, геоморфологијата, хидрографијата и просторното планирање. Има објавено 7 учебници за средно образование и 4 учебника за високото образование. Под негово менторство се одбранети 7 докторски дисертации и 16 магистерски труда.