Navigation
 

Доктор Граматниковски Васил - Редовен професор

Роден на 15 јануари 1934 г. во с. Љубојно, Преспа. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Битола во 1956 г. Истата година се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје на Групата за географија. Студиите ги завршил во 1960 г. Во 1962 г. бил избран за асистент на Географскиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Како асистент завршил постдипломски студии од областа на аграрната географија на Филозофскиот факултет во Љубљана, во 1968 г. Потоа, со одобрение од Наставно-научниот совет, одр­жувал настава по предметот стопанска географија, а во 1972 г. бил избран за предавач по предметот општа стопан­ска географија. Во 1974 г. докторирал на Географскиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на тема Природно географските и социо-економските процеси во Преспанската Котлина како фактори што го условуваат идниот стопански развиток на котлината. Во 1975 г. бил избран во звањето доцент по предметот општа стопанска географија. Во звањето вонреден професор е избран во 1980 г., а во звањето редовен професор во 1985 г.Неговата научна и стручна ориентација е стопанската географија во која се усовр­шу­вал преку поголем број студиски престои во странство. Во 1966 г. престојувал во Варшава, во Полската академија на науките и уметностите, за­ради запознавање со научноистражувачката методологија во аграрната географија. Во 1968 и 1969 г. престојувал во Минхен, на географските институти на Природно-математичкиот фа­култет и на Високата техничка школа заради запознавање со методологијата на проучување на нашите работници во Германија, како соработник на југословенскиот проект на Географскиот институт во Загреб. Во 1974 г. престојувал на Географскиот институт при Економскиот факул­тет во Минхен заради изготвување методологија за заеднички истражувања на Охридската Котлина. Во 1976 г. гостувал со предавања на географските институти во Љубљана и во Загреб.Во процесот на наставната активност изведува настава по предметите општа стопанска географија на светот, регионална географија на светот, аграрна географија, како и наставни предмети на студиите по етнологија. На постдипломските студии за просторно планирање, од самиот почеток, предавал примарни дејности во просторното планирање.Неговата главна научна преокупација е економската географија, посебно аграрната гео­графија. Поддржувајќи ја концепцијата дека економските проблеми се нераздвојни од социјалните, се занимавал и со проблеми на населението. Од вкупно објавените 74 труда, 5 се обја­ве­ни во странство. Резултатите од научноистражувачката активност ги презентирал и на повеќе научни собири во Р. Македонија и во странство.Неговата наставно-научна активност се надополнува и со општествена активност. Бил декан на Географскиот факултет, во два мандата бил шеф на Географскиот институт, бил раководител на Заводот за општествена географија, и раково­дител на Заводот за етнологија. За својата активност има добиено Орден на трудот со златен венец, пофалница од Македонското географско друштво и признание за учество на првата младинска истражувачка акција Мариово 1979.