Navigation
 

Доктор Даскаловски Васа - Редовен професор

Роден на 21 јуни 1948 г. во с. Јабука, Панчево, Република Србија. Своето основно образование го стекнал во родното место и во Панчево, а гимназиско завршил во Охрид во 1967 г. Една година бил работник во градежништво. Студиите ги започнал во 1968/69 г. на Природно-математичкиот факултет, Институт за гео­графија. Дип­ло­мирал во редовниот рок со среден успех 9,23, за што е награден и пофален. По стажирањето на Институтот за геогра­фија, на 1 јануари 1975 г. е избран за помлад асистент. Магистерската тема Современи миграциони про­цеси во општина Струга ја одбранил во 1980 г. на Отсекот за географија и просторно планирање при Природно-мате­ма­тич­киот факултет во Белград. Во 1984 г. докторирал на Гео­граф­скиот факултет со дисертацијата под наслов Просторно - морфо­лошка структура и популациски развиток на населбите во Скопската Котлина.За предавач е избран во учебната 1981/82 г., за доцент во 1985, за вонреден професор во 1991, а за редовен професор во 1996 г., во кое звање е преизбран во 2001 г., по предметите географија на населението и географија на населбите. Бил член на Македонското географско друш­тво, Гео­граф­ското друштво на Скопје и ДНУ Струга, член на Советот за статистика на Република Македонија, раководител на Заводот за социоекономска географија на Заводот за етнологија на Институтот за географија и член на разни тела и комисии на Факултетот и надвор од него. Како самостоен истражувач и раководител учествувал во 16 проекти финансирани од МАНУ, СИЗ за наука, ИПП Охрид и Министерството за наука на Република Македонија. Објавил 4 труда во интернационални списанија, 7 труда во национални списанија во странство, 37 труда во научни списанија и во 12 зборници во земјата и 8 стручни труда во други списанија. Учествувал со соопштенија на 4 конгреси во странство и на 2 во зем­јата, на 7 научни собири и симпозиуми во странство и на 11 во земјата.