Сеизмолошка опсерваторија
http://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје е единствената институција во Република Македонија што врши сеизмолошка служба, според Законот за учество на Републиката во финансирањето на сеизмолошката и инженерско-сеизмолошката дејност. Таа е организирана во пет одделенија: телеметрија со сеизмолошка служба, микросеизмика, макросеизмика, сеизмолошки инструменти и сеизмолошко-информатичко одделение. Со мрежа на аналогни и дигитални сеизмолошки станици, оваа Опсерваторија систематски инструментално ја следи сеизмичката активност на територијата на Република Македонија и во пограничните подрачја, а регистрира и земјотреси со различна јачина од целата Земјина топка. Во случаите на земјотреси почувствувани на територијата на Република Македонија, Опсерваторијата, преку стручни екипи упатени на теренот, преку посебни прашалници доставени до населението и преку други средства за комуникација, собира податоци за макроефектите на земјотресите. И инструменталните и макросеизмичките податоци се собираат, се чуваат, се анализираат и се објавуваат во сеизмолошки билтени и каталози, во рамките на меѓународната размена на сеизмолошки податоци и за целите на науката, наставата и заштитата од дејството на земјотресите. Опсерваторијата врши и научна, наставна, популаризаторска и апликативна дејност во областа на сеизмологијата, но и пошироко, во подрачјата на физиката на внатрешност на Земјата и целата геофизика.
Почнувајќи од 1.7.1957 г., Сеизмолошката опсерваторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје врши, овластено и задолжително, сеизмолошка служба. Овој дел од работата на Опсерваторијата денес е регулиран со Законот за учество на Републиката во финансирањето на сеизмолошката и инженерско-сеизмолошката дејност (Службен весник на СРМ, бр.18, од 10.6.1983 г.), а се состои во вршење постојани инструментални и макросеизмички набљудувања и анализа на добиените податоци.
Податоците од набљудувањата на земјотресите од целата Земјина топка и резултатите од нивната анализа се претставуваат во сеизмолошките билтени (прелиминарни, неделни и детални месечни), кои, пак, се вклучуваат во меѓународната размена на податоци. Опсерваторијата врши размена на податоци со 50 сеизмолошки институции во светот и со светските сеизмолошки центри во Њубари, Англија (International Seismological Centre -ISC), во Денвер, САД (National Eartquake Information Center - NEIC), во Париз, Франција (Centre Seismologique Euro-Mediterraneen -CSEM), во Москва, Русија (World Data Centre for Solid Earth Physics). Светските сеизмолошки центри, натаму, во сопствени сеизмолошки билтени, наменети за општа употреба, ги објавуваат податоците и резултатите на анализите од сите поединечни сеизмолошки институции, заедно со резултатите на своите анализи. Така, референцијата на Опсерваторијата во светските сеизмолошки билтени е постојана.
Податоците од набљудувањата на земјотресите настанати на територијата на Република Македонија и во пограничните подрачја се анализираат најдетално. И овие податоци и резултатите од нивната анализа се претставуваат во годишни каталози, а, посебно, локациите на епицентрите на земјо-тресите се претставуваат во годишни епицентрални карти.
За земјотресите почувствувани на територијата на Република Македонија се изработуваат, кога тоа го дозволуваат расположливите макросеизмички податоци, карти на изосеисти. Овие карти потоа се поместуваат во годишните каталози на земјотресите, во десетгодишните атласи на карти на изосеисти и во Фондот на карти на изосеисти по подрачја.
Годишните каталози, епицентрални карти и атласи на карти на изосеисти на земјотресите од територијата на Република Македонија што ги изработува Опсерваторијата се неопходни и неодминливи за секое сериозно сеизмолошко истражување врзано за територијата на Република Македонија и нејзините погранични подрачја.
Бројот на годишните прелиминарни сеизмолошки билтени, месечните сеизмолошки билтени и годишните каталози, епицентрални карти и атласи на карти на изосеисти, изработени во Опсерваторијата од почетокот на нејзината работа до денес, изнесува неколку стотици. Сите заедно, тие претставуваат огромен фонд на стручни трудови на соработниците на Опсерваторијата и банка на сеизмолошки податоци од непроценливо значење.
Во случај на земјотрес осетен на територијата на Република Македонија, Опсерваторијата врши брзо известување на јавноста, на републичките и градските служби и на институциите надлежни за известување и за давање помош за ублажување на последиците од земјотресите. Известувањата на Опсерваторијата притоа содржат податоци за локацијата, интензитетот и штетите од земјотресот. Според интересот на јавноста, во вакви случаи соработниците на Опсерваторијата даваат и подолги интервјуа.
При појава на посилен земјотрес во Република Македонија, Опсерваторијата подготвува пообемен извештај во кој ги изнесува сите свои стручни и научни сознанија за тој земјотрес.