Navigation
 

Лимановски Нијазија - Доцент

Роден на 27 јуни 1941 г. во с. Ростуше, Долна Река. По националност е Македонец. На Географскиот факултет во Скопје дипломирал во 1979 г., а на Филозофскиот факултет во Белград, на Катедрата за етнологија ја одбранил докторската дисертација под наслов: "Етносоцијалните карактеристики на исламизираните Македонци" и се стекнал со научното звање доктор на етнолошки науки. Во февруари 1994 г. е избран за доцент по група предмети на студиите по етнологија на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Објавил четири книги, како и над 50 научни трудови од областа на етнографијата. Настапил на десет меѓународни симпозиуми. Бил главен и одговорен уредник на списанието Етнолог и на изданијата на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците - муслимани. Бил автор на сценарио на ТВ серија од десет емисии на Македонската радиотелевизија под наслов "Етнологијата и фолклорот на исламизираните Македонци". Бил рецензент на повеќе книги. Бил директор, главен и одговорен уредник и новинар на радиостаницата во Дебар. Во 1974 г. преминал на работа како уредник-новинар во Службата за информации на Собранието на Република Македонија, а во 1982 г. бил именуван за помошник на претседателот на Републичкиот комитет за образование и физичка култура. Во 1991 г. бил именуван за потсекретар во Министерството за образование и физичка култура и на таа должност останал до 1 март 1994 г. Бил пратеник на Просветно-културниот собор на Собранието на СР Македонија во периодот од 1969 до 1974 г. Бил ангажиран јавен, општествен, културен, научен и политички работник. Бил член на Сојузот на новинарите на Македонија. Основоположник и претседател на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците - муслимани (1979). Бил претседател на Здружението на етнолозите на Македонија, член на Друштвото на фолклористите на Македонија, член на Македонското географско друштво, член на меѓународната организација "Караденис - Понт" од Кишињев (Молдавија) за проучување на етнологијата и фолклорот на Гагаузите во Романија, Молдавија и Украина. Добитник е на повеќе награди и признанија, како: наградата "Климент Охридски" за посебни остварувања во областа на просветата и културата од интерес на Република Македонија; наградата "Гоце Делчев" од областа на науката од интерес на Република Македонија; наградата "10 Ноември" на Републичката заедница на научните манифестации на Македонците - муслимани. Одликуван е со Орден на трудот со сребрен венец и со Орден заслуги за народ со сребрени знаци. Почина во 1997 г.