Navigation
 

Д-р Оровчанец Марија - Вонреден професор

Родена на 14 декември 1955 г. во Скопје, каде што завршила основно и средно образование. Во учебната 1974/75 година се запишала на Математичкиот факултет во Скопје. По дипломирањето, во учебната 1979/80 година се запишала на магистерски студии по математика. Во 1984 г. магистрирала со одбрана на магистерската работа под наслов: "Инваријантни потпростори, теорема на Ломоносов и квазисличност". Во ноември 1995 г. ја одбранила докторската теза под наслов "Комутант на операторско тежински шифт". Како стипендист на Републичката заедница на научни дејности, од јануари 1981 до декември 1982 г. волонтирала во ИЗИИС-Скопје. Во јануари 1983 г. се вработила во Рударскиот институт во Скопје како млад стручен соработник. Во 1984 г. била избрана за помлад асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Штип по предметот математика 3, а во 1986 г. за научен соработник во Истражувачко-развојната единица во рамките на РО Рударски институт-Скопје. Од ноември 1988 г. работи на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, прво како асистент, потоа од 1996 г. како доцент, од 2001 г. како вонреден професор и од 2006 како редовен професор. Како асистент држела вежби по предметите: математичка анализа 1 (математика и информатика), математика 1 и 2 (физика), математичка анализа 2 (математика, информатика), анализа 3 (математика), мера, интеграл и специјални функции (информатика), диференцијални равенки (математика, информатика), одбрани делови од диференцијални равенки и комплексни функции (двопредметни студии математика-физика), функционална анализа (математика-теориска насока). По изборот за доцент држела предавања по: математичка анализа 2 (Институт за математика и Институт за информатика), математика (Шумарски факултет), математика 2 (двопредметни студии математика-физика), како и предметите математичко програмирање, теорија на неподвижна точка и целобројно програмирање на применетата насока на Институтот за математика. Исто така држела настава на магистерските студии на Институтот за математика по предметот одбрани делови од функционална анализа и специјален курс спектрална теорија на оператори. Била ментор на одбранета магистерска работа и учесник во комисии за оценка и одбрана на докторски и магистерски дисертации. Има објавено два универзитетски учебника (еден како коавтор) и е коавтор на три универзитетски учебни помагала. Била рецензент на повеќе универзитетски и средношколски учебници. Член е на Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Институтот за математика. Научен интерес на д-р Марија Оровчанец претставуваат функционалната анализа и теоријата на оператори. Во својата научна дејност таа е ориентирана кон изучување на структурата на операторите со акцент на мрежата од инваријантни потпростори, кон операторско тежинските шифтови, алгебарските Жорданови и рефлексивни алгебарски оператори. Има објавено 26 научни трудови. Член е на Сојузот на математичари на Македонија. Била член на комисијата за спроведување на натпреварите по математика за учениците од средното образование, а во 2006 г. беше заменик- водач на македонската репрезентација на Балканската математичка олимпијада за ученици од основното образование.