Navigation
 

Д-р Љупчо Настовски - Вонреден професор

Роден на 23 јуни 1965 г. во Скопје. Основно училиште завршил во Демир Хисар во 1980 г., а средно образование во Гимназијата "Георги Димитров", математичка паралелка, во Скопје, во 1984 г. Студиите по математика, теориска насока, ги завршил во декември 1990 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Последипломските студии по математика ги завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Под менторство на професор д-р Никола Пандески во март 1998 г. го одбранил својот магистерски труд под наслов "Гранични вредности на холоморфни функции во единичниот диск". Докторската дисертација со наслов "Интерполација во простори на аналитички функции и гранични вредности на функции во смисол на дистрибуции" под менторство на професор д-р Никола Пандески ја одбранил во јули 2004 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1991 г. е избран за помлад асистент, а во 1998 г. за асистент на Институтот за математика при ПМФ во Скопје. Во 2004 г. е избран за доцент на Институтот за математика при ПМФ во Скопје. Држел вежби по предметите: математичка анализа 1 (за студиите по математика); математичка анализа 2 (за студиите по математика); математичка анализа 3 (за студиите по математика); Мера , интеграл и специјални функции (за студиите по информатика); комплексна анализа (за студиите по математика); математика 3 (за студиите по физика); математика (Шумарски факултет); математика (Факултет за фармација). Доделена му е наставата по предметите: основи на веројатност и статистика (за студиите по математика); нумеричка анализа, математика (за хемичари, насока аналитичка биохемија), математика (на Архитектонскиот факултет). Главно подрачје на научен интерес му е комплексната анализа, посебно граничните поведенија на аналитички функции. Вкупно има објавено шест научни трудови, од кои три во списанија надвор од Македонија. Некои од објавените трудови се: 1.Nastovski Lj. Interpolation in classes M p, p>1, Mathematica Balkanica,18 (2004); 2.Nastovski Lj. An Example of a sequence of Blaschke products which converge uniformli in the unit disk, Mat. Bilten,26 (LII) (2002) p. 75-80; 3. Pandeski N., Manova-Erakovik V., Nastovski Lj., Distributional boundary values of some interpolating functions, Integral Transforms and Special Functions, Taylor & Francis, 17, p. 199-204, (2006); 4. Manova-Erakovic V., Pandeski N., Nastovski Lj., Distribution analogue of the Tumarkin result, Bulletin T.CXXXIII de l’Academie Serbe des sciences et des arts, Classe des Sciences mathematiques et naturelles Sciences mathematiques, 31, 69-73, (2006). Има еден презентиран труд на научна манифестација надвор од Македонија. Како стипендист на Министерството за образование на Русија, престојувал на Универзитетот Дружби народов во Москва, во 1999 г., од февруари до јуни. За време на престојот соработувал со професорот В.И. Гаврилов од МГУ "Ломоносов" во Москва, катедра за математичка анализа. Од оваа година е еден од уредниците на списанието за популаризација на математиката Нумерус во издание на Сојузот на математичарите на Македонија. ...