Navigation
 

Д-р Крстеска Биљана - Доцент

Родена на 22 август 1964 г. во Охрид. Основното и средното образование ги завршила во Охрид. Дипломирала на Институтот за математика, Природно-математички факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Скопје, во 1988 г.. Во март 1995 г. магистрирала на Институтот за математика со тезата "Нилсенова теорија на неподвижна точка". Во октомври 1999 г. на Математичкиот факултет во Белград, Универзитет во Белград, Република Србија, ја одбранила докторската дисертација под наслов "Една класа фази обопштени отворени множества". Во 1989 е избрана за помлад асистент, а во 1995 г. за асистент на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во мај 2000 г. е избрана за доцент, а во јануари 2005 г. за вонреден професор на Институот за математика при Природно - математичкиот факултет, по предмети од областа геометрија и топологија. Во својата наставна работа држела предавања по предметите топологија, аналитичка геометрија, нацртна геометрија, дидактика и фази топологија на додипломските студии, како и откривање и работа со талентирани и надарени ученици по математика, потоа елементарна алгебра и анализа, наставни планови и програми, раководење и управување со воспитно-образовниот процес, на последипломските студии по Математичко образование на Природно - математичкиот факултет. Држела вежби по предметот математика на Шумарскиот факултет и на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", и предавања по предметите математика II, алгебарски структури и математика за бизнис на Факултетот за информатика и Економскиот факултет на Европскиот универзитет во Охрид. Нејзино главно подрачје на научен интерес е топологијата. Се занимава со прашања од општа топологија, фази топологија и математичко образование. Како автор и коавтор има публикувано 18 научни трудови: 8 во странски списанија (2 во списанија со импакт - фактор), 6 во домашни, 3 научни трудови во зборници на трудови надвор од земјата и 1 во зборник на трудови во земјата. Меѓу мив позначајни се: 1. B. Krsteska, Fuzzy strongly preopen sets and fuzzy strong precontinuity, Matematicki Vesnik 50 (1998), 111-123; 2. B. Krsteska, Some fuzzy SP-topological properties, Matematicki Vesnik51 (1999), 39-51; 3. B.Krsteska, A note on the article, Fuzzy less strongly semiopen sets and fuzzy less strong semicontinuity, Fuzzy sets and systems, 107 (1999), 107-108. 4. B.Krsteska, A note on the article Fuzzy alpha-sets and alpha-continuous maps, Fuzzy Sets and Systems120 (2001), 549-550. 5. Y.C Kim, B. Krsteska, Fuzzy p-regular spaces, to appears in Journal of Fuzzy Mathematics, 14 (2006). Рецензент е на математичките списанија: Математика Моравика, Математички Весник и Зборник на трудови на Институтот за математика. Со свое излагање учествувала на 12 научни манифестации, од кои 8 во странство. Коавтор е на три универзитетски учебни помагала, на 6 средношколски учебници и на 1 учебно помагало за основното образование. Од 2005 г. е уредник на математичкото списание Математика Македоника во издание на Институтот за математика при Природно - математичкиот факултет, а од 2003 г. е главен уредник на популарното математичко списание, Нумерус за учениците од основното образование. Била член на тимовите на 8 домашни научно истражувачи проекти од кои во еден била главен истражувач. Учествувала во 2 проекта за унапредување на образованието. Во текот на октомври 2005, престојувала на Универзитетот во Патрас, Грција, во рамките на ТЕМПУС - програмата. Во периодот од 2003 до 2006 била раководител на двопредметните студии по математика - физика, а од 2004 г. е раководител на Заводот за методика при Институтот за математика. Член е на Сојузот на математичари на Македонија. Била член на Комисијата за спроведување на натпреварите по математика за учениците од средното образование, а во 2005 г. беше заменик водач на македонската репрезентација на Балканската математичка олимпијада за ученици од основното образование. Била член на комисијата за изготвување на наставните програми по математика за учениците од средното образование.