Navigation
 

Д-р Тренчевски Костадин - Редовен професор

Роден на 27 февруари 1960 г. во Кавадарци. Во 1974 год. завршил основно образование во Скопје, а средно во гимназијата ,,Георги Димитров" - математички паралелки во Скопје во 1978 год. За време на школувањето учествувал на голем број натпревари по математика и има добиено голем број награди меѓу кои и сребрен медал на 19-тата Меѓународна математичка олимпијада во 1977 г.. Дипломирал на Математичкиот факултет - теориска насока на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј" во Скопје во 1982 г., со просечна оценка 9,76. Одликуван е како најдобар студент во генерацијата. Во 1986 г. магистрирал на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје со тема од областа на диференцијалната геометрија под наслов: Простори со афина конексија кои допуштаат полиња од паралелни вектори односно паралелни рамнини. Во 1990 г. на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје ја брани својата докторска теза исто така од областа на деференцијалната геометрија под наслов: "Тензорско интегрирање на многуобразија и обопштување на Стоксовата теорема". Во 1984 г. е избран за помлад асистент на Институтот за математика при ПМФ во Скопје, а во 1987 год. за асистент, во 1991 год. за доцент, во 1996 год. за вонреден професор, во 2001 год. за редовен професор, а во 2005 год е реизбран за редовен професор. Како асистент држел настава од десетина предмети, а како наставник држел настава по предметите: диференцијална геометрија, историја на математика, геометриски трансформации, геометрија, аналитичка геометрија со матрично сметање, математика I, теорија на броеви, множества и логика и алгебра. Главно подрачје на истражување му е диференцијалната геометрија, а исто така работи и објавува трудови од областа на гравитација, диференцијални равенки, алгебра, топологија и фракционални изводи. Досега има објавено 109 научни трудови. Во списанија надвор од Македонија има објавено 59 трудови, од кои 19 со импакт - фактор. Во списанија во Република Македонија има објавено 28 трудови. Во зборници на трудови надвор од Македонија има објавено 16 трудови, а во зборници во Р. Македонија 6. Како позначајни се сметаат следниве трудови: 1. K.Trenčevski, Time dependent gravitational potential in the universe and some consequences, Gen. Rel. & Grav., 37 (3), (2005), 507-519. 2. K.Trenčevski, One model of gravitation and mechanics, Tensor N.S., 53 (1993), 70-82. 3. K.Trenčevski, D.Dimovski, On the affine and projective commutative (m+k,m)-groups, J. Algebra, 240 (2001), 338-365. 4. K.Trenčevski, Geometrical interpretation of the normal vectors and curvatures of submanifolds of Rm, Proc. of the Conference "Contemporary Geometry and Related Topics", May 15-21, 2002, Belgrade, World Scientific, 407-423. 5. K.Trenčevski, New approach to the fractional derivatives, Int. J. Math. & Math. Sci., 5 (2003), 315-325. Досега е 39 пати цитиран според SCI. Бил рецензент на 5 трудови во странски списанија, од кои еден журнал со импакт - фактор, на една монографија во издание на Српската академија на науките и уметностите, а бил и рецензент на повеќе трудови во списанија во Р. Македонија. К.Тренчевски учествувал на 36 научни манифестации со свои трудови, од кои 25 надвор од Македонија, и тоа еднаш како пленарно предавање по покана, а другите секциски. Презентирал свои трудови и на 12 научни манифестации во Р. Македонија. Тренчевски има објавено една научна монографија под наслов"Complex commutative vector valued groups" МАНУ, 1992, во коавторство со проф. Д.Димовски. Има објавено еден универзитетски учебник, 5 средношколски учебници, 3 учебници за основно образование, 3 учебни помагала за основно образование, како и 6 книги како литература по математика за надарени ученици.Од 1996 г. е во издавачкиот совет на меѓународното списаниеBalkan Journal of Geometry and Its Applications,aбил и член на Издавачкиот совет на Годишниот зборник на Институтот за математика. Одговорен уредник е на Редакцискиот одбор на списанието Нумерус наменето за основно образование, а бил член на Редакцискиот одбор на списанието Сигма, наменето за средното образование. Бил член на научен организационен одбор на конференција во странство како и на домашна конференција. Досега учествувал во 16 научно-истражувачки проекти: во 2 странски како член, и во 14 домашни, од кои на три бил раководител. Ментор е на еден докторант, еден магистрант, како и голем број дипломци. Во учебната 1998/99 г. бил продекан за настава и наука на ПМФ, а од 2005 г. е декан на ПМФ. Бил член на Универзитетската комисија за настава и наука, член на Сенатот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј" во Скопје, а член е и на Интеруниверзитетската конференција. Во 2000 год. бил избран за заменик претседател на Балканското друштво на геометричари со седиште во Букурешт, а член е на,,TensorSociety"од Јапонија. Бил член на Управниот одбор на Сојузот на математичари на Македонија, бил потпретседател на Здружението на математичари и информатичари на Македонија. Десетина години бил престедател на Комисијата за натпревари по математика, а освен тоа бил водач и заменик - водач на екипите од Р. Македонија на меѓународни олимпијади и балканијади по математика. Активно се служи со англискиот јазик, а пасивно со рускиот.