Navigation
 

Доктор Самарџиски Александар - Редовен професор

Роден во с. Смојмирово, Беровско, во 1938 г. Со исклучок на првите две години, це­ли­от свој работен стаж го поминал на Природно-мате­ма­тич­киот факултет како асистент и наставник. Основно образование завршил во родното место, а средно во Берово. Во учебната 1957/58 година се запишал на групата за математика на Природно-математичкиот факул­тет во Скопје, каде што дипломирал во 1961 г. со сре­ден успех 9,22. Во 1966 г., како асистент на Природно-матема­тичкиот факултет во Скопје, се запишал на постдип­ломски сту­­дии по математика на Природно-математичкиот факул­тет во Белград кои ги завршил на 10.4.1971 г. со одбрана на магистерската работа под наслов "Коначне геометријске структуре". Во текот на 1972/73 год. прес­то­јувал 14 месеци на Универ­зитетот во Тибинген, СР Гер­манија, како стипендист на DAAD. На 1.6.1974 г. на Природно-математичкиот факул­тет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов "За некои класи Штај­нерови системи". По дипломирањето, од 1.9.1961 до 1.9.1964 г. (со прекин за отслужување на во­ената обврска), работел како професор по математика во гимназијата во Берово, а потоа се вработил како асистент по математика на Природно-математичкиот фа­култет во Скопје. Во јануари 1972 г. бил избран за доцент по геометрија, а во истото звање преминал и на новоформираниот Мате­матички факултет. Во 1978 г. бил избран за вонреден професор, а во 1984 г. за редовен про­фесор по геометрија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1968/69 година, како асистент, изведувал настава по елементарна и проективна геометрија. По изборот за доцент изведувал настава по предметите елементарна гео­метрија, проективна геометрија и алгебра (за вонредните студенти од Лесковац). По изборот за вонреден професор изведувал настава по геометриски трансформации, про­­ективна геометрија, теорија на броеви, топологија, практикум, како и еден спе­цијален курс по геометрија (геометрии над алгебри) на постдипломските студии во Приштина. Стручната и научната работа му е доста богата. Има објавено 19 научни трудови (од кои еден во странство), 3 збирки задачи по алгебра и векторска алгебра, 6 стручни труда, 11 учебници или учебни помагала за средно и високо образование, а бил и раководител на три научни проекти. Почина во 2001 г.