Navigation
 

Д-р Димовски Дончо - Редовен професор

Роден на 1 октомври 1954 г. во Битола, каде што се здобил со основно и со средно образование. Во учебната 1973/74 г. се запишал на Математичката група на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирал во јуни 1976 г., за помалку од три години, со успех 9,48, со дипломска работа "Адитивни полугрупи на цели броеви", под менторство на проф. Ѓорѓи Чупона. Магистерските студии Димовски ги завршил со одличен успех за две години, во 1979 год. со одбрана на магистерската работа "P-локализација на 1-сврзани CW-комплекси", под менторство на проф. Смилка Здравковска. Во септември 1980 г. се запишал на докторски студии на Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД, а докторирал во мај 1983 г. со одбрана на докторската дисертација "Non-simply connected Casson Handles", под менторство на проф. Рос Геген, а неговата дисертација е наградена како најдобра во таа година и му е доделена диплома со следнава содржина: "In recognition of an autstanding dissertation in the field of Science and Mathematics, Binghamton University hereby presents to Donco Dimovski the Distinguished Disssertation Award 1983". Досегашна професионална дејност: во 1976 е примен за аситент на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1980 до 1983 бил на докторски студии на Државниот Универзитетот на Њујорк во Бигхамтон, САД. Во 1984 е избран за доцент на Природно-математичкиот факултет. Од 1.1990 до 06.1990 бил визитинг професор на Универзитетот Корнел, САД, а од 7.1990 до 9.1990 на Универзитетот Карлетон, Отава, Канада. Во 1989 е избран за вонреден професор, а од 1994 г. е редовен професор на Природно-математичкиот факултет. Исто така, во досегашната 29-годишна наставна дејност изведувал настава на додипломските и постдипломските студии и на универзитетите во: Битола и Приштина. Научната дејност д-р Дончо Димовски се довива во неколку области: геометриско-комбинаторна топологија (специјално: 4-многуобразија, јазли и сплетови); еднопараметарска теорија на фиксни точки; хомогени компакти; динамички системи; и алгебарски, тополошки и комбинаторни векторско вредносни структури, со соодветни примени во физика, статистика и информатика. Објавил 52 научни труда и 2 монографии. За резултатите добиени од областа на векторско вредносните алгебарски, тополошки и комбинаторни структури ја добил наградата "Гоце Делчев" за 1989 г. Соработувал во научно-истражувачки проекти (некои од кои работени при МАНУ). Раководител бил на неколку научно-истражувачки проекти, од кои еден меѓународен (со Словенија), финансирани од Министерството за наука. Соработник бил во работата на проектот "Улогата на природните науки во образовниот процес", финансиран од УНЕСКО. Во последните години, тој е координатаор на ДААД проектот Center of Excelence for application of Mathematics, (Центар за успешност во примената на математиката) за Македонија, во кој се вклучени Институтот за математика при Бугарската академија на науките, Софија, и универзитетите од Пловдив, Благоевград, (Бугарија), Ниш и Нови Сад (Србија); Клуж (Романија) и Скопје. Ментор бил на повеќе од 150 студенти при изработката на нивните дипломски работи, на 7 студенти при изработката на нивните магистерски работи и на 4 докторски дисертации (3 во Скопје и 1 во Приштина). Во моментот е ментор на 2 студента за изработка на магистерска работа и на 2 кандидата за изработка на докторска дисертација. Член е на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), на Американското математичко друштво (АМЅ), а во последните четири години е член во Извршниот одбор на Математичката асоцијација на Југоисточна Европа МАССЕЕ (Балкански математички сојуз). Во СММ бил член на Управниот одбор и на уредувачкиот одбор на Математичкиот билтен. Бил и е уредник и главен уредник на списанијата Математички Билтен, Сигма и Нумерус. Во последните три години е главен и одговорен уредник на списанието Математика Македоника. ...