Navigation
 

Доктор Пандески Никола - Редовен професор

Роден во 1948 г. во Охрид. Ос­новно и средно образование завршил во Охрид. Во 1971 г. дипломирал на Групата за математика при Природно-мате­матичкиот факултет во Скопје. Во 1972 г. е избран за асистент на Институтот за матема­тика при ПМФ во Скопје, а во 1971 г. се запишал на постдип­ломски студии на Институтот. Магистерскиот труд "Лиеви групи и пет­тиот проблем на Хилберт" го одбранил во јануари 1977 г. Во 1984 г. ја одбранил докторската дисертација "Максимални идеали на алгебрата Н од ограничени аналитички функции во едини­чната топка од Sp." Во 1984 г. е избран во звањето доцент по математичка ана­лиза, во 1993 г. е избран за вонреден професор, а во 1998 г. за редовен професор по математичка анализа на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Изведувал настава по ком­плексни функции, нумеричка анализа за гру­пата математика математика I и II за физичари, математика I за групата математика-физика, диференцијално и интегрално сметање за информатика. Изведувал настава и по математика I на Шумарскиот факул­тет, а учествувал и во спроведувањето на наставата по математика на Педагошкиот факултет во Штип. На постдипломските студии по математичко образование одржувал настава по споредбено образование и современи образовани системи, а на постдипломците по теориска математика им одржувал стручни семинари од областа дистрибуции, конформни пресликувања, Hp простори. Бил ментор на осум магистерски трудови и на две докторски дисертации, а бил член на комисија на уште неколку магистерски трудови и седум докторски дисертации. Бил ментор и на повеќе од 100 дипломски работи. Научен интерес на д-р Никола Пандески беа проблемите од аналитички функции, теоријата на дистрибуции-обопштени функции, интерполациони проблеми. Учествувал со свои соопштенија на меѓународни конференции во Аранѓеловац, Белград, Будва, Херцег Нови, Петровац, Ниш, Нови Сад (СР Југославија), Пловдив, Софија и Варна (Бугарија) и во Охрид. Во 1973 г. бил на студиски престој во Загреб (Хрватска), а во 1977-78 година бил на студиски престој на Универзитетот Беркли - Калифорнија, САД. Во периодот 2002-2005 година беше продекан за меѓународна соработка на ПМФ, кога се остварени голем број контакти со реномирани научни институции од странство. Беше и претседател на организациониот комитет на Третиот конгрес на математичарите на Македонија, како и уредник и рецензент во повќе списанија. Раководител беше на два научни проекти "Апроксимации во реална и комплексна област и НP прос­тори" и учесник во проект раководен од проф. д-р Драган Димитровски. Има објавено учебник по математичка анализа за физичари, како и 32 научни труда во домашни и во странски списанија. Почина во 2006. ...