Navigation
 

Магистер стојковска Ирена - Асистент

Родена на 4 април 1977 г. во Скопје. Основно и средно образование завршила во Скопје. Во тој период освоила повеќе награди на републичките и на сојузните натпревари по математика, како и бронзен медал на Првата македонска математичка олимпијада во 1994 год. Во учебната 1995/1996 година се запишала на Природно-математичкиот факултет, Група математика - наставна насока. Во текот на студиите учествувала на V Меѓународен натпревар по математика за студенти, во 1998 г. во Благоевград, Бугарија, кадешто освоила III награда. Студиите ги завршила во 1999 г., за четири години, со просечен успех 9,79, за што е прогласена за најдобар дипломиран студент на ПМФ во Скопје, за учебната 1998/99 година. Во учебната 1999/2000 год. запишала постдипломски студии на Институтот за математика, ПМФ, при што го одбрала полето на математичко програмирање, како поле за работа, под менторство на д-р Ристо Малчески. Во мај 2004 г., со јавна одбрана на магистерскиот труд под наслов "Дуалност во математичко програмирање", се здобила со академски степен магистер на математички науки. Во ноември 2000 год. стапила во работен однос како стручен соработник на Институтот за математика, а во октомври 2002 год. е избрана во звањето помлад асистент. Во декември 2004 г. е избрана во звањето асистент на Заводот за применета математика на Институтот за математика. До овој период има работено како асистент на повеќе предмети. Некои од нив се: математичка анализа 1, веројатност и статистика, нумеричка анализа, математичко програмирање, стохастичко програмирање, це­ло­број­но програмирање. Член е на стручните комисии за натпреварите по математика за основното и за средното образование при СММ. Била координатор на Јуниорската балканска математичка олимпијада (ЈБМО) во 2000 г., Охрид, Македонија; водач на екипата за ЈБМО 2002 г., Тиргу Муреш, Романија; водач на екипата за Интернационалната математичка олимпијада (ИМО), 2003 г., Токио, Јапонија, и водач на екипата за Балканската математичка олимпијада (БМО), 2005 г., Јаши, Романија. Во текот на учебната 2003/2004 г. била член на Редакцискиот одбор на математичкото списание Сигма. Била член и на Организациониот одбор на 3 Конгрес на математичарите на македонија, 2005 г., Струга, Македонија. Учествувала на повеќе курсеви, конференции и конгреси, на кои излагала и свои соопштенија: учество на 2 Конгрес на математичарите и информатичарите на Македонија, 2000 г. во Охрид, со соопштението"Осврт на темата комплексни броеви во втора година во природно-математичка гимназија", Р. Малчески, А. Малчески, И. Трајковска, и учество на 3 Конгрес на математичарите на Македонија, 2005 г., Струга, со соопштението "Теоремата на Минимакс и дуалноста во математичкото програмирање". Се јавува како коавтор на две книги: Б. Пиперевски, Р. Малчески, А. Малчески, И. Трајковска, Избрани содржини од елементарна математика 2, СММ, Скопје, 2001, и И. Трајковска, Ѓ. Маркоски, Р. Малчески, Одбрани задачи по елементарна алгебра, Нумерус, Скопје, 2003; автор на статијата "Парадокси", Сигма, 24/1, Скопје, 2003/2004 (1-8).Нејзино поле на интерес е областа применета математика, поточно областа математичко програмирање, оптимизација и стохастичко програмирање.