Navigation
 

Магистер Топузоски Сузана - Асистент

Родена на 28 мај 1974 г., во Зеница, Босна и Херцеговина. Основно и средно образование завршила во Струга, со континуиран одличен успех. Во 1993 г. се запишала на Институтот за физика, При­родно-математички факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј”, Скопје, насока-применета физика. Паралелно со оваа насока ги ислушала и ги положила и испитите од наставната насока. Дипломирала во 1999 г. како најдобар студент на физика, стекнувајќи се со титулата дипл. инженер по физика и со еквивалентност за завршена наставна насока. На постдипломски студии (насока-физичка оптика) се запишала во 2000 г., на истиот Факултет, а ги завршила во 2003 г., со одбрана на магистерската работа Оптички истражувања на дифракциони апертурни елементи со косинусно закривени рабови.Во октомври 1999 г. е избрана за помлад асистент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје, а во 2004 г. е избрана во звањето аси­стент на истиот Институт. Одржува нумерички и лабораториски вежби по предметот оптика (за студентите по физика), физика(за студентите по математика) и лабораториски вежби по методика на демонстрациони експерименти по физика (за студентите на физика) и демонстрациони експерименти по физика (за студентите на математика-физика). На научно поле, м-р Сузана Топузоски работи во областа на дифракцијата на ласерска светлина од дифракциони оптички елементи, холографија, и на теориски и експериментални проблеми што се однесуваат на добивање ласерски зраци со фазни сингуларности и недифрактирачки зраци. Има објавено 11 научни трудови (од кои 6 во меѓународни списанија, а 5 во домашни) и 5 стручни труда. Учествувала на 10 научни конференции (од кои 6 од интернационален карактер) и на две меѓународни школи по оптика. Притоа презентирала вкупно 11 трудови (на секциски предавања), од кои 8 на конференции надвор од Р. Македонија. Била член на организационите одбори на 2 конференции на Друштвото на физичарите на Р. Македонија (ДФРМ). Учествувала во еден домашен научноистражувачки проект и во еден меѓународен проект за унапредување на образованието. Има реализирано два научни престоја на Институтот Ismra-Ensi, Каен, Франција (првиот престој бил во период од 1 мај до 1 јули, 2000 г., а вториот во периодот од 30 мај до 1 јули, 2001 г.) каде што изработила дел од експерименталната работа за магистерскиот труд. Во 2006 г. го добила грантот STEP Fellow, за изработување на дел од докторската дисертација во Sinhrotron Elettra, Трст, Италија. Првиот (од вкупно трите планирани) престој го реализирала во периодот од 15 март до 15 јуни 2006 г. Како член на ДФРМ (каде што била благајник во изминатиот мандат, а во тековниот мандат е секретар), учествувала во органи­зирањето и одржувањето на повеќе активности (летна сесија на Школа млади физичари, регионални и држав­ни натпревари по физика за учениците од основните и од средните училишта, Светска година на физика­та). Сузана Топузоски е член и на Европското друштво на физичарите и на Интернационалното здружение за опти­чко инженерство. Говори англиски и француски јазик. ...