Д-р Галбова Дељановска Олга - Вонреден професор

Родена на 6 ноември 1960 г. во Ташкент, Узбекистан. Студиите по применета физика на Факул­тетот за физика во Скопје ги завршила во 1984 г. со одбрана на дипломската работа со наслов Аномален скин-ефект во тенки филмови. Од 1 април 1985 г. е вработена на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје. Постдипломските студии по теориска физика на Институтот за физика при ПМФ ги завршила во 1991 г. со одбрана на магистерскиот труд под наслов Високофреквентни акустични појави во метали. Во 1997 г., со одбрана на докторската дисертација со наслов Електроакустични феномени во спроводни средини (нискодимензионални структури, нелине­арни ефекти, сендвич структури)”, се здобила со титулата доктор по физички науки. На 17 март 1992 г. е избрана во звањето асистент по теориска физика на Институтот за физика при ПМФ. Како асистент изведувала нумерички вежби по квантна механика, математичка физика и општа физика и лабораториски вежби на студиски групи на други институти на ПМФ, како и на други факултети на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Во 1998 г. е избрана во звањето доцент, а во 2002 г. во звањето вонреден професор на ПМФ. Како наставник одржувала предавања по предметите: општа физика за студентите по хемија и теориска електродинамика со специјална теорија на релативноста за студентите по физика. Остварила 11 студиски престои во институции во различни земји, меѓу кои: Украина, Италија, Бугарија, Данска, Шведска, САД, Грција, Полска и др. Учествувала со научни презентации на 17 конференции: четири во Републиката, а другите во различни европски земји. Има објавено 17 научни труда од кои три се објавени во домашни списанија, а 14 во меѓународни списанија.. Од научните трудови се издвоени следниве пет: O. Galbova, G. Ivanovski, O. V. Kirichenko, V. G. Peschansky, Electroacoustic effects in low-dimensional conductors in a magnetic field, Low. Temp. Phys. 22, 425 (1996);O. Galbova, G. Ivanovski, O. V. Kirichenko, V. G. Peschanski, Acoustic transparency in layered conductors, Low.Temp.Phys. 23, 173 (1997); O. Galbova, G. Ivanovski, D. Krstovska, High-freqency characteristics of non-contact electromagnetic exitation of transverse acoustic wave in quasi-two-dimensional conductors, Fiz. Nizk. Temp.29, 1237 (2003); O. Galbova, G. Ivanovski, D. Krstovska, Termoelectric effects in layered conductors in magnetic field, Fiz. Nizk. Temp. 30, 309 (2004); D. Krstovska, G. Ivanovski, O. Galbova, High frequency properties of quasi-two-dimensional conductive film, Eur. Phys. J. B, 45, 325-330(2005). Како член учествувала во шест научноистражувачки проекти финансирани од Министерството за образование и наука на Р. Македонија. Раководител била на на­учно­истражувачкиот проект Фотометриски и астрометриски проучувања на астероидниот појас, кој се работеше во периодот од 2001 до 2004 г., и на еден Темпус-проект: Истражувања на пазарот на трудот за потребата од различни профили на физичари. Нова саплемент диплома во периодот од 15.10.2005 до 15.10.2006 г. Член е на стручните здруженија: Друштво на физичарите на Р. Македонија, Македонско астрономско друштво и Скопско астрономско друштво. Организатор била на летни сесии на Школа млади физичари и на зимски школи по астрономија и има објавено повеќе стручни трудови во списани­ето Импулс, во Билтенот на ДФ во публикациите на Школа млади физичари како и на Зимската школа по астро­номија. Како заменик на претседателот (поради отсуство на д-р Мимоза Ристова) во периодот 2003-2004 г., ја организирала 5. Конференција на Друштвото на физичарите на Р. Македонија што се одржа во септември 2004 г. во Охрид. Член е на уредувачките одбори на списанијата Physica Macedonica и Импулс. Од 25 ноември 2004 г. Олга Галбова ја извршува функцијата на шеф на Институтот за физика при ПМФ.