Д-р Стојанов Наце - Доцент

Роден во Велес на 21 јануари 1964 г. Основно и средно образование завршил во родниот град со контину­иран одличен успех. На студиите по применета физика се запишал во 1985 г., а дипломирал во 1990 г. Постдипломски студии по квантна и статистичка физика запишал во 1991 г. на Институтот за физика, а магистрирал на тема “Структурни промени во систем од еднодимензионална магнетна решетка и неутрални честици со спин1/2“во 1995 г. Докторската дисертација на тема “Каналирање на релати­ви­стички протони во закривен кристал на силициум“ ја одбранил во 2003 г. на Институтот за физика. За стручен соработник е избран во 1991 г., а за помлад асистент во 1994 г. За асистент на Институтот за физика е избран во 1997 г. а со звањето доцент се здобил во 2004 г. Во изминатиот период држел лабораториски вежби по предметите: општа физика за фармација, хемија, информатика, рендгено­логија, земјодел­ски и шумарски науки; како и физика 1 со практикум за двопредметните студии по математика-физика и компјутерска физика за студиите по физика. Држел и нумерички вежби по предметите: статистичка физика, теориска механика и физика 1 со практикум. По изборот во звањето доцент изведува настава по предметите: статистичка физика, компјутерски практикум за физичари и современа физика. Главно подрачје на научната работа му е компјутерската симулација на каналирањето на релативи­стички протони во закривени кристали, а работел и во областа на статистичките и квантномеханичките истражувања на еднодимензионални магнетни системи. Во изминатиот период има објавено вкупно 13 научни трудови од кои 5 во меѓународни списанија, а другите се печатени во домашни и во странски списанија и во зборници на научни трудови. Со свои прилози (постери или усни презентации) учествувал на 14 конференции, од кои 8 странски. Член е на уредничкитe одбори на зборникот за научни трудови Physica Macedonica и на популарното списание Астрономски алманах. Учествувал во работата на 5 домашни научноистражувачки проекти и на 4 меѓународни проекти за унапредување на образованието. Престојувал на Институтот AMSTEL во Амстердам, Холандија, на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Грција, и Институтот за нуклеарни науки „Винча“, Република Србија. Од 2004 година е раководител на Заводот за теориска физика при Институтот за физика, а е активен член во Македонското астрономското друштво од неговото основање. Активно го користи англискиот јазик. ...