Navigation
 

Д-р Урумов Виктор - Редовен професор

Роден во Белград на 9 јануари 1946 г. Основно училиште (Петар Петровиќ Његош) и гимназија (Јосип Броз Тито) завршил во Скопје. На повеќе натпревари по математика и физика бил наградуван (прва награда на Сојузниот натпревар по математика во Белград, и втора награда на Меѓународната олимпијада по математика во Москва, 1964). Дипломирал на Факултетот за физика на Московскиот државен универзитет (1969). Магистрирал (1971) и докторирал (1973) на Универзитетот Викторија во Манчестер со теми од областа на теоријата на полиелектролитни раствори. Професор Урумов работи на Природно-математичкиот факултет во Скопје од 1969 г., прво како асистент по теориска физика, потоа доцент (1977), вонреден (1982) и редовен професор (1989) по предметот математичка физика. Како асистент држел вежби од теориските предмети, а исто така и лабораториски вежби од општа физика. Настава држел по повеќе теориски предмети, на ПМФ во Скопје и на универзитетите во Битола, Приштина, Гејнсвил (Флорида) и Сиди-бел-Абес и Оран во Алжир, меѓу кои покрај основниот предмет се и предметите: општа физика, применета математика, егзактно решливи задачи во статистичка механика, статистичка физика, квантна механика, компјутерска физика и историја на физиката. Има објавено учебник по математичка физика (Просветно дело, Скопје, 1996). Објавил 57 научни работи, од кои приближно половината во странски списанија. Во приближно половината од објавените трудови професор Урумов се појавува како единствен автор. Дел од научните работи се однесуваат на точно решливи Изингови модели на фазни премини, а дел се однесува на универзални константи поврзани со еднодимензионални пресликувања, како и на други теориски задачи од класична, квантна и статистичка механика. Објавил и 55 статии, односно написи, главно во Македонија, што се поврзани со образованието по физика, историјата на физиката и нејзината популаризација. Има објавено и две книги со задачи од меѓународните олимпијади по физика (1999), односно математика (2000, со К. Тренчевски). Одржал 29 предавања, односно семинари, од кои околу половината надвор од Македонија, во високошколски институции, односно на национални или меѓународни конференции. На 69 меѓународни или национални конференции имал устни или постерски соопштенија. Работите му се цитирани од автори надвор од Македонија во 49 публикации. Бил ментор на две докторски дисертации и четири магистерски работи, како и на поголем број дипломски работи. Неколку пати имал раководни функции, продекан (1981-83) и декан (1983-85) на Факултетот за физика, раководител (1989-1991) на Заводот за теориска физика и (2003-2004) на Институтот за физика. Бил координатор на првиот ТЕМПУС проект на Институтот за физика (1998-2001) и ја организирал првата студија за атмосферската загаденост со тешки метали што ја опфаќа целата територија на Република Македонија и во која се користи методот на биомониторинг со помош на примероци на мов. Активно работел во Друштвото на физичарите на Македонија, особено како претседател (1993-97). Во тој период е организирана првата конференција на ДФМ, остварен е прием на ДФМ во Балканската унија за физика (Измир, 1994) и во Европското друштво за физика (Бад Хонеф, 1995). Десетина години најнепосредно учествувал во организацијата на натпреварите по физика во Македонија и во сите 10 настапи на наши ученици на Меѓународните олимпијади по физика почнувајќи од 1996 г. бил раководител на македонската екипа. Оттогаш македонски ученици учествуваат и на натпреварите Прв чекор кон Нобелова награда по физика и на Меѓународна конференција на млади научници. Од 1994 до 2002 г. бил член на Извршниот одбор на Балканската унија за физика, а од 2006 г. е член на Извршниот одбор на Европското друштво за физика. ...