Navigation
 

Д-р Андоновски Александар - Редовен професор

Роден на 1 март 1939 г. во с. Лесково, Демир Хисар, каде што го завршил основното образование. Средно образование (учителска шко­ла) завршил во 1959 г. во Битола. Две години работел како учител во Демир Хисар. Од 1961 до 1965 г. студирал фи­зи­ка на ПМФ во Скопје и за четири години дипломирал со сре­ден успех 8,84. По отслужувањето на воената обврска, рабо­тел во Гимназијата "Ј. Б. Тито" во Битола. На 1 јуни 1967 г. станал асистент по екс­периментална физи­ка на ПМФ во Скопје. Во учеб­ната 1969/70 г. се запишал на постдипломски сту­дии на насоката физичка оптика и магистрирал во 1972 г. на тема Расејување на светлината (теориски осно­ви и при­мена). Во 1977 г. ја од­бранил докторската дисерта­ција под наслов Истражување на надмолекуларни струк­тури на PVC полимерот во органски растворувачи со ра­се­ју­вање на светлината во и надвор од електрично поле. За предавач е избран во 1976 г., за доцент во 1978 г., за вонреден професор во 1983 г. и за редовен професор во 1988 г. За редовен професор е реизбран во 1994 г. Уште пред изборот за предавач, во учебната 1974/75 г., држел настава по предметот спектрос­ко­пија сè до уебната 1988/89 г. Од учебната 1989/90 г. држел настава по предметите атомска физика со спектроскопија и биофизика за студентите по физика. Покрај тоа држел настава и за студентите од Рударско-гео­лош­киот факултет во Штип, за студентите по производно-техничко образо­вание и по сто­ма­тологија. За предметите спектроскопија и биофизика, кога за првпат биле воведени, офор­мил лабораториски практикуми. На студиски престои, односно специјализации, бил на Институтот "Руѓер Бошко­виќ" во Загреб (1971), во БАН Софија (1975/76) и на Техничкиот универзитет во Западен Берлин (1980/81), а имал и краток престој во лабораториите за електрооптика на универзитетите во Сау­темптон, Аберсвит, Манчестер и Шефилд (1986). Ја развил научноистражувачката лабораторија за електрооптика на дисперзни сис­теми со следниве методи: статичко расејување на светлината во и надвор од електрично поле; динамичко расејување на светлината; двојно прекршување на светлината во електрично поле; импендансна спектро­метрија; електричен отпор на изолатори; вискозиметрија на високомолекуларни соединенија; еластични константи на течни кристали; диелектрична и оптичка анизотропија на течни кристали. За потребите на повеќе стопански организации учествувал во експериментални мере­ња од различен вид. Бил раководител на четири домашни проекти и на еден меѓународен проект, а учествувал и во четири други проекти (еден меѓу­на­роден). Има објавено 50 научни труда во списанија во земјата и 20 научни труда во стран­ски списанија. Меѓу објавените трудови, како пет најзначајни може да се наведат: A. Andonovski, S. Stoilov, S. Sokerov, Electrical relaxation of polymer supramolecular structures, 26th International Simposium on Macromolecules, Mainz, II, p.1008 (1997); A. Andonovski, M.Ginovska, Electrooptical investitigation of nematic liquid crystal with method of dielectrometry, Proc. Of SPIE, 4017, 230-237 (1999); M. Ginovska, G. Gzechowski, A. Andonovski and J. Jadzyn, Dielectric relaxation and viscosity of mesogenic n-heptylcyanobphenil, Polish J.Chem, 75,1505-1511 (2001); M. Ginovska, G. Gzechowski, A. Andonovski and J. Jadzyn, Dielectric, Viscous and Elastic Properties of nematogenic 1-(4-transpropylcylclohexyl)-2-(4-cyanophenyl) ethane, Liquid Crystals, 29, 1201-120 (2002); S. Rendevski and A. Andonovski, Reaggregation on sodium alginate migrogel structures after shear-induced deaggregation at filtering, Polymer Bulletin 54, 93-100 (2005). Еден е од авторите на два средношколски учебника. Има објавено 20 стручни труда и 23 написи за популари­­зација на фи­зи­ката. На научни манифестации презентирал 40 трудови. Бил ментор на 7 магистерски работи и на 4 докторати. Соработувал со Факултетот за физика во Софија, а одржува постојана соработка и со проф. д-р С. Стоилов од Институтот за физичка хемија, БАН, Софија. Во рамките на Школата млади физичари одржал бројни предавања, учествувал во комисии за републичките натпревари по физика и самиот бил претседател на овие комисии, а како претседател на Претседателството на СДФ од Републикава во 1984 го организирал сојузниот натпревар по физика во Банско кај Струмица. ...