Navigation
 

Академик д-р Ристов Милчо - Редовен професор

Роден на 5 ноември 1931 г. во Ра­довиш, каде што го завршил основното образование. Сред­но­техничко училиште (хе­миско-технолошка насока) завр­шил во Загреб како ученик на генера­ција­та. Дипломирал на Филозофскиот факултет (Гру­па физика) на Универзитетот во Скопје како најдобар дипломи­ран студент во генерацијата, за што бил награден. Постдипломски студии по теориска физика завршил на Универзи­те­тот "Викторија" во Манчестер, Англија, како стипен­дист на УНЕСКО, со одбрана на маги­стерскиот труд под наслов “Feroelectrical properties of Deoxyriibonucleic Acid”, во 1962 г. Докторирал во 1970 г. со одбрана на тезата Нискофреквентна волтамперна карактеристика на плазма одржувана со високо фреквентно поле на Природно-математичкиот факултет во Скопје. За особени успеси во научната работа, во 1983 г. беше избран за дописен, а во 1988 г. за редовен член на МАНУ. Една учебна година бил средношколски професор по фи­зика, а асистент на Институтот за физика ста­нал во јуни 1956 г. Ги предавал предме­тите: електроникаи апарати и инстру­менти во лабораторија(за физи­чари), елек­троника(за студентите по метеоро­логија), основи на електроника (за двопредметната настава матема­тика-физика) и електронски инстру­менти (за студентите по хемија). Голем е придо­несот на академик Ристов и во осмислувањето, организирањето и рабо­тењето на постдипломските студии по физика на кондензирана ма­терија и по сончева енергија на Институтот за физика (како наставник и како ментор на повеќе магистерски ра­бо­ти). Исто така, бил анга­жиран и на постдипломските студии по сончева енергија на Елек­тротехничкиот факултет во Скопје. Акад. Ристов бил мен­тор или консултант при изработката на голем број докторски дисертации на Институтот за физика, но и на дру­ги факултети на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј". Автор е на учебник и практикум по елек­троника и коавтор на практикум по предметот апарати и инструменти. Научниот опус на акад. Милчо Ристов е необично обемен и навлегува во различни об­ласти на физичките науки: физичка електроника, физика на плазма, физика на кондензирана материја (метали, легури). Особено значајно место во неговиот истражувачки опус зазема физиката на полуспроводниците, а посебно фото­волтаичната конверзија, електро­хромизмот. Академик Ристов може да се смета за основач на посебната школа за тенки филмови во која се вклу­чија повеќе соработници од институтите за физика и за хемија на Природно-математичкиот факул­тет, од Електротехничкиот, Технолошко-металуршкиот факултет и од Цента­рот за енерге­ти­ка и информатика при МАНУ. Особено е значаен неговиот придонес во побудувањето на интересот во нашата држава и пошироко за ползувањето на сонче­ва­та енергија преку фотоволтаичната конверзија. На­учната активност на академик Ристов во послед­ните триесет години од неговиот животен и работен век беше насочена кон правење тенкофилмови мете­ри­јали и кон про­учување на нивните својства од аспект на применливоста во солар­ната технологија. Учествувал (најчесто како раководител) во повеќе од 20 научноистражувачки (национални, југословенски и интернацио­нални) проекти. Резултатите на неговата обемна на­учна работа се публикувани во интерни изданија (Универзитет во Манчестер), во македонски (над 70 публикации), југословенски (десетина) и во интернационални списанија (дваесетина). Со научни соопштенија учествувал речиси на сите југословенски симпозиуми по физика на кондензираната материја и на конгреси на Друштвото на математичарите, физичарите и астрономите на Југославија, како и на неколку македонски и интернационални собири. Соработувал со повеќе институции: Универзитетот во Воронеж, САНУ, Институтот за физика на Бугарска­та акаде­мија на науките (Софија) итн. Академик Ристов пројавил особена активност и во апликативната и во стручната дејност. Подолго време бил надворешен соработник на Центарот за говор, слух и глас при Медицин­скиот факултет во Скопје, од кој добил благодарница, а патентирал (заедно со уште двајца со­работници) и говорна протеза. Носител е на Орден на трудот со златен венец, пофалница од град Скопје и други, а до­битник е и на највисокото републичко признание наградата "11 Октомври". Академик Ристов почина на 7.8.2005 г. во Скопје. Смртта го затече како активен раководител и истражувач во рамките на европскиот проект, под наслов: Ниско буџетски соларни ќелии од аморфен силициум, кој се работи со 5 европски партнери, а е финансиран од Шестата рамковна програма. ...