Navigation
 

Доктор Гучев Васил - Редовен професор

Роден во Гевгелија на 17 декември 1930 г. Ос­нов­но образование завршил во родното место, а средно во Гимназијата "Јане Сандански" во Струмица. На Природно-ма­тематичкиот факултет во Скопје, Група физика, се за­пишал во учебната 1951/52 г. По покана од тогаш отворената Гимназија "Јосиф Јосифовски" се вработил во Гевгелија ка­ко наставник по физика и математика. По отслужувањето на воениот рок и дипломирањето, се вработил во Училиштето за образование на возрасни "Благој Давков" во Скопје. На Институтот за физика при ПМФ, по изборот за асис­тент, стапил на работа во септември 1961 г. Изве­ду­вал вежби и демонстрации за студентите физичари, математичари, хемичари, биолози и географи од ПМФ, како и за студентите од други факултети на Универзитетот "Кирил и Методиј" ме­ди­цинари, стоматолози, технолози, електрома­шин­ци итн. Во 1962 г. ја завршил Школата за работа со радио­ак­тивни изотопи при Сојузната комисија за нуклеарна енергија. Во 1970 бил хабили­тиран и избран за доцент. Во 1975 г. ја одбранил докторската дисертација под наслов Специфичниот електричен отпор, термичкиот коефициент на електричниот отпор и Хол коефициентот на легурите од системот кадмиум-антимон како индикатори за утврдување на фазниот дијаграм. Предавања и вежби изведувал по предметите: мерења во физиката, предмет што тој го вовел на Институтот, и методика на наставата по физика со хоспитации. Бил продекан на Факултетот за физика, продекан на ПМФ, претседател на Сојузот на друштвата на физичарите на Македонија, претседател на Редакцискиот одбор на Билтенотна СДФ на СРМ, потпретседател на Комисијата за термометрија при Сојузниот завод за мер­ки и благородни метали, претседател на Управниот одбор на Центарот за примена на радио­активни изотопи и др. Неговата научна активност била насочена кон областа на физиката на металите и ле­гурите, како и кон примената на радиоизотопите во анализата на лесни елементи. Учествувал во пет на­учни про­екти, објавил три труда во странство, пет во списанија надвор од РМ и повеќе во списани­ја во Република Македонија. Се занимавал и со апликативна дејност, и тоа од областа на испитувањата на некои параметри на кабли, при што дејноста би­ла спроведувана во соработка со фабрика во Неготино, а мерењата на топлоспроводливост во соработка со гра­дежната оператива. Работел и на примената на радио­изотопи преку Центарот за примена на радиоизотопи во Скопје. Соработувал со Физичкиот институт при Јагиелонскиот универзитет во Краков (Пол­ска), со ИНН "Борис Кидрич" во Винча, со Центарот за нуклеарни истражувања во Сакле (Фран­ција) и со Центарот за примена на радиоизотопи во Скопје. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец. Д-р Васил Гучев ненадејно почина на 22 ноември 2002 г. во Скопје.