Navigation
 

Доктор Јанаќиевиќ Љиљана - Редовен професор

Родена во Скопје на 28 септември 1938 г. Во Скопје, во 1953 г. го завршила основното, а во 1957 г. средното образование, со континуиран одличен успех. Студиите по физика ги завршила на Природно-математички факултет во Скопје, во јуни 1961 г. Во текот на студирањето повеќе пати била награ­дувана за одлично постигнатиот успех. Била избрана за демонстратор по математичка анализа. Студиите ги завршила како најдобар студент на гене­рацијата на Природно-математичкиот факултет. На постдипломски студии се наоѓала во учебните 1963/64 и 1964/65 г. на Индијана универ­зитетот во Блумингтон - Индијана во САД. Со звањето магистер на физички науки се здобила на истиот универзитет во јули 1965 г. Научното звање доктор по физички науки го стекнала во 1973 г. откако на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, ја одбранила дисертацијата со наслов Теорија на дифракција на светлината на линеарната зонска мрежичка. Во наставно звање асистент по теориска физика била избрана во 1961 г. на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На истиот факултет, во декември 1969 г. била избрана за доцент, во октомври 1975 г. за вонреден професор, а во мај 1981 г. е избрана (и до пензионирањето 2001 г. три пати реизбирана) во звањето редовен професор. Како асистент држела вежби од сите теориски дисциплини, како и од курсевите по општа физика. Како наставник држела предавања по пред­метите: теориска механика, механика на континуирани средини, математички методи во физиката, теориска електродинамика со специјалната теорија на релативност, физичка и квантна оптика, физика за студентите градежници и физика за студентите по геодезија. На постдипломските студии по физичка оптика била ангажирана со наставата по теориска физичка оптика I и II. Научниот интерес на д-р Љ.Јаниќијевиќ е насочен кон проблемите на териската физичка оптика, посебно кон интерферентните и дифракционите појави на хомогена и на ласерска светлина. Автор е на 132 научни труда, од кои 38 се објавени во реномирани списанија надвор од Македонија. Цитирана е од повеќе автори во земјата и надвор од неа. Освен тоа, таа е автор и на 33 стручни труда и на 12 научно - популарни труда од областа на физиката. Од својот научен опус, според сопствен избор, авторката смета дека позначајни се следниве трудови: Љ. Јаниќијевиќ, Холографска теорија на парадоксот на парните фокуси кај Соретова зонска мрежичка, Годишен зборник-Физика,27, 7-29 (1977); Lj. Janicijevic, Diffraction characteristics of square zone plates, Journal of Optics (Paris), 13, 199-206, (1982); Lj. Janicijevic, Hermite-Gaussian beam transformation by a displaced lens at normal incidence, Applied Optics, 25, 4353-4361 (1986); Lj. Janicijevic, Transformation of Gaussian beam by diffraction through diferent types of zone plates, Journal of Optics (Paris),18, No 23-42 (1987); Lj. Janicijevic, T. Tufekcieva, M. Jonoska. Diffraction characteristics of the ring zone plate as a representative of curvilinear zone plates, Pure and Applied Optics, 7, 685-698 (1998). Рецензирала голем број трудови во домашни списанија, 1 моногра­фија, 11 универзитетски учебници и 1 научен проект. Коавтор е на еден средношколски учебник, а се јавува како преведувач на македонски јазик на два универзитетски и на еден средношколски учебник од областа на физиката. Со 45 соопштенија учествувала на научни собири. Од нив 34 биле презентирани надвор од Македонија. Била раководител на 3 научни проекти и активен член на уште 10 други проекти, од кои 3 со меѓународен карактер. Во периодот јануари 1964 - јули 1965 престојувала на Индијана - универзитетот во Блумингтон - Индијана, САД, како постдипломец. Едномесечни научни престои имала и на Јагиелонскиот универзитет во Краков, Полска (1977), како и на Универзитетот во Гент - Бегија и Каен - Франција, во 1999 г. Под нејзино менторство се изработени и одбранети 2 докторски дисертации (во тек е изработката и на трета), еден магистерски труд, како и 27 дипломски труда. Член е на Друштвото на физичарите на Македонија. Била член на органите на ПМФ, на Универзитетскиот центар на математичко -техничките науки и на УниверзитетотСв.Кирил и Методиј. Била продекан на Факултетот за физика и, во три мандати, шеф на Заводот за теориска физика при Институтот. Била претседател на Школата млади физичари, член на Комисијата за наука при СИЗ за наука на С Р Македонија, претседател на Редакцискиот одбор на Годишен зборник-Физика (1983-1994), делегиран член на Комитетот за наука на СФРЈ и делегиран член на Советот на Балканската физичка унија (1993-2001). Носител е на Орден на трудот со сребрен венец. Добитник е на златна плакета на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, по повод 50-годишнината од неговото формирање. ...