Navigation
 

Доктор Мијатовиќ Мијат - Редовен професор

Роден на 15 март 1950 г. во село Вуч­ковица, општина Лучани, Србија. Основно училиште завршил во соседното село Кот­ража, а природно-математичка гимназија во Чачак. Дипломирал во 1973 г. на отсекот за физика на Природно-мате­ма­тич­киот факултет на Универзитетот во Белград. Магистрирал во 1977 г. на Природно-математичкиот факултет во Белград со одбрана на темата "Утицај вибрације кристалне решетке на функције одзива Изинговог модела", а докторирал во 1980 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје со одбрана на докторската дисертација "Структурни премини кај квазиеднодимензионалите магнетици (Спин-Пајерлсов премин кај Изингов модел)". Во периодот од 1974 до 1978 г. работел во Институтот за физика во Белград како помлад асистент, а од 1978 г. е вработен на Институтот за физика на Природно-матема­тич­киот факултет во Скопје. За доцент е избран во 1981 г., за вонреден професор во 1986 г., а за редовен професор во 1992 г. Ги предавал следниве предмети: статистичка физика со термоди­намика и астрономија со астрофизикана Природно-математичкиот факултет во Скопје, а статистичка физика и физика на цврсто тело на Природно-математичкиот факултет во Подгорица, Црна Гора. Објавил 74 научни труда од областа на: квантната и статистичката механика, те­оријата на концентратори, непотенцијалните интеракции и диференцијалните равенки, од кои 60 се публикувани во меѓународни списанија, а другите во национални списанија или во зборници на трудови од научните собири. Презентирал 68 труда на научни собири претежно со меѓународен карактер. Тој бил коавтор на две монографии од областа на теоријата на концентратори и од диференцијалните равенки. Бил член на рецензентските тимови на две меѓународни списанија. Учествувал во работата на 8 научни проекти, од кои 4 во­дел (еден од нив бил југословенско-американски). Бил надворешен соработник на Институтот за нуклеарни науки "Вин­ча" и на Институтот за фундаментални истражувања во Монтеродуни (Италија). Соработувал со следниве научни институти и универзитети: универзитетите во Нови Сад, Белград и Подго­рица, Институтот за физика во Земун, Институтот за нуклеарни науки "Винча", Универзитетот во Патрас (Грци­ја), Институтот за фундаментални истражувања во Флорида (САД). Како член на Друштвото на физичарите на Маке­донија ја пројавил својата активност со одржување на голем број популарни предавања пред учениците и професорите по физика, а исто така и со активниот придонес во работата на комисиите за натпревари по физика. Бил претседател на Републичката Комисија за натпревари, како и член на Сојузната комисија за натпревари по физика. Посебно треба да се одбележи неговата активност во Македонското астрономско друштво на кое беше прв претседател, како и прв главен уредник на списанието Астрономски алманах. Со своето активно залагање придонесе за популаризација на астрономијата во Македонија и за подигнување на нејзинит статус. Бил и претседател на Школата млади физичари. На два пати бил бил шеф на Институтот за физика. Проф. Мијатовиќ ненадејно почина на 25 декември 2000 г. ...